Триумфалната порта во Брисел
Белгија е гостопримлива земја, која нуди многу повеќе од тоа што се пишува и говори за неа. Не е само земја во која се преплетуваат историјата и културата, таа е културен крстопат во Европа, со убавини што предизвикуваат да ги посетиш. Уште повеќе што како во никоја друга европска земја, жителите се љубезни и комуникативни, иако се зборуваат неколку јазици – француски, фламански, германски, англиски. Културната и јазична разновидност е забележлива и во многубројните белгиски институции, но и во политичката историја на земјата. Уште при првата посета на Брисел, кога ме плени со историјата, културата и архитектурата, пред повеќе од десетина години, посакав повторно да дојдам, ама и да прошетам малку повеќе. Мојата желба се оствари. Благодарение на евтините летови од скопскиот аеродром со неколку пријателки, со кои патуваме и крстосуваме низ Европа, стигнавме на аеродромот „Шарл Лероа“. Дилемата беше дали да одиме најпрво во Брисел или да се упатиме кон Гент и Бриж. Двоумењето не траеше долго и решивме, најпрво посета на Гент, па во Бриж и на крајот во Брисел.
Гент „грофовски“ град
За час време стигнавме во центарот на Гент. Првиот впечаток одличен. Како да си дошол во многу едноставен град, ама со архитектура што плени. И чувството е како да си „скокнал“ во средниот век. Гент е убав романтичен град, во кој комплетно е зачуван средновековниот изглед.
Дознавме дека Гент е средновековен „грофовски“ град, кој лежи на реката Леа, која се влева во Шелда. Иако времето не ни дозволи да се возиме со бротчињата низ каналите и под камените мостови за најубавото доживување, сепак вистинско уживање беше прошетката пеш низ третиот град по големина во Белгија со пристаниште на Северно Море.
Најубавата улица е шеталиштето покрај реката, која гледа на катедралата  и на мостот „Ст. Мишел“. Левата страна на реката ја нарекуваат Граислеи и тука се најубавите историски градби. За секоја е врзана различна приказна, додека преку реката е шеталиштето „Коренлеи“.  Преку мостот од едната страна е старата пошта, а преку патот црквата „Св. Никола“, потоа кулата „Белфри“ и катедралата „Св. Бава“. Сите овие импозантни градби се една до друга, сите се културно наследство на УНЕСКО. Катедралата и црквите и внатре се многу убави. Наспроти замокот е помалиот плоштад „Врида“, каде што се белгиската куќа од 18 век, со калдрма, споменик во средината и неколку кафулиња. Во близината на замокот е и регионот Петерхол,  со тесни испресечени улички, каде што можат да се вкусат белгиски специјалитети. Гент на прв поглед ме плени. Тој е особено убаво место, но верувам дека во лето е уште поубав  град. Па, ако имам пригода, повторно би отишла во време кога се одржуваат фестивал на пивото, џез-фестивал, фестивал на светла, филмски фестивал…
Бриж – град од бајките 
За нецел час со воз, во кој удобно патувавме, стигнавме во Бриж. Одлучивме најпрво да се сместиме во хостелот во центарот на градот, најголем во провинцијата Западна Фландрија во фламанскиот регион на Белгија, на северозапад, шести најнаселен град во земјата, а потоа да излеземе да шетаме. По малиот одмор, се упативме кон центарот. Бриж е град историја, град на многу канали и град на пивото. Еден од најсликовитите и најживописните во Белгија, а Белгијците велат дека е најсовршеното место за живеење. Претходно прочитав дека целиот центар на Бриж е на листата на светско културно наследство на УНЕСКО. Беше веќе приквечерина. Убаво украсените градби покажаа дека тука сѐ уште трае божиќниот базар. Како што се доближувавме до центарот, забележував дека градбите тука се автентични, зачувани како што биле во средновековниот период. Стигнавме до плоштадот. Во центарот украсени куќарки во кои се продаваа најразлични производи, наоколу кафулиња и ресторани во убава празнична атмосфера. Беше многу живо, полно со туристи, дошле да прошетаат вечерно и да уживаат во веселата атмосфера. Се качив горе во едно од кафулињата. Убава атмосфера. Пиеш кафе и уживаш во осветлениот град, кој го добил името од зборот бруж, кој во превод значи кеј. Уште од 12  век добил статус на град, а дека бил центар на трговијата, додека владееле бургундските војводи, кои го развиле на секое поле – економско, културно, архитектонско, потврдува и денес. Заморот нѐ совлада и решивме да се вратиме во хостелот, да отспиеме и наредниот ден да го разгледаме градот.
Иако утрото беше малку магливо, сепак ја започнавме обиколката, да ги разгледаме знаменитостите. Најзначајна градба е кулата „Белфри“, висока 83 метри. На посетителот, доколку влезе внатре и се искачи до врвот, му нуди фантастичен поглед на градот и околината. Кулата, некогаш градска куќа, денес е  музеј во кој се наоѓа постојана поставка на Салвадор Дали. Во самото срце на градот е плоштадот „Маркт“. Живописен, опкружен со убави згради од различни периоди. На едната страна е неоготичката зграда на некогашната провинциска влада, додека на другата доминира „Хуис Бушо“ од 15 век.  Наспроти е Краененбург, местото каде што жителите на Бриж ги држеле затворени своите владари. Место идеално за одмор, пиење кафе или топло чоколадо, за вкусување белгиски специјалитети..
Следна атракција е Базиликата на светата крв, која доминира над плоштадот „Бург“. Позната е по тоа што тука се чува кристалното шишенце со капките од Христовата крв, донесена од Ерусалим.  Базиликата има и романска капела, каде што се наоѓа реликвијата „Св. Бализија“, која од Палестина ја донел грофот на Фландрија, Роберт Втори. Градската куќа е една од најстарите во Бриж, која ја раскажува историјата на градот. Највисоката градба во Бриж е црквата „Пресвета Богородица“, висока 112 метри, во која има голем број уметнички реликвии, меѓу кои и Микеланџеловата „Мадона“. Во следната улица е најстарата зграда во градот катедралата „Свети Салватор“, која е извонреден музеј. Убаво е да го посетите музејот „Гронинг“, покрај каналот Дијвер, каде што е изложена највредната уметничка колекција на дела, потоа музејот „Мемлинг“, со дела од Ханс Мемлинг од 15 век. Многу бев задоволна од посетата на Бриж. Ми беше вистинско задоволство престојот тука и ќе ми остане во длабоко сеќавање.
Брисел – интернационална функционална  метропола
Последните два дена од престојот во Белгија ги оставивме за Брисел, интернационалната метропола во која се вкрстуваат култури, јазици, религии, народи. Кога пристигнавме, веднаш се упативме кон „Атомиумот“, да го искористиме времето. Бидејќи доаѓав по вторпат во Брисел, но за жал првиот пат „Атомиумот“ беше затворен, сега беше можноста да влезам во градбата со девет топки меѓусебно споени, кои потсетуваат на структурата на железото. Чувството не се раскажува, се доживува. До врвот отидовме со лифт. На една од терасите го имав најубавиот поглед не само на дел од Брисел туку и на паркот „Мини Европа“, место каде што се наоѓаат репродукции на 350 градби од 80 европски држави, во размер 1:25. Потоа шеташ од една во друга топка и ја дознаваш историјата на „Атомиумот“ изграден во 1958 година за потребите на светска изложба, која стана трајно наследство и симбол на модерниот град.
Малку пеш, малку со автобус, стигнавме до шармантниот плоштад „Гранд плас“ или „Гроте маркт“, според многумина еден од најубавите. И навистина, вечерта беше фантастично. Осветлени градби со различни бои, плус за воодушевување преубава видеоприказна за уживање на секој посетител.
Наредниот ден убаво сончево, иако ладно, саботно утро. Најпрво ја посетивме црквата „Нотр Дам ду Саблон“, најубавата црква во градот, посветена на Св. Михаил и Св. Гудула, готска градба од 1225 година, а завршена во 15 век. Ме воодушеви со импресивната фасада, со двете високи кули и со тоа што се издига величенствено над широките скали. Грандиозно здание. Побрзав да „фатам“ автобус и да стигнам во центарот, на плоштадот каде што ме чекаа моите пријатели Марија и Ѓорѓи Василески, кои поради работните обврски, веќе две години живеат во Брисел. Средбата беше срдечна, топла, за потоа да предложат да ме прошетаат низ шармантниот град, дом на белгиското кралско семејство и главен град на Европската Унија.
На плоштадот ми раскажаа за Градската куќа и Кралската палата. Се фотографиравме, а потоа прошетавме низ многубројни тесни улички, поплочени со камен, низ кои се движеа илјадници туристи. Најпрво стигнавме до „Манекен Пис“, симболот на Брисел, бронзена скулптура со висина од 61 сантиметар. Се фотографирав за спомен, бидејќи „Манекен Пис“ е туристичка атракција, а беше облечен во дедомразовска облека. Оваа скулптура, во зависност од временските периоди, бриселци ја облекуваат во разни облеки. Потоа продолживме низ стариот дел од градот, до поранешната палата на  берзата, сега Музеј на пивото, па во посета на околните градби. Продолживме до Кралската палата, извонредно здание на кое му се посветува внимание, па до неколку музеи. Неизбежна беше прошетката до Европскиот парламент, европскиот дел од градот и на крајот до преубавиот парк „Јубел“, во кој во 1905 г. е изградена Триумфалната порта и е најдолга на светот. Уживавме, разговаравме за животот тука, за тоа што се случува во нашата земја! Марија и Ѓорѓи раскажуваат дека Брисел последната година станал многу скап град за живеење и дека дел од Белгијците оделе да пазарат во соседна Германија. Нема билет за превоз под три евра, а ручек под десет евра. Традиционалните вафли чинат од пет до осум евра, во зависност од тоа со што се вкусуваат, дали само со чоколадо, дали со други производи. Ама, грев е да си во Брисел и да не ги  вкусиш  традиционалните специјалитети. Минутите се редеа еднаподруга, минаа неколку часа во заедничка дружба. Време беше за разделба, тие да заминат дома со обврските со децата, а јас уште малку да прошетам низ центарот на Брисел и да се сретнам со пријателките, со кои требаше да се вратиме назад во апартманот, за утрото да заминеме на аеродромот и да се вратиме назад, во Прилеп, Македонија… Така заврши убавата посета на Белгија. Ќе остане во долго сеќавање, а фотографиите ќе бидат спомен.
Текст и фото: Каролина Мицевска дописник за „Нова Македонија“