Фото: Игор Бансколиев

Како што наведуваат во временската прогноза на познатиот светски метеоролошки сервис „Акуведер“, интензивните горештини ќе се задржат на југот на Италија и на Балка

„Акуведер“ со долгорочна временска прогноза за есента на Балканот

Познатиот светски метеоролошки сервис „Акуведер“ ја објави прогнозата за оваа есен со која е опфатен регионот на Балканот, па и Македонија, во која се наведува дека земјава ја очекуваат топлотни бранови и на почетокот на есента, а потоа не се исклучува можноста од појава на поплави во ноември.
Со температури на површината на морињата за околу два до пет Целзиусови степени над нормалата, се создава доволно енергија за одржување на тропските карактеристики што се движат низ Европа, наведуваат метеоролозите од овој сервис.
– Од тие причини се очекува дека еден до три тропски удара ќе дојдат во Европа во следните месеци – изјави Тајлер Ројс, член на тимот за меѓународна прогноза при „Акуведер“.
Според него, тропските бури би можеле да го преживеат патувањето преку Атлантикот и да пристигнат на европскиот континент, така што во првата половина од есента, најверојатно, ќе дојде до тропски систем во регионот на Ирска, Северна Ирска, Шкотска, Велс и северниот дел на Англија.
Како што наведуваат во прогнозата на „Акуведер“, интензивните горештини ќе се задржат на југот на Италија и на Балканот, особено почетокот на есента, додека кон крајот на октомври и ноември ќе следува период со обилни врнежи што во некои делови може да предизвикаат и поплави.
Центрите на топлотните бранови ќе бидат на Балканот, вклучувајќи и во Македонија, но во најголем дел во Грција, при што се можни топлински бранови главно во првата половина на есента.

Светската метеоролошка организација го дефинира топлотниот бран како период од пет или повеќе денови со просечна температура за најмалку пет Целзиусови степени над нормалата. Врелите и суви услови на почетокот на сезоната ќе овозможат шумските пожари, кои изминатиот период го опустошија шумскиот фонд во источниот дел на земјава, како и во другите земји особено од југот на Балканот, да продолжат да бидат закана и на почетокот на есента.
– Може да зачестат топлотните бранови и во иднина, но овој што ова лето го имаме трае предолго. Во мојава кариера не сум се соочил со толку долг топлотен бран. Инаку во 2003, 2007 и 2012 година имаше по три-четири топлотни бранови, но ова како должина, како период, трае предолго. Почна некаде од 20 јули и продолжува да трае. Не е само бран, туку долго лето со високи температури и навистина малку е чудно – вели Пеце Ристевски, метеоролог и експерт по климатологија.

Според него, причината за ова треба да се бара во временските промени во Медитеранот, што овозможуваат топлотните бранови од Африка, преку Медитеранот, да доаѓаат на Балканот и во Македонија.
– Циркулационите фактори се најбитни. Обично циклоните што доаѓаат од запад према исток, обично така се во умерените широчини, ги поместуваат воздушните маси, меѓутоа тука овој бран многу долго се задржа. Ние како екцесни вредности сме имале и повисоки температури, ама толку долготрајно задржување на топлотниот бран немало. Истражувањата поврзани со глобалното затоплување покажуваат дека Медитеранот ќе биде чувствително подрачје и во иднина – нагласува Ристевски.
Тој појаснува дека овој антициклон што во моментот се наоѓа над Балканот е премногу силен за да биде поместен од струењата што доаѓаат од Атлантикот, а целата работа е врзана со циркулацијата на воздушните маси.
Ристевски потсетува дека на 22 август 1952 година во Демир Капија биле измерени 44,5 степени како врв, а на 24 јули во 2007 година и тој рекорд е надминат, со 45,7 степени во истиот град.
– Проблемот е што овој топлотен бран долго трае, а не е само краток врв – потенцира Ристевски.