Моменталните поволни климатски карактеристики се главна причина за наездата. Ваквата состојба ни наложува спроведување вонредна адултицидна дезинсекција. Големата адаптибилност и репродуктивна способност на комарците и скромноста во изборот на локацијата за раст и развој ја прават борбата против нив многу тешка, вели Николина Соколовска, земјоделска инженерка, вработена во Одделот за епидемиологија при Центарот за јавно здравје – Скопје, која е надлежна токму за проблематиката со комарци

Инсектолози и земјоделски инженери ја решаваат енигмата за наездата на комарци

Времето никако да се стабилизира. Честите врнежи од дожд и нестабилното време се главната причина поради инвазијата од комарци со која се соочуваат жителите на главниот град. Комарците немилосрдно и неконтролирано се размножуваат, а главната причина за тоа, според експертите, се влажните временски услови.
Граѓаните гневни постојано купуваат препарати за кои се надеваат дека ќе им помогнат да се спасат од досадните убоди, кои потоа долго време иритираат чешајќи. Помалите деца плачат затоа што немаат друг начин да ја искажат својата мака, а некои дури и не излегуваат од своите домови, затоа што не сакаат да се изложат на милоста и немилоста на комарците жедни за човечка крв.
Надлежните на секој можен начин се обидуваат да се справат со наездата, која изминативе денови буквално го тероризира населението, но не можат да направат многу, со оглед на тоа што станува збор за природна работа, а постојаното прскање против комарците може да го загрози здравјето на населението.
Експертите велат дека, освен зголемената влага, причина за наездата на комарци е и зголемената температура на воздухот.
– Тоа значи дека моменталните поволни климатски карактеристики се главна причина за наездата. Ваквата состојба ни наложува спроведување вонредна адултицидна дезинсекција. Големата адаптибилност и репродуктивна способност на комарците и скромноста во изборот на локацијата за раст и развој ја прават борбата против нив многу тешка – вели Николина Соколовска, шефица на Службата за дезинфекција, дезинсекција и дератизација при Центарот за јавно здравје – Скопје.

Според неа, најважно е да се стави акцент на навремено третирање на стоечките водени површини (ларвицидна дезинсекција), со употреба на биолошки биоциди, која може да се спроведе преку аерозамаглување (авиони, хеликоптери и дронови), а исто така и од земја.
– Покрај третирањето на водените површини, треба да се спроведува и адултицидна терестична дезинсекција со биоциди од групата пиретроиди, со специјални апарати (генератори за УЛВ-замаглување) и аерозамаглување на ненаселени и недостапни места или во вонредни услови. Во земјите од ЕУ е забранета авиодезинсекцијата на возрасните комарци. Неколку години се користи активната материја делтаметрин, каде што, според литературата, по долга употреба на биоцидите би требало да се создаде отпорност (резистентност), но, сепак, не можеме да потврдиме затоа што тоа треба да се докаже – вели таа.
Според неа, во борбата со комарците граѓаните може да си помогнат со менаџирање на животната средина.

– Тоа значи да ги отстранат непотребните садови, исфрлените предмети, контејнерите, да им биде среден градинарскиот алат, да ги одржуваат олуците, правилно да ги складираат старите и новите гуми, да ставаат песок во вазните со цвеќе на гробишта или да го заменат со вештачко цвеќе, правилно да ги затворат резервоарите за вода, редовно да ја менуваат водата во поилиштата, правилно да ги менаџираат септичките јами, приватните базени и фонтани, да постават мрежи за инсекти на прозорците и на вратите, да користат средства за одбивање на комарците (репеленти) и да носат облека со долги ракави и пантолони со светла боја – вели таа.
Според Соколовска, за ефикасна контрола на комарците треба да се знае составот на видовите комарци и да се применат мерки. Меѓу тие мерки се управување со животната средина на комарците, што е во надлежност на локалната самоуправа, како и одговорно однесување на населението со отстранување на водата што може да стане легло на комарци, биолошка контрола, механичка контрола, физичка контрола, генетска контрола, лична заштита, хемиска контрола, односно редовна и навремена дезинсекција, што е задолжение на локалната самоуправа.

