Фото: Игор Бансколиев

Европската Унија планира да го ублажи тонот за проширувањето, но истовремено и да изрази претпазливост кога станува збор за подготвеноста за прием на нови членки, на самитот за Западен Балкан што ќе се одржи денеска и утре во Брдо кај Крањ, во Словенија, пишува „Еуобзервер“.

Забележливи се нејасните сигнали од ЕУ. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен му вети на Балканот европска иднина за време на нејзината турнеја минатата недела, додека Бугарија не отстапува од ветото за пристапните преговори за Македонија и Албанија. Данска, Франција и Холандија, пак, ја блокираат визната либерализација за Косово, а Германија веќе ја истакна можноста замрзнување на постоечкиот визен режим за регионот поради големиот број на барања за азил.

Се истакнува дека во предлог-декларацијата од Брдо нема многу конкретни објави, освен донацијата од 2,9 милиони вакцини против ковид-19 од страна на ЕУ за Западен Балкан, како и покренувањето на проект за прекин на т.н. „одлив на мозоци“ од балканските универзитети.

Настрана од слаткоречивите пораки, декларацијата укажува на статус кво кога станува збор за проширувањето на ЕУ, наведува „Еуобзервер“.

Медиумското известување од минатата недела сугерираше дека веќе нема усогласен став меѓу членките на ЕУ за гарантирање на проширувањето на блокот кон Македонија, Албанија, БиХ, Србија, Косово и кон Црна Гора, но дека лидерите од ЕУ, сепак, ќе ја повторат посветеноста за евроинтегративниот процес во текот на самитот во Брдо.