Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – септември 2023 година продажбите достигнуваат 9.212.341.451 денари, што е за 13 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 12.483.936.387 денари, што е за 14 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 10 отсто, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 15 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 30 отсто се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 70 отсто се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 28 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22 отсто, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 19 отсто, а на другите пазари е остварен 1 отсто отсто од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со првите девет месеци од 2022 година, бележат продажбите остварени во Канада, кои се зголемени за 40 пати; потоа во Италија, каде што се зголемени за повеќе од 30 пати; во Јужна Африка за пет пати; во Австрија за четири пати, како и во Чешка и во Чиле, каде што се зголемени за трипати. Потоа следуваат оние во Велика Британија (раст од 87 отсто), Ерменија (раст од 64 отсто), Романија (раст од 63 отсто), во Монголија (раст од 26 отсто), Албанија (раст од 24 отсто), Бугарија (раст од 14 отсто), во Украина (раст 12 отсто), Хрватска (раст од 11 отсто), Босна и Херцеговина (раст од 8 отсто), во Србија (раст од 6 отсто) итн.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 90 отсто. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 28 отсто, препаратите ОТЦ со 19 отсто, невролошките препарати со 12 отсто, кардиолошките препарати со 12 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10 отсто во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 отсто, козметика со 7 отсто, а билкарство учествува со 1 отсто. Вкупните продажби бележат пораст кај профитните центри фармација и козметика во споредба со остварените во истиот период од 2022 година. Сегментот фармација бележи раст од 16 отсто, а козметика раст од 8 отсто.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2023 година изнесуваат 1.240.857.214 денари и во споредба со остварените во истиот период од 2022 година бележат раст од 47 отсто. Ваквото зголемување на инвестициите се должи на најголемиот инвестициски проект на АЛКАЛОИД во последните 20 години – новото производствено одделение за производство на цврсти форми 2 – со кој се зголемуваат капацитетите за производство на цврсти форми за повеќе од двапати.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.096.790.692 денари, бележи зголемување од околу 9 отсто, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.299.694.920 денари и е зголемена за 12 отсто.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.222.310.580 денари и бележи раст од 12 отсто, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.295.368.737 денари е зголемена за 14 отсто.
При извршувањето на оперативните активности, АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни доставувачи.
Вработени
Во периодот јануари – септември 2023 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 191 ново вработување во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2023 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина на нето-износот од 36.500 денари. Групацијата АЛКАЛОИД има 2.787 вработени, од кои 2.122 се во земјава, а 665 се вработени во подружниците во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2023 година се движеше од 17.199,00 до 18.400,00 денари или просечно 17.682,15 денари за една акција. На 30.9.2023 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.448 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше повеќе од 25,2 милијарди денари.
Бизнис-план за 2023 година
Бизнис-планот за 2023 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2022 година, предвидува инвестирање на околу 11 отсто од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 10 отсто на консолидираните продажби во однос на 2022 година, како и раст од 7 отсто на консолидираниот профит пред оданочувањето, во однос на 2022 година.
Бизнис-планот за 2023 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2023 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици генерирани од енергетската и од економската криза. Презедовме голем број мерки во досегашниот период со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози успешното работење на друштвото. Во согласност со очекувањата, она што доминираше во 2022 година, а кое продолжува и во 2023 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали и на енергентите, како и порастот на цените за транспорт на глобално ниво, а особено значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова влијаеше и врз стапката на инфлација, која достигна високо ниво, но и врз намалената предвидливост за нејзините идни трендови. Во исто време, каматните стапки на регионалните и на европските пазари достигнаа рекордно високо ниво во последните неколку години, што дополнително ги оптоварува оперативните трошоци во работењето. Покрај сето тоа, изразената неизвесност на глобалните економски текови доведе и до варијабилност на повеќето национални валути, што значително го зголемува ризикот од негативни курсни разлики во работењето. Како најголем предизвик и како прв приоритет за периодот што доаѓа и натаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност, но и остварувањето на планските цели.