Последната одлука на Европскиот суд на правдата, со отфрлањето на тужбите на Полска и Унгарија, на своевиден начин сосема парадоксално ја нагласи селективноста на ЕУ во согледувањето на прекршувањето на нејзините принципи од другите земји-членки. Таквото однесување на ЕУ може многу лесно да создаде впечаток за толеранција спрема прекршувањата на нејзините принципи од одредени земји-членки во интерес на реалполитиката, како што е попустливоста спрема Бугарија во нејзиното неспроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права во интерес на македонското малцинство во таа земја
Со одлуката на Европскиот суд на правдата, ЕУ ги дисциплинира Полска и Унгарија за наводно „прекршување на владеењето на правото“
Полска и Унгарија го изгубија правниот спор што го поведоа против механизмот на ЕУ што го казнува прекршувањето на „владеењето на правото“, т.е. правата надлежност на ЕУ над внатрешните правни одлуки во земјите-членки. Механизмот ги казнува „непослушните“ држави со ускратување на средствата за поддршка. Европскиот суд на правдата (ЕСП) пред неколку дена сепак пресуди дека „механизмот е усвоен врз соодветна правна основа“ и „во целост“ ги отфрли тужбите на Полска и Унгарија.
Унгарија и Полска го блокираа буџетот на ЕУ за периодот 2021-2027, зашто имаше клаузула со која исплатата на поддршката беше поврзана со придржувањето на државите на т.н. владеење на правото. На крајот, Унгарија и Полска се согласија за буџетот, но со услов проблемот да го разгледа Европскиот суд на правдата. Судот тврдеше дека демократското назадување во државите нема само политичко влијание, туку влијае и на буџетските прашања.
– Доброто финансиско управување со буџетот на Унијата и финансиските интереси на Унијата би можеле сериозно да бидат загрозени со прекршување на принципот на владеење на правото, извршено во државата-членка – се наведува во одлуката на Судот.
Одлуката на ЕСП ја исчекуваа со нетрпение многумина, кои ги обвинуваа двете нации за демократско назадување и механизмот „одземање на средствата“ го гледаа како најмоќна алатка на ЕУ над државите-членки.
Полска и Унгарија со години се соочуваат со критики од ЕУ, која ги обвинува дека ја нарушуваат независноста на правосудството и медиумите, а со тоа ги нарушуваат демократските принципи внатре во своите држави. Бидејќи не е во состојба да направи многу за да го промени курсот на која било нација, ЕУ се сврте кон поврзување на издавањето пари за поддршка со приврзаност кон она што го нарекуваат демократско однесување. Во Унгарија ги обвинуваат премиерот Виктор Орбан и неговата партија Фидес за задушување на демократијата, додека тој тврди дека е токму спротивното: дека тој ја одржува демократијата, додека во Западна Европа владее „либералната недемократија“. Во Полска, партијата Право и правда доминира со Владата, а исто така сѐ повеќе се соочува со критики од другите земји-членки на Унијата, зашто следи сличен пат како унгарскиот политички врв. ЕУ ја обвинува полската влада дека стекнала политичка контрола над судовите и судиите.
Селективна загриженост на ЕУ за владеењето на правото кај сите земји-членки
Последната одлука на Европскиот суд на правдата, со отфрлањето на тужбите на Полска и Унгарија, на своевиден начин сосема парадоксално ја нагласи селективноста на ЕУ во согледувањето на прекршувањето на нејзините принципи од другите земји-членки. Таквото однесување на ЕУ може многу лесно да создаде впечаток за толеранција спрема прекршувањaта на нејзините принципи од одредени земји-членки во интерес на реалполитиката, како што е попустливоста спрема Бугарија во нејзиното неспроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права во интерес на македонското малцинство во таа земја. Имено, и Европскиот суд за човекови права е правна институција на ЕУ со еднакво соодветен авторитет како и Европскиот суд на правдата, кој ги отфрли тужбите на Полска и Унгарија, поради нивно непочитување на принципот владеење на правото. Од друга страна, Бугарија флагрантно, повеќе од 20 години, го прекршува истиот принцип (покрај уште неколку други – право на самоопределување, себеименување, рамноправност и еднаквост…) со неспроведување на 16-те пресуди на ЕСЧП, без некои посериозни консеквенции од ЕУ. Да биде иронијата поголема, своето прекршување на принципите на Унијата, сега Бугарија настојува да го претстави како „заштита на европските вредности“, со ветото за почеток на преговорите на Македoнија за членство во ЕУ. И во таква ситуација, кога една нејзина земја-членка како Бугарија дрско манипулира со принципите на Унијата, таа упатува на „билатерaлно решавање на разликите“.
