Пуштена е во употреба реновираната зграда на Клиниката за неврофизиологија, во која досега се реконструирани 891 квадратен метар.
Целосно е обновен внатрешниот дел на објектот, а во следната фаза е предвидено реновирање на покривот и фасадата.
Директорот на Клиниката, Јован Божиновски, изјави дека од запуштен објект е создаден функционален простор со подобри услови за медицинскиот персонал и пациентите.
– Од слепо црево на Клиничкиот центар, овој објект стана функционална зграда – рече Божиновски.
Тој информираше дека се обезбедени 38 финансиски согласности за нови вработувања, од кои 25 веќе се реализирани.
На пуштањето во употреба присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој оцени дека со завршувањето на реконструкцијата уште еден објект во здравството добива подобри услови за пациентите.
– Исклучително сум задоволен што уште еден проект е завршен, уште еден објект може да понуди поквалитетни услови за пациентите – изјави Мицкоски.
Со следната фаза од реконструкцијата треба да бидат обновени и покривот и фасадата на Клиниката.






























