Владата го утврди предлог-законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти што изминатиот период беше предмет на разни анализи и критики во домашната јавност. Со предлог-законот се предвидува можност за утврдување правен статус на бесправните објекти од значење за државата и од локално значење што се предвидени со Законот за градење или друг закон, а кои претставуваат градежна и функционална целина заклучно со 1 октомври 2019 година. Како што соопштија од Владата, предмет на овој закон се и бесправните објекти од јавен интерес утврден со закон чии иматели се државни органи или единици на локална самоуправа или правни субјекти основани од Република Македонија, односно од единиците на локалната самоуправа, кои заклучно со 1 октомври 2019 година се градежна целина, а не и функционална целина. Инаку, предлог-законот не ги опфаќа сите видови бесправни објекти изградени во границите на охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во списокот на Конвенцијата на УНЕСКО, во границите утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион, како и станбените згради и доградбите и надградбите на нив, соопшти Владата.