Европската комисија неодамна ја претстави стