Фото: Игор Бансколиев

Препораката на здравствените власти е тестирање само според симптоматологија и со препорака и упат од матичен лекар

Со месечна ковид-статистика ќе се следи трендот на новиот сој

Токму кога помисливме дека се изборивме со една од најголемите здравствени чуми што го погоди човештвото, коронавирусот и оваа есен продолжува да се шири. Кивањето, течењето на носот, кашлањето и други симптоми на респираторни инфекции, но не само на ковид-19, се сè поприсутни во нашата околина, што го наметнува прашањето – на која врата да тропнеме доколку се појават?
Ординациите на матичните лекари и педијатри се полнат, но докторите смируваат и велат дека нема простор за паника. Голем дел од граѓаните се тестираат самоиницијативно со брзи тестови од аптека. Сепак, препораката на здравствените власти е тестирање само според симптоматологија и со препорака и упат од матичен лекар.
Комисијата за заразни болести препорача задолжително носење маски во здравствените установи. Засега нема препораки за маски во јавниот превоз и во домовите за стари лица, информира портпаролот на комисијата, Злате Мехмедовиќ. Целта на мерката е да се минимизира можноста за пренесување на заразата со коронавирус, особено онаму каде што има загрозени групи, кои може да бидат подложни на тешка компликација како резултат на инфекција со вирусот.
– Регистрирањето на тестирани позитивни случаи ќе се врши на месечно ниво. Затоа не можеме да кажеме колку тој број е пораснат сега од месец август. Препорака за тестирање ќе се дава само според симптомите на пациентот и по препорака од матичниот лекар – заклучи Мехмедовиќ.

Соседството есенски почна со високи бројки на ковид-заразени

Инаку, во соседните земји се зголемува бројот на ковид-позитивни лица. Во Албанија се зголемува бројот на заразени со коронавирус и, според Институтот за јавно здравје, позитивен резултат е добиен кај 40 отсто од тестираните. Само во последната недела во Албанија се направени 2.000 теста за ковид-19, а речиси половина, односно над 900 се позитивни.
Во Србија изминатиот месец постојано расте бројот на позитивни ковид-пациенти. Според податоците на институтот за јавно здравје на Србија „Милан Јовановиќ Батут“ за 14 септември, повеќе од 1.500 лица заболеле од ковид-19 во последната недела. Според српските епидемиолози, ако се гледа на ниво на Европа, па дури и на глобално ниво, „нема драстично зголемување“ и дека овие вредности се далеку помали од оние „во пандемиските бранови на ковид-19“.
Велат дека овој дел од годината се карактеризира со враќање од одмор и почеток на учебната година, а тоа се периоди кога луѓето повеќе комуницираат меѓу себе, особено децата. Тие влегуваат во училишните колективи и остваруваат голем број контакти, со што се зголемува можноста за добивање инфекција, која потоа ја внесуваат во семејството или околината.
Во последните месеци, па дури и до една година, луѓето се заразуваат со подваријанти на сојот омикрон. Една од поновите е подваријантата ЕГ.5, односно ерис, беше регистрирана во Србија на почетокот на септември. Светската здравствена организација изјави дека подваријантата ерис не претставува голема закана за јавното здравје и дека нема докази дека предизвикува потешка болест во споредба со другите видови што моментално циркулираат.

Новиот сој на коронавирусот ерис сѐ уште не е потврден кај нас

Комисијата за заразни болести сѐ уште нема дефинитивен резултат дали во земјата е присутна варијантата наречена ерис. Од Институтот за јавно здравје добиле информација дека подолго време трае процедурата за собирање на материјалот бидејќи има само мал број – 112 заболени со ковид-19.
Според последните информации што можат да се најдат на веб-страницата на Институтот за јавно здравје, во текот на август во земјава биле пријавени вкупно 112 случаи на ковид-19, а еден пациент починал. Од почетокот на пандемијата, заклучно со 31.8.2023, се пријавени вкупно 348.491 потврден случај на ковид-19 и 9.942 смртни случаи.