Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Свети Николе се потпиша на штандот на граѓанската иницијатива за собирање потписи за законот за поништување на законот за попис.

– Го дадов мојот потпис против фалсификат попис. Да поддржиме европски и вистински попис. Да спречиме кражба, да ја тргнеме политиката од статистиката – порача партискиот лидер.

Од опозициската партија воедно информираат дека денеска стотици граѓани чекале на ред да се потпишат на пунктовите во Кочани, Делчево, Виница и другите населени места низ источниот дел од Македонија.

Од таму додаваат дека заинтересираноста за иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ е огромна и меѓу граѓаните од Пелагониско.

– Граѓаните се едногласни, нема да дозволат нови грешки заради коалициските договори на Заев. Попис може да има, но тој да биде исклучиво статистичка операција, кој ќе ја отслика реалноста – стои во партиската порака.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски објави дека се собрани 25 илјади потписи за неколку часа, на над 300 локации.


Се собираа потписи и во Битола

ВМРО-ДПМНЕ Битола на плоштадот „Гоце Делчев“ денеска организираше собирање на потписи против Законот за попис. Според опозицијата, ова се прави бидејќи власта насилно и нетранспарентно го туркаше законот за попис, злоупотребувајќи европско знаменце и во онака скратената собраниска постапка. А се тврди и дека владејачкото мнозинство ги одби сите 40 закони кои ВМРО-ДПМНЕ конструктивно ги предложи да го подобори законскиот текст.

Опозицијата наведува дека партиите од власта веќе почнаа да лицитираат со бројки, проценти и резултати што само ја руши и онака малата веродостојност на процесот, имајќи предвид дека власта на Заев многу пати досега покажала дека е склона кон фалсификати и дека на пописот по стандарди на Заев се предвидува да се попишуваат лица нерезиденти, кои се иселени од Македонија, велат од битолската ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека ќе собират потписи секојд ден од 12 до 15 часот. М.М.