Фото: Собрание

Откако во петокот јасно и недвосмислено 61 пратеник се потпиша на иницијативата за недоверба на Владата, хибридниот режим на власта започна со брутална кампања, со многу притисоци, закани и уцени да го гази човечкото достоинство, обвини на социјалните мрежи Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, во порака која му ја упатува директно на пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи.

Скендер Реџепи-Зејди во текот на вчерашниот ден појасни дека се залага за уривање власта, но е дециден дека тоа нема да го стори по цена неговиот потпис да биде на список на кој се наоѓаат потписите на пратениците од Левица.

– Колега Скендер Реџепи, да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа Ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието, за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ – наведува Мицевски во објавата на Фејсбук и изразува надеж дека Реџепи ќе застане заедно со мнозинството на пратеници.

Според претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, во овој случај не се гласа за идеологија, туку вистинското прашање дали, како што вели, ќе продолжи криминалот и корупцијата ќе се реформираме заедничката татковина.

Вчера беше соопштено дека Мицевски и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ангелина Петковска се позитивни на ковид-19. Тој истакна дека се чувствува добро и нема ништо неизвесно во однос на неговото и гласањето на Петкова за недоверба на владата.