Поради многубројните прекршувања на меѓународните стандарди за вршење попис, како и негирањето на правото за самоопределување, македонските организации во Бугарија сметаат дека податоците од неодамнешниот попис кај источниот сосед на Македонија се „неточни, пристрасни и неупотребливи“

Реакција на македонските организации во Бугарија за манипулации и
злоупотреби при тамошниот попис

Шест организации на македонското малцинство во Бугарија сметаат дека податоците од неодамнешниот попис кај источниот сосед на Македонија се „неточни, пристрасни и неупотребливи“. Тоа е заклучокот што го изнесуваат во нивната писмена реакција, насловена „Позиција на организациите на македонското малцинство во Бугарија во однос на пописот спроведен во 2021 година“. Заклучокот во позицијата произлегува од нивното согледување на условите на спроведување на пописот што ги наведуваат во реакцијата.

Откриваме дека:
1. Пописот е спроведен без посебна графа ‘македонски’, во духот на официјалната политика на негирање на малцинството и третман на македонското самоопределување, како отпадништво и предавство на државата и во атмосфера на масовна антимакедонска пропаганда, силна омраза кон Македонците, многу заладени односи и масовна кампања против Р Македонија и македонската нација.
2. Се одржа во услови на одамна всаден страв – преку стотиците испратени во затворите и илјадниците интернирани, отпуштени или на друг начин мачени за време на комунизмот, поддржани од државната политика во последните децении, преку неказнетиот збор на омраза кон Македонците, насилство врз поединечни активисти, забрани за саеми, одбивања за регистрирање организации и повикување илјадници членови на македонските партии и организации и нивни блиски на распит во полициски станици.
3. Државата ништо не направи за да го намали овој страв кај народот, ниту организира кампањи за издигање на свеста за да им објаснат на луѓето дека е нивно право да се попишуваат како што сакаат и да се попишат како Македонци е дозволено, а не е кривично дело.
4. На попишувачите не им беше наложено (или барем на малкумина) да им објаснат на луѓето дека имаат целосна слобода да се самоопределуваат како што сакаат. Напротив, во многу случаи го прекршиле ова право, се расправале со луѓе или манипулирале со нив.
5. На македонските организации не им беше дозволено да спроведуваат кампања за издигање на свеста преку медиумите, охрабрувајќи ги Македонците да се самоопределат како што сакаат и без страв“, се наведува во позицијата на македонските организации во Бугарија.
По наведување на повеќе конкретни примери на прекршување на правото на самоопределување, во позицијата се заклучува: „Поради сето горенаведено и земајќи го предвид државниот став по прашањето за (не)постоење на македонското малцинство, сметаме дека податоците од пописот, воопшто, а особено за прашањата за бројот на Македонците и македонските говорители драстично ќе се намали, а состојбата ќе биде особено лоша кај повозрасните групи и помалку писмени граѓани. Сметаме дека податоците од пописот се неточни, пристрасни и неупотребливи.“

Како потписници на позицијата за резултатите од пописот во Бугарија се наведени организациите: ОМО Илинден-ПИРИН, ОМО Илинден, Антички Македонци, Друштво на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор, Здружение за заштита на основните индивидуални граѓански права, Македонски клуб за етничка толеранција во Република Бугарија, граѓанска иницијатива за признавање на македонското национално малцинство во Бугарија и заштита на правата на граѓаните на Бугарија со македонска самосвест „Народна волја“.
Инаку, негирањето на постоењето на македонско малцинство во Република Бугарија, како официјална политика на Софија во текот на изминатите 60 години, е прогресивно и експлицитно осудувано од страна на редица највлијателни меѓународни тела и инстанци, за што има и редица судски пресуди и одлуки на Советот на Европа против Бугарија.
Актуелната комесарка на Советот на Европа за човекови права, Дуња Мијатовиќ, во својот извештај за Република Бугарија (од 10 март 2020 година) алармантно ја прибележа неконтролираната нетолерантност манифестирана спрема малцинските групи во Бугарија, афектирајќи ги особено лицата што себеси се идентификуваат како етнички Македонци“. Понатаму, четвртото мислење на Советодавниот комитет на рамковната конвенција за заштита на националните малцинства категорично и јасно им препорача на бугарските власти да започнат дијалог со Македонците заради целта од примена на оваа конвенција спрема нив, да не се злоупотребува правото на самоопределување на македонското малцинство во Бугарија, советувајќи ги истовремено бугарските власти во поглед на спроведувањето на идните пописи да ја вклучат графата за идентификување на помалобројните малцинства, како што е македонското.

Во однос на овие случувања и реакција на македонските организации во Бугарија за манипулации и злоупотреби при тамошниот попис, адвокатот Тони Менкиноски, кој е одличен познавач на случувањата и наедно застапник на македонските здруженија пред европските судови, вели дека Бугарија мора да ги имплементира пресудите на Европскиот суд, кои се во полза на македонските здруженија.
– Комитетот на министри, највисокото одлучувачко тело на Советот на Европа, каде што Бугарија (за разлика од нејзиното моментално право на вето во рамките на ЕУ, кое таа упорно и гордо го вежба спрема нашата држава на штета дури и на самата ЕУ), нема право да стави какво било вето на натамошното процесирање на процесот на мониторинг над извршувањето на оваа група пресуди на Европскиот суд од страна на Република Бугарија. До јуни 2021 година, Бугарија требаше да ги имплементира пресудите на Европскиот суд за човекови права, рок што потоа е продолжен до 1 декември 2021. Во спротивно, во март 2022 година, вклучително, во отсуство на конкретен напредок, ќе се разгледа преземање нови дејства од страна на Комитетот на министри при Советот на Европа за да се осигури дека Бугарија ќе ги исполни своите обврски според пресудите на Судот. Со дипломатски речник кажано, Комитетот на министри при Совет на Европа во март 2022 година, во согласност со неговиот статут, ќе побара суспензија од членство на Бугарија од Советот на Европа поради непочитување на прифатените принципи на владеење на правото и уживањето на човековите права и основни слободи од страна на секој поединец под нејзина јурисдикција – вели Менкиноски.
Очигледно се раѓа ново сонце на слободата за Македонците во Бугарија и нивното постоење и права веќе никој не ќе може да ги негира и оспорува.