Фото: Принтскрин

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, распиша вонредни парламентарни избори за 17 декември. Владата на Србија во понеделникот испрати образложен предлог до претседателот Александар Вучиќ за распуштање на Народното собрание и распишување избори.

– Почитувани граѓани на Република Србија. Врз основа на член 109 ставови 1 и 5 од Уставот на Република Србија и член 21 став 1 од Законот за претседателот на Републиката, врз основа на образложен предлог на Владата од 30 октомври 2023 година донесувам указ за распуштање на Народното собрание на Република Србија – рече Вучиќ.

Како што најавуваат од српската влада, одржувањето нови парламентарни избори во постојните околности ќе обезбеди повисоко ниво на демократија, ќе ги намали тензиите создадени меѓу спротивставените опции во општеството, ќе ги отфрли ексклузивноста и говорот на омраза и ќе го потврди правото на слободно изразување мислења и ставови за одредени политички, економски и други прашања, вклучително и натамошната афирмација на европските вредности.

Итното распишување вонредни парламентарни и белградски избори и нивно одржување до крајот на годината е барање на претставниците на опозициските партии, кои ги организираат протестите „Србија против насилството“.

Претходно, завчера, Владата на Србија донесе одлуки за распуштање на Собранието на Белград, а истите одлуки беа донесени и за уште 64 локални самоуправи во Србија.