Фото: Маја Јаневска-Илиева

По Охридско, ќе се замати ли и Преспанско Езеро од концесионерски сплетки? Јавноста внимателно следи кој ќе ја добие концесијата откако минатите години се случуваа голем број скандали токму со незаконското стопанисување со македонските езера. Илјадници тони непријавена риба завршуваше на нелегалните пазари полнејќи им ги џебовите на луѓето што наместо да се грижат за езерата, дополнително ги уништуваа, а државата ја оштетуваа за милионски суми

Смеат ли да подигнат тендерска документација за концесија на Преспанско Езеро и Црн Дрим и оние што имаат забрана за таа дејност

Следниот понеделник истекува рокот за подигање на тендерската документација за учество на јавниот повик на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за добивање концесија за управување со Преспанско Езеро и со сливното подрачје на Црн Дрим, а јавноста внимателно следи кој ќе ја добие концесијата откако минатите години се случуваа голем број скандали токму со незаконското стопанисување со македонските езера.

Влада го раскина договорот со концесионерот за Охридско Езеро, а истиот тој ќе учествува на нов тендер

Илјадници тони непријавена риба завршуваа на нелегалните пазари полнејќи ги џебовите на луѓето што наместо да се грижат за езерата, дополнително ги уништуваа, а државата ја оштетуваа за милионски суми. Оштетени останаа и голем број рибари, кои и покрај исполнувањето на работните задачи, на крајот остануваа извисени од концесионерот, кој или не им ја плаќаше уловената риба, или, пак им ја плаќаше по пониска цена. Многу од нив работеа и на црно, непријавени и без здравствено осигурување, иако тоа е спротивно на законот.
Колку за потсетување, на почетокот на минатата година македонската влада го раскина договорот за концесија за Охридско Езеро со концесионерот „Летница – Белвица“ токму поради вакви нерегуларности, за кои „Нова Македонија“ во серија текстови претходно предупредуваше.
Од тие причини и сега сите очи се вперени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), со намера доследно да се испочитува тендерската постапка и да не се дозволи повторно лица или компании со сомнително портфолио да го преземат управувањето со езерата.
„Нова Македонија“ се информира во МЗШВ околу интересот за тендерот, при што ни беше соопштено дека засега само се подига тендерската документација, појаснувајќи дека јавниот повик е отворен до 29 март до 10 часот, не откривајќи други детали. На прашањето зошто јавниот повик не е објавен на интернет-страницата на МЗШВ, кратко ни беше одговорено дека тоа е поради проблеми од техничка природа, но дека детали од повикот можат да се видат во „Службен весник“ од минатиот месец.
Во меѓувреме, добро упатени извори за „Нова Македонија“ тврдат дека и за овој тендер документација подигнале лица што во согласност со законот треба да имаат забрана за вршење концесионерска дејност, но тие продолжуваат да наоѓаат заобиколни патишта да ја изиграат државата и да го преземат управувањето со Преспанско Езеро и Далјан, односно Црн Дрим.

– Истите луѓе што беа гробари на Охридско Езеро, имаат подигнато тендерска документација за учество на јавниот повик за добивање концесија за Преспанско Езеро и риболовната зона Далјан, Црн Дрим, иако ним треба да им е забрането вршењето на ваква дејност токму поради претходните неправилности во работењето – вели анонимниот извор.
Според него, МЗШВ треба добро да ги отвори очите и да не дозволи учество на луѓе на кои пред една година им била одземена концесијата поради неправилности во работењето.

Почитувањето на законот треба да биде единствениот критериум по кој во иднина ќе се избираат концесионерите

Според членот 28-а од Законот за рибарство и аквакултура се предвидува на лица што им била одземена концесијата да не можат да се занимаваат со оваа дејност, најмалку во следните три години.
– Во случај на раскинување на договорот, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство донесува Решение за исклучување на правното лице од сите идни постапки за доделување концесија на риби во период од три години од денот на донесување на решението. За втора негативна референца периодот на исклучување изнесува пет години, а при трета негативна референца на правното лице му се дава Решение за трајно исклучување за учество во понатамошните постапки за доделување концесии за риби. Забраната за учество во сите идни постапки за доделување концесија за риби се однесува на правното лице и на капитално, управувачки и роднински поврзани фирми, како и на основачите на правното лице што има негативна референца, неговите содружници и членовите на органите на управување, како и поврзаните правни лица и заинтересираната страна во согласност со одредбите од Законот за трговски друштва – се наведува во Законот за рибарство.

Иако Законот му наложува на МЗШВ на официјалната интернет-страница да ја објави Листата на негативни референци во делот на рибарство и аквакултура каде што може да се утврди кој не ги исполнува условите за учество на тендерите и кој има забрана, таму единствено може да се најде документ од 2018 година што не може да се отвори поради технички проблем со серверот преку кој оди пристапот до архивата.
Како и да е, повеќе од јасно е дека пред МЗШВ во следниот период стои сериозен предизвик кога станува збор за заштитата на рибниот фонд и планско управување со него, така што почитувањето на законот треба да биде единствениот критериум по кој во иднина ќе се избираат концесионерите на македонските водни богатства, со единствена цел, нивна вистинска заштита и домаќинско работење. Тоа е во интерес на сите.

Фото: Маја Јаневска-Илиева