Фото: Игор Бансколиев

Би била вистинска штета, односно би имале сериозна стагнација на динамиката на реформите што сака да ги види ЕУ, а уште повеќе тежок застој на реформите што граѓаните на нашата држава треба вистински и реално да ги почувствуваат. Имено, за граѓаните станува сѐ помалку важно прашањето за датумот, бидејќи тоа е само политичка одлука на ЕУ. Многу поважно е граѓаните и стопанските субјекти силно да почувствуваат реформи и показатели за прогрес од економско-финансиски и социјален аспект, кој ќе даде дополнителен мотив за работа и сигнал дека со реформите сме на вистинскиот пат. Во спротивно…

Остануваат нешто повеќе од три месеци до новиот состанок на Советот на ЕУ, на кој министрите треба да решат дали на Македонија ќе ѝ одредат датум за почеток на пристапните преговори со Унијата. Во меѓувреме, дома кај нас, во изминатиов период, тежиштето се ставаше на реконструкцијата на Владата и на кадровски комбинаторики, што е далеку помалку важно од неопходноста за инстантно почнување суштински системски реформи. Точно е дека кадровската реконструкција би требало да е во директна функција на ефикасно спроведување на реформите, меѓутоа, факт е дека се загуби многу време при правењето разни комбинации, а со тоа и фокусот кон суштинската цел.

Минатиот викенд премиерот Зоран Заев ги обелодени имињата на министрите што ќе ги замени, најавувајќи дека тој, покрај премиерската функција, ќе го преземе и ресорот финансии. И уште додека Заев ја даваше изјавата за новите кадровски решенија, преку Фејсбук оставка поднесе заменик-министерот за образование Петар Атанасов.

По одлуката на Заев да стане и министер, јавноста цела недела се занимаваше со прашањето дали функциите се споиви, дали не се прекршува Уставот, па колку премиерот ќе биде изморен ако врши две функции, за на крајот тој да го повлече предлогот за свое назначување за прв човек во Министерството за финансии.
Во меѓувреме и некои од неговите коалициски партнери се заканија дека ќе му го свртат грбот незадоволни од она што го добиле.
Со оглед дека промените се направени во министерства што и не беа посочени како клучни за реформскиот процес, дали од ова може да се извлече заклучок дека летово нема да се случат никакви реформи?! Би била направена вистинска штета или, пак, поблаго речено, би имале сериозна стагнација на динамиката на реформите што сака да ги види ЕУ, а уште повеќе тежок застој на реформите што граѓаните на нашата држава треба вистински да ги почувствуваат. Во врска со тоа, за граѓаните станува сѐ помалку важно прашањето за датумот, бидејќи тоа е само политичка одлука на ЕУ, туку многу поважно е граѓаните и стопанските субјекти силно да почувствуваат реформи и показатели за прогрес од економско-финансиски и социјален аспект, кој ќе даде дополнителен мотив за работа и сигнал дека со реформите сме на вистинскиот пат. Во спротивно, ние треба да бараме алтернативни патишта за излез од економско-политичкото верглање.

Во контекст на прашањето за датумот, последните изјави што почнаа да стигнуваат од претставниците на власта се дека ќе добиеме датум, ако не во октомври, тогаш до крајот на годината или, пак, на почетокот на следната година. Веќе и самите не се сигурни за „датумот за датум“.

Според аналитичарите, периодот што следува е прекраток за да се спроведат некакви реформи и дека реконструкцијата се спроведува само затоа што премиерот претходно најавил чистка.
Политичкиот аналитичар Јове Кекеновски вели дека не се направени промени во клучните ресори.
– Жално е што тие што требаше да бидат заменети, посебно оние што беа посочувани од јавноста дека работат криминално, тие останаа на власт. Тогаш за каква реконструкција станува збор? – прашува Кекеновски.
Со сличен став е и аналитичарот Сашо Клековски, кој смета дека никој не се нафаќа да биде министер за краток период, со оглед на близината на парламентарните избори следната година.

– Две околности веројатно влијаеле да добиеме реконструкција без реконструкција: близината на парламентарните избори и недопирливоста на ДУИ. Поради близината на парламентарните избори во 2020 година, како и пржинскиот формат на техничка влада, многу е веројатно премиерот Зоран Заев да имал тешкотии во убедувањето кадри да прифатат министерска функција. Кој би ризикувал кредибилитет за неколку месеци министерување во кои тешко дека ќе се промени нешто? – смета аналитичарот Сашо Клековски.
Тој додава дека очекувањата на јавноста за реконструкција, најверојатно, се поврзани со правда (борба против корупција и криминал), здравство, образование, животна средина, економија.

– Во објавената реконструкција единствен ресор од наведените е животна средина, а и во тој случај министерот не е разрешен, туку е унапреден во нова министерска функција – нагласува Клековски.
Во време кога Владата се екипира и претстојат промени на луѓето и во вториот и во третиот ешалон, а брзо наближува период на годишни одмори, сѐ повеќе преовладува мислењето дека нема да има кој да ги испорача реформите, а датумот во октомври ќе се бара само поради „нашата кооперативност во решавањето на спорот за името“. Граѓаните и натаму ќе ја чувствуваат насушната потреба од вистински реформи, кои ќе им го променат животот на подобро.