Фото: Архива

Судскиот совет денеска на седница расправаше и за состојбите во Основниот суд Куманово, откако вчера Синдикатот на УПОЗ јавно реагираше на навреди и несоодветен однос кон вработените од страна на претседателката на судот.

Член на Судскиот совет Ивица Николовски, кој е координатор за Основниот суд Куманово, истакна дека Советот подолг период ги следи случувањата во судот и дека прашањето не е ново за институцијата.

Тој посочи дека веќе се формирани две комисии кои работат на утврдување на фактичката состојба, а во меѓувреме до Советот пристигнуваат и дополнителни информации и дописи од засегнатите страни.

– Во насока на испитување на случувањата во Куманово и изнаоѓање решение што ќе доведе до позитивен исход за сите, закажана е средба по барање на претседателот на Судскиот совет и претседателот на Основниот суд Куманово. Извештаите се при крај и очекувам во една од наредните седници да бидат ставени на дневен ред – информираше Николовски.

Тој додаде дека во извештаите ќе бидат опфатени наодите од посетите на самото место, како и информациите добиени од сите инволвирани страни, по што Советот ќе донесе заклучоци за понатамошно постапување.

По повод реакциите на УПОЗ, Сузана Јошевска-Анастасовска информираше дека претставката на која се повикуваше синдикатот веќе е предмет на постапување.

Според неа, претставката не била доставена со оригинални потписи, но наместо да биде отфрлена поради формални недостатоци, Советот решил да преземе дополнителни активности поради јавниот интерес и потребата од целосно согледување на состојбите во Куманово.

– По претставката не само што се постапува, туку е постапено во најкратки можни рокови и на најсовесен начин. Намерата беше да се излезе во пресрет на вработените и да се испитаат нивните наводи, но за тоа е неопходно да бидат исполнети и законските услови за постапување – појасни Јошевска-Анастасовска.

Судскиот совет денеска на седница одлучуваше за повеќе прашања од својата надлежност, меѓу кои и за формирање комисии на известители по поднесени барања за поведување постапка за утврдување одговорност на судии и претседатели на судови.

На седницата членовите на Советот расправаа и за известувања за утврдена фактичка состојба, како и за прашања поврзани со правото на надомест на трошоци поврзани со вршењето на судиската функција.

Советот донесе и одлуки во врска со изборот и разрешувањето на судии поротници во судовите во државата.

Судскиот расправаше и за барањето на Коалицијата „Сите за правично судење“ да присуствува на нејавниот дел од седницата на кој се разгледуваат предмети за утврдување одговорност на судии и претседатели на судови, при што по дебата меѓу членовите, барањето беше одбиено со девет гласа „против“ и три „за“.

Прашањето беше отворено во рамки на точката што се однесуваше на формирање комисии на известители по барања за поведување постапки за утврдување одговорност на судија или претседател на суд, за која согласно законските одредби јавноста е исклучена.

Дел од членовите на Советот, односно Сузана Јошевска-Анастасовска и Антоанета Димовска се заложија за присуство на стручната јавност, посочувајќи дека Коалицијата со години ја следи работата на Судскиот совет и изготвува извештаи кои се користат во анализи на состојбите во правосудството.

Во расправата беше нагласено дека новите законски решенија предвидуваат можност стручната јавност да присуствува на одредени нејавни расправи и дека за секое барање треба да се одлучува поединечно.

Членката на Советот Тања Чачарова-Илиевска оцени дека за ваквите барања треба да постои формално и конкретно образложение за причините поради кои се бара присуство на конкретна седница и на конкретна точка од дневниот ред, како и дека одлучувањето мора да биде во согласност со законските процедури, пренесува МИА.