Граѓаните веќе не знаат што да преземат за да се спасат од овие досадни и упорни инсекти. Велат дека пробале и хемиски средства од аптеките и бабини лекови, но ниту еден препарат или домашно направен лек не им помогнал во справувањето со нив.
– Едно мало богатство потрошив купувајќи разни препарати за да се спасам себеси и моите деца од комарците, кои изгледа само чекаат некој од нас да излезе надвор и да нѐ нападнат. Пробав сѐ, ништо нема ефект. Се чини дека стануваат отпорни на секое средство против нив и се враќаат посилни. Пробував дури и старински лекови. Мојата баба ми кажа дека против комарци многу помага оцетот, безуспешно. Пробав, се намачкав, но залудно. Комарците повторно ме напаѓаа. Нешто мора да се преземе, затоа што бебето ми е буквално целото искасано од нив. Плаче, го чеша, нервозно е, а не можам да направам многу за да му помогнам – вели Ивана Ј., од Скопје.
Скопје е котлина со доста големо зеленило, па населбите каде што има погуста вегетација се најпогодени од инвазијата. На граѓаните им останува да се надеваат дека прскањето од страна на градските власти ќе им помогне во справувањето со нив.
Градските власти пред повеќе од десетина дена прскаа против комарци, а вчера и денеска уште еднаш. Според информациите, службите откриле дури 54 нови легла на комарци.

Според градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, морало да се направи пауза помеѓу прскањата, бидејќи постојаното изложување на граѓаните на инсектицидот може да влијае негативно на нивното здравје.
– Кога воздухот во станбените места е токсифициран, треба да се внимава на здравјето на граѓаните. Тоа е нешто што мора да се има предвид. Затоа имавме пауза од десетина дена, и покрај тоа што изминатите денови навистина беа мачни со комарците – изјави Шилегов.

Со прскањето беа опфатени над десет илјади хектари, а и покрај тоа што беше вонредно, не бараше дополнителни средства од градскиот буџет.
Прашања поставивме и до градските власти, но до затворањето на весникот не добивме одговори.
Наезда на комарци нема само во земјава, односно во главниот град. И Осиек мака мачи со комарците. Тамошните жители дури се заканија со протести доколку надлежните не преземат соодветни мерки против комарците, по што локалната власт вчера и денеска реализира вонредно прскање против комарци.


Комарците претпочитаат одредена група луѓе

Некои од луѓето тврдат дека комарците повеќе сакаат да ги касаат нив отколку другите. Велат дека како да имаат магнет за комарци, па никако не можат да се спасат од досадните убоди.
Науката, пак, вели дека постојат повеќе фактори што влијаат на тоа дали и кого ќе касаат комарците.
Една од причините е произведувањето на јаглерод диоксид, кој вообичаено го испуштаме кога дишеме. Количеството на јаглерод диоксид се зголемува кога луѓето реализираат некоја физичка активност, а зголеменото количество на јаглерод диоксид всушност им покажува на комарците дека во непосредна близина има човек.
Специфичните телесни мириси и потта исто така може да бидат причина поради која некои луѓе им се омилени на комарците. Комарците ги привлекуваат одредени состојки што ги има на човечката кожа и во потта. Едни од тие состојки се млечната киселина и амонијакот. Иако науката сѐ уште истражува зошто некои луѓе се поатрактивни за комарците од други, причини можат да бидат и генетиката, одредена бактерија на кожата или, пак, комбинација од двете.

Бојата на облеката што ја носат луѓето исто така функционира како магнет за комарците. Науката докажала дека црната боја и другите темни бои се најпривлечни за комарците.
Обожавателите на пиво исто така почесто се жртви на комарците. Една студија направена во 2002 година за ефектите на алкохолот врз атрактивноста на луѓето за комарците вели дека лицата што пијат пиво се поатрактивни за овие досадни инсекти.
Бремените жени исто така се цел на комарците, а причина за тоа е зголемената телесна температура, бидејќи комарците сакаат топло.
Истражувањата сѐ уште не се комплетирани и претпоставките се од досегашните добиени резултати.


Зошто касаат комарците?

Само женските комарци касаат, бидејќи им е потребна крв за да продуцираат јајца. Откако женката ќе го добие својот крвен оброк, таа може да произведе и да постави од 30 до 300 јајца одеднаш. За да произведе уште јајца, таа мора повторно да се нагости со (човечка) крв.
Машките комарци не се хранат со крв. Тие консумираат нектар и сокови од билките.

[email protected]