Опозициската ВМРО-ДПМНЕ остави 1.071 каранфил на улицата пред Владата во знак на почит за починатите од коронавирус.

– Денес оставивме 1.071 каранфил во знак на почит кон 1.071 починат од корона, кои не се само бројка, туку луѓе, човечки судбини, кои одат на нечистата совест на Зоран Заев и на најнеспобниот министер за здравство, Венко Филипче. Бараме оставка од Венко Филипче веднаш и сега – изјави Марија Андоновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, Зоран Заев и Венко Филипче се главните виновници за полните болници и тие претставуваат закана за здравјето на граѓаните.

– Системот е гнил. За тестирање се чека и по неколку дена, а исто толку и за добивање резултати. Додека пациентот да добие дијагноза, тој веќе е во напредна фаза на болеста, а неговото здравје е сериозно загрозено.
Овие 1.071 починат се и поради пренатрупаното здравство и немањето место во болниците. Филипче имаше цело лето да ги опреми овие капацитети и да ги оспособи за да може денеска да бидат сместени луѓето, да не шетаат од болница во болница или да бидат оставани дома – рече Андоновска.

Таа рече дека ова е најголемата трагедија што ѝ се случува на Македонија по Втората светска војна.

– Македонија немала толкав број починати од ниту една болест, од ниту каков било друг единечен фактор од Втората светска војна сè до денес – рече Андоновска.