Третиот Жан Моне дијалог кој се одржуваше во македонското Собрание заврши на први февруари, а по дводневна отворена и конструктивна дебата, политичките групи и раководството на Собранието се договорија за измени кои ќе осигурат парламентот во својот нов состав да биде ефикасен, транспарентен и ефективен, се неведува во собраниското соопштение.

Промените пред се се однесуваат на реализирањето на аспирациите за членството на земјата во ЕУ и интеграцијата во евроатланските институции. Станува збор за големо преуредување на Деловникот на Собранието, а политичките партии се обврзаа да го поднесат текстот после изборите.

– Дијалогот Жан Моне обезбеди платформа што ги зближи политичките партии во време на предизвик на патот на Северна Македонија кон ЕУ. Очекуваме изборите да бидат спроведени во согласност со највисоките национални и меѓународни стандарди. Успехот на Собранието во помагањето да се сочува клучниот консензус за реформите поврзани со ЕУ преку дијалог е непроценливо демократско достигнување. Сега сметаме на заложбата на политичките групи да го достават новиот Деловник по изборите. Реформираните правила ќе му овозможат на новиот состав на Собранието веднаш да се фокусира на својата клучна работа – стои во заедничкото соопштение на тимот на олеснивачи кои се дел од Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ на Македонија.

Претседателот Џафери, кој копретседаваше со Жан Моне дијалогот заедно со тројца европратеници, изјави:

– Гледано надвор од изборите, дијалогот Жан Моне има потенцијал да придонесе за други клучни теми, вклучувајќи ја и независноста на Собранието. Процесот на преговори за ЕУ, откако ќе започне, ќе донесе нови можности и предизвици, а Жан Моне дијалогот може да има клучна улога во зајакнувањето на Собранието да заземе водечка улога – вели тој