Фото: Маја Јаневска-Илиева

За разлика од претходниот мандат, актуелниот мандатар и иден премиер истакна дека овој пат во фокусот на работата на Владата ќе биде решавањето на домашните прашања и проблеми, меѓу кои како најважни се посочуваат ковид-кризата, здравството, економијата, образованието, екологијата, но исто така и борбата против корупцијата, реформи во правосудството, правната држава, проверка на имотот и парите на функционерите, интеграција кон ЕУ итн.

Во Собранието доставени предлогот за составот на Владата и нејзината програма за работа

Предлогот за составот на новата влада, како и програмата за наредниот четиригодишен мандат, мандатарот Зоран Заев вчера го достави до архивата на Собранието, во претпладневните часови. Придружуван од предложените членови на новиот владин кабинет, лидерот на СДСМ, во улога на мандатар, најави дека „македонските граѓани ќе добијат одговорна влада, која ќе гарантира континуитет во остварување на стратегиските приоритети“, но искажа и увереност дека доставил предлог за влада што е подготвена да сработи во полн четиригодишен мандат. Предлозите беа доставени откако претходната ноќ, до доцна по полноќ, Собранието на маратонска седница ги констатира оставките на идните министри, на чие место ќе дојдат други пратеници.
За разлика од присутноста и транспарентноста на предложениот министерски тим во миговите на доставување на предлогот во Собранието, за увид во интегралниот текст на програмата за работа на идната влада медиумите и јавноста ќе мора да почекаат таа да ги помине стандардните собраниски процедури.

Имено, по доставувањето на предлог-програмата во парламентот, претседателот на Собранието треба да закаже пленарна седница за разгледување и дебата од страна на пратениците, а во меѓувреме материјалите треба да бидат размножени и доставени до сите пратеници, па дури потоа да ѝ бидат достапни на јавноста. Тоа може да биде период од неколку часа до неколку дена, во зависност од предвидената динамика на работа на собраниските тела и органи.
Сепак, во ера на заложби и интенција за што побрз проток и достапност до информациите, ваквото необјавување на содржината на програмата создава впечаток на „задоцнета транспарентност“.
Таквата практика на собраниските процедури и хиерархија во однос на информирањето за содржината на предлог-програмата на Владата ја почитуваат и во партијата СДСМ, чиј лидер е токму мандатарот Заев. До затворањето на денешното издание на весникот, во однос на принципите и содржината на предложената владина програма, единствено конкретна е само изјавата на мандатарот Заев на оваа тема. Засега не е познато во колкава мера во владината програма се застапени делови од предизборните програми на постизборните коалициски партнери, СДСМ, ДУИ и ДПА.

– Програмата за работа ја отсликува посветеноста на сите политички партии од коалицијата за борба против корупцијата, прочистување на правосудството и потеклото на имотот на сите функционери. Сите сме согласни посветено да се работи на реализација на договорите со Грција и со Бугарија, како и на рамковниот договор, кој е темел на заедничкото живеење во мир.
Имајќи го предвид периодот со ковид-19, ќе се посветиме на инвестиции во јавното здравство. Како еден од столбовите е и борбата против загадувањето со суштински политики и инклузивен процес. Тука најмногу сте потребни вие граѓаните. Ова се принципите и вредностите од кои ќе се води новата влада – изјави мандатарот Зоран Заев, нагласувајќи дека очекува спикерот Џафери да даде доволно време за пратениците да се запознаат со програмата и со биографијата на предложените кандидати.

Заев очекува од идната недела да почне да функционира новата влада, затоа што треба институциите во полн капацитет да ги решаваат проблемите. За разлика од претходниот мандат, тој истакна дека овој пат во фокусот на работата на Владата ќе биде решавањето на домашните проблеми.
– Приоритет ни е справувањето со ковид-кризата, здравството, економијата, образованието и екологијата. Борба за секое работно место и за опстојување на фирмите, проверка на имотот на парите на функционерите, прочистување на судството, посветеност на преговарачките процеси со ЕУ и екологијата – рече Заев.
Мандатарот е уверен дека иако Владата има тесно мнозинство за поддршка од 62 пратеника, сепак ќе биде стабилна и дека ќе го истера четиригодишниот мандат, што се нема случено веќе деценија и пол. Но свесен е дека колку ќе биде успешна во тоа зависи и од соработката и кохабитацијата со опозицијата.

Иако пленарната собраниска седница за избор на новата владата не беше закажана неколку часа по доставувањето на предлогот, и кај СДСМ (односно коалицијата „Можеме“) и кај коалицискиот партнер ДУИ по надминувањето на внатрепартиските превирања беше изразена увереност дека новата извршна власт ќе биде изгласана до крајот на неделава.


Помал владин кабинет

Предложената нова влада ќе биде помала, односно ќе има 19 министри, наместо досегашните 26. СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери, кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.
Покрај Заев како премиер, членови на Вадата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи вицепремиер за економија, Никола Димитров вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска министерка за одбрана, Бојан Маричиќ министер за правда, Благој Бочварски министер за транспорт и врски, Венко Филипче министер за здравство, Мила Царовска министерка за образование и наука, Јагода Шахпаска министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска министерка за култура.
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата влада.
ДУИ ќе има шест члена во Владата. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи министер за надворешни работи, Фатмир Бесими министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. Министер за информатичко општество и администрација ќе биде Јетон Шаќири.