– Секако дека ЕУ може да реагира и во случајот со Бугарија, но прашање е дали воопшто има политичка волја од самата Унија да ја дисциплинира Бугарија и кој би го отворил прашањето за непочитување на владеењето на правото пред Судот на правдата на ЕУ, имајќи предвид дека ниту една земја-членка досега не покажа интерес за негаторскиот однос на Бугарија кон македонското национално малцинство. Бугарија во континуитет го прекршува основниот принцип во владеењето на правото – почитувањето на правата на националните малцинства и повреда на човековите и малцинските права на Македонците што живеат во оваа земја. Бугарија може да биде казнета не само од ЕУ туку и од Советот на Европа поради непочитување на одлуките на Судот во Стразбур. И двата система, и Советот на Европа и ЕУ, како свој темелен принцип го имаат владеењето на правото и демократијата, што значи дека Бугарија ги руши темелите и на Советот на Европа и на ЕУ – вели универзитетската професорка по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска.
Токму „непослушните“ се на линијата на исполнување на ветувањата и темелните принципи на ЕУ
Кога станува збор за принципиелноста на Унијата во однос на проширувањето, токму нејзините „непослушни“ земји-членки се оние што се на линијата на одржување на ветувањата дадени од Брисел. Додека водечките земји-членки, како Франција и Германија (па и Холандија и Данска), калкулираат, а често и манипулираат со политиката на проширувањето, земјите-членки што Брисел сака да ги дисциплинира (Полска, Унгарија, Чешка, Словачка) никогаш не отстапиле од поддршката за земјите од Западен Балкан побрзо да станат дел од Унијата. Дури и во ситуацијата на првото вето од Бугарија за Македонија, на самитот на ЕУ под германско претседателство, во декември 2020, токму Чешка и Словачка не дозволија во заклучоците за проширување да влезат бугарските барања за нејзиното гледање на историјата да биде услов за преговорите (пред сѐ за Македонија) за членство во Унијата. Со таквата интервенција, Чешка и Словачка (кои исто така се ставени на листата на „непослушните“, иако не се толку напред како Унгарија и Полска) на своевиден начин не дозволија ЕУ да ги прекрши сопствените принципи за самоопределување и самоименување на народите и државите. Но тоа не ја намалува загриженоста од состојбата дека и претставниците на земјите-членки на ЕУ сѐ поотворено изразуваат ставови што сигнализираат дека и тие самите не веруваат во правото и принципите на Унијата, туку се склони работите да ги решаваат според условите на геополитиката. Однесувањето во Брисел сѐ појасно разоткрива дека ЕУ едноставно нема идеја како да продолжи со своето функционирање и се чини дека секое повикување на принципите завршува со притисок на реалполитиката.
-Таквите состојби и политиката на консензус во одлуките за проширување на ЕУ ги искористија претходно Грција, а сега и Бугарија за да ги наметнат своите билатерални проблеми со Македонија како проблеми на Унијата. Ниту условите на Грција ниту сега на Бугарија, за отворање на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, немаа(т) врска со критериумите на ЕУ за проширување, но Унијата и понатаму дозволува овие земји да ја користат како продолжен механизам за остварување на нивните интереси и цели – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.