Водите загадени од рудничките операции најчесто се комплекси што имаат екстремни вредности на средина и содржат растворени тешки метали. Ваквата состојба многу ретко може да се третира со пасивни третмани, туку нужно е користење на активните третмани, кои се скапи за инсталирање и одржување, особено на долг рок, односно стотици години, колку што обично трае овој тип загадување. Свесноста во Македонија е речиси непостојна, зашто никој не сака да се нафати да го решава овој проблем, како што се решава во западните земји, вели Ѓорги Танушев, дипломиран економист информатичар и активист во невладината организација „Здрава котлина“

Загадувањето од отпадните води од рудниците честопати е занемарено, при што штетите се значителни во споредба со казните од страна на инспекциските служби, кои најчесто се прекршочни и ниски. Последиците од испуштањето на отпадните води се воочливи во дел од реките во близината на рудниците, каде што се забележува деградација на животната околина. И дел од рударските компании признаваат дека се направени грешки, како и дека е потребно менување на нивните практики.
– Краткорочните здравствени ефекти се видливи по неколку години и најчесто во форма на белодробни болести, додека долгорочните ефекти се во форма на хронични болести, канцери, генетски мутации и друго. Животинскиот и растителниот свет во околината на рудниците полека почнуваат да венеат и да исчезнуваат. Влијанијата се највидливи во близината на лошо проектираните и менаџирани флотациски јаловишта или, пак, во постојни отворени или подземни ископи, кои имаат различни оксидирани карпи што во допир со атмосферски кислород и влага почнуваат да генерираат загадувачки исцедок, кој со понирање понатаму ги загадува подземните води. Целата оваа област не е законски покриена и општо е табу-тема во рударството во Македонија – вели Ѓорги Танушев, дипломиран економист информатичар и активист во невладината организација „Здрава котлина“.
Постојат четири различни категории води загадени од руднички операции и отпади: киселински исцедоци од карпи или АРД, технички маргинална вода, процесни минерални води и резидуални води. Зависно од категоријата, водите загадени од руднички операции имаат различни карактеристики: киселост, зголемено ниво на пеха-средина, базна алкалност, големи количества цијанид, арсен, селен и цврсти честички од тешки метали.
– Водите загадени од руднички операции најчесто се комплекси што имаат екстремни вредности на средина и содржат растворени тешки метали. Ваквата состојба многу ретко може да се третира со пасивни третмани, туку нужно е користење на активните третмани, кои се скапи за инсталирање и одржување, особено на долг рок, односно стотици години, колку што обично трае овој тип загадување. Свесноста во Македонија е речиси непостојна, зашто никој не сака да се нафати да го решава овој проблем, како што се решава во западните земји, особено затоа што ова директно влијае врз профитабилноста на рударските компании и тие бараат земји што имаат слаба регулатива како нашата – вели Танушев.

Во Македонија санкциите се несоодветни во споредба со штетата што се предизвикува врз животната средина.
– Во Македонија не постои кривична одговорност како што е случајот во САД и во ЕУ, но исто така произлегува дека никој не сака да реагира за да се превенира законски ситуацијата како што треба. Дури и во примената на нашата слаба регулатива, проблем се корупцијата и влечењето низ разни комисии, кое завршува со минимални казни – вели Танушев.
Кога ќе дојде до загадување на реките и уништување на живиот свет во нив, ниедна казна не е доволно висока. Членовите на невладините организации се согласуваат дека казните се мали во споредба со штетите и последиците и никој не ја сфаќа ситуацијата сериозно. Затоа, можеби е редно време износот на казните да биде зголемен или променет.
– Проблем настана по последните измени на Законот за прекршоци, кога сите казни во Македонија беа преполовени, па и оние за животната средина, кои требаше да се исклучат и да останат високи, дури и да се зголемат. Посебен проблем е законската одредба за нагодување на казната, со што и таа се минимизираше. Ваквите еколошки штети треба да се казнуваат и кривично, со затворски казни. Можеби тоа ќе биде начинот екологијата да биде сфатена сериозно од страна на сите чии бизниси ја уништуваат природата – вели Лилјана Поповска од „Зелен институт“.
Контаминираните води што се испуштаат во реките доаѓаат во центарот на вниманието само кога ќе се случи некоја поголема хаварија, а мониторинг на она што го испуштаат рудниците не е возможен поради разни околности и пропусти. Танушев објаснува дека Македонија треба да го донесе законот за индустриски емисии, со кој земјата ќе има референтна основа за емисиите, а не само за мал дел од можните емисии, кои дополнително се ограничуваат со самото издавање на интегрираните еколошки дозволи. Дури потоа треба да се инвестира во кадар, опрема и обука на инспектори за животна средина, а концесионерите да инвестираат во системи за автоматски мониторинг во реално време, кои ќе бидат со отворени податоци за целата јавност. И Поповска исто така укажува на потребата за законски измени.

– Потребни се итни измени на Законот за води и зајакнување на делот за контрола на загадувањето на водите. По ова, Законот за минерални суровини треба да се усогласи со него, но и да претрпи редица други измени, особено во делот за хидројаловиштата, како потенцијално најопасниот сегмент од еден рударски комплекс. А ако се игнорираат овие опасности, ќе бидеме сведоци на почести хаварии и излевање на хидројаловишта во реките и загадување на подземните води и почвата – додава Поповска.
Искуствата во поголемите држави предупредуваат дека занемарувањето на загадувањето може да доведе до ситуација со која Македонија тешко би се справила во иднина, додека, пак, природата и населението ќе ги трпат последиците.
– За пример ќе наведам какво значење има ова загадување доколку се остави неконтролирано со текот на времето. Иберискиот Пиритен Појас (ИПБ), кој претставува едно од најзначајните депозити на бакар во Европа, има површина приближно како Македонија, и се протега во Шпанија и во Португалија. На тој простор има вековна историја на рудници, а долината на течението на реките Рио Тинто и Одиел ја нарекувале „Долина на Луцифер“ поради широкораспространетото загадување и испарувањето на киселините. Земјоделството било речиси невозможно. Од 1900 година до воведувањето на еколошките стандарди во 1980 година, состојбата станува катастрофална. Во 1998 г. се случува рушење на рудничка брана и испуштање на два милиони кубни метри отровна јаловина што тече 40 километри и уништува минимум 4.000 хектари по речните корита, кои денес се оградени и се забранети за пристап поради екстремното загадување.

Практично сѐ што е во границите на тој појас е повеќе или екстремно загадено и веќе неколку децении не може да се исчисти поради постојаното генерирање нови киселини од оние места каде што претходно се копало. Резултатите од студиите за активно хемиско чистење на водите покажуваат екстремно високи трошоци за прочистување на водите загадени од руднички отпад, што е единствено решение, што мора да се одржува сѐ додека има население таму. Ова е европската реалност за рударството во Шпанија, но таа е 20 пати поголема од Македонија и многу понапредна речиси во секој поглед – вели Танушев.
Тој го поставува прашањето колку Македонија е подготвена како Шпанија да се справи со една ваква состојба. Токму затоа е потребно внимателно да се издаваат концесии бидејќи Македонија не е Шпанија, ниту има начин како да ги регулира рударски операции, колку и да се претставуваат тие како модерни и сигурни.

[email protected]

Со оваа сторија, весникот „Нова Македонија“ се приклучува кон кампањата „Разбистри сѐ“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од британската амбасада во Скопје.