Асимилаторниот удар се прави врз малцинствата за да се прикаже дека во соседните држави на Македонија има само „бугарско малцинство“, со аналогија дека и во државата Македонија не може да има македонски, туку бугарски народ. Затоа е инсистирањето за внесување на Бугарите во Уставот како државотворен народ, а во таа насока сега полека се комплетира и сликата како ќе се искористат издадените бугарски пасоши на македонските граѓани
Притисоците врз Македонците во Албанија да се пишат за Бугари застрашувачки напрегнуваат
Бугарија продолжува со агресивната асимилаторска политика врз претставниците на македонското малцинство во Албанија, а овој процес беше особено засилен во пресрет на пописот на населението и продолжува со несмален интензитет и сега за време на пописот, при што до Македонците се упатуваат отворени закани да се попишат како Бугари.
Имено, вакви закани пристигнаа од првиот човек на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, кој преку социјалните медиуми им порача на Македонците дека ако не се регистрираат како етнички Бугари ќе им бидат повлечени бугарските пасоши.
– Доколку сега не се изјасните како Бугари ќе ви бидат одземени пасошите, а кај оние што се во постапка истата таа ќе биде запрена. Веќе имаме еден таков случај. Помислете – вели Стојанов.
Оваа фондација и претходно упати апел до жителите што поседуваат бугарско државјанство на пописот да не го прескокнуваат прашањето за етничка припадност и да се пишат како етнички Бугари.
– Регистрирајте се како етнички Бугари, со мајчин јазик – бугарски. Ги потсетуваме и оние што имаат бугарско државјанство дека имаат обврска кон Бугарија да се запишуваат Бугари, како и оние што се Бугари по потекло и сакаат да добијат бугарско државјанство во иднина – пишувајте се етнички Бугари и во никој случај не прескокнувајте го прашањето за етничка припадност – беше апелот од бугарската фондација.
Непосредно пред почетокот на пописот, во областите населени со македонско малцинство во Албанија престојуваше и бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која отвори училиште на бугарски јазик, делеше книги, а бугарските медиуми оваа посета ја окарактеризираа како „важен момент за бугарското национално малцинство“.
Во местата каде што живее македонското малцинство во Албанија, за време на пописот дојде и амбасадорот на Бугарија во Тирана, Ивајло Киров, што претставува дополнителен притисок врз локалното население.
– Ова е целосно ненормално, тоа е мешање во внатрешните работи на оваа држава, и посетата на бугарскиот амбасадор и посетата на потпретседателката на Бугарија. Ние сме албански граѓани, одбележуваме 100 години откако оваа албанска држава нè признава нас Македонците. Во ниту еден документ на албанската држава не се појавуваат Бугари и посетата на бугарскиот амбасадор е сосема погрешна. Ова е притисок – изјави потпретседателот на Македонска алијанса за европска интеграција, Ефтим Митревски, коментирајќи ја посетата на бугарскиот амбасадор.
И додека во Албанија тече пописот, во бугарското народно собрание пред усвојување се измените на Законот за бугарско државјанство со кои регистарот на сите што добиле бугарско државјанство ќе биде јавен, а јавна ќе биде и церемонијата на доделување државјанство.
Овие измени веќе поминаа прво читање во Собранието откако „за“ гласаа 180 пратеници, по што ќе следува и гласањето по второто читање и законските измени ќе стапат во сила.
– Со последната промена, сите наши сонародници од Република С. Македонија што добиле бугарско државјанство во изминатите 22 години врз база на доказ од самите нив на бугарско потекло и декларација за бугарско самоопределување, ќе бидат јавно објавени. Така, овие над 120.000 македонски Бугари, меѓу кои и многу бивши и актуелни политичари, пратеници, министри, градоначалници, шефови на служби, шефови на партии, сопственици на медиуми и телевизии, новинари, коментатори, како и нивните семејства ќе бидат јавно заштитени од говор на омраза и дискриминација од македонските институции затоа што се чувствуваат Бугари. Тие, пак, што се „принудени“ да се преправаат дека се јавни бугаромразци само за да го прикријат своето бугарско потекло и самоопределување, веќе нема да имаат причина да го прават тоа – напиша на социјалните мрежи бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.
Сето ова покажува дека првиот асимилаторен удар се прави врз малцинствата за да се прикаже дека кога во соседните држави на Македонија има само „бугарско малцинство“, тогаш и во државата Македонија не може да има македонски, туку бугарски народ. Затоа е инсистирањето за внесување на Бугарите во Уставот како државотворен народ, а во таа насока сега полека се комплетира и сликата како ќе се искористат издадените бугарски пасоши на македонските граѓани.
Софија веќе не крие дека ќе побара сите оние што добиле бугарски пасош во Македонија да се изјаснат како Бугари и веќе оперира со бројката од 120 илјади луѓе, поради што се подготвува закон со кој ќе се потврди вистинската бројка.
И додека Бугарија е на терен и работи врз остварување на сопствените цели, македонските власти продолжуваат само да бидат слепи посматрачи на операцијата што се одвива пред нивни очи. Премиерот Димитар Ковачевски не бил загрижен од ваквите посети бидејќи добил гаранции од албанските власти оти пописот ќе биде спроведен во согласност со светските и стандардите на „Евростат“. И македонското МНР се огласи само со препорака граѓаните слободно да ја изразат етничката припадност.
– Она што Бугарија не успеа да го направи за време на Втората светска војна со оружје, сега го прави благодарение на нашата сервилност. Сè уште некои луѓе во оваа земја говорат дека по една година од „францускиот предлог“ никој не нè асимилирал и дека сме Македонци со гарантиран македонски јазик. Асимилацијата е процес што трае со децении. Сега ќе го притиснат македонското малцинство во Албанија да се запише како бугарско, а потоа ќе ги притиснат сите што имаат бугарски пасоши во Македонија да се декларираат како Бугари. Ова што немаме учебници во училиштата не е случајно, се подготвуваат нови содржини со кои следните генерации поинаку ќе се учат. Тоа е тивката асимилација што ќе трае сè додека по 30-40 години, некои нови генерации нема да знаат ниту за Гоце Делчев, ниту за Илинден, ниту за АСНОМ. Првиот удар секогаш е врз малцинствата во соседните земји, Бугарија добро го знае тоа и затоа сега притиска. Очигледно државата ни се демонтира по сите основи, а ние уште спиеме на увото дека сме членки на НАТО и дека ништо не може да ни се случи – велат соговорниците со кои се консултиравме.