Промовирани нови офицери и подофицери
Новите офицери и подофицери на армијата на Република Македонија (АРМ) стапуваат на должност во период на глобална неизвесност, на геополитички тензии и на воени конфликти, со што се очекува да се соочат со традиционални и со нови асиметрични и хибридни закани во физичкиот и во сајбер-просторот, беше истакнато при нивната промоција, која вчера се одржа во воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
– Вие станавте офицери во период на глобална неизвесност, на геополитички тензии, на воени конфликти. Како офицери на НАТО-армијата, од вас се очекува да ги исполнувате највисоките професионални стандарди и врвни критериуми. Сигурна сум дека активно ќе учествувате во справувањето со традиционалните, меѓутоа и со новите асиметрични и хибридни закани во физичкиот и сајбер-просторот. Вие ќе треба да придонесувате за колективната безбедност и одбрана, преку учество во мировни мисии и операции да ја одржувате борбената кондиција на меѓународните воени вежби со нашите сојузници и стратегиски партнери, но, ве молам, никогаш не заборавајте од каде доаѓате. Никогаш не заборавајте ја вашата заклетва, дека сте тука пред сѐ и над сѐ за македонските граѓани и за одбраната на македонската република – порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Во потпоручници беа промовирани 38 питомци, од кои 24 за потребите на македонската армија, односно 12 жени и 12 мажи, осум од Црна Гора и шест од Босна и Херцеговина. Н.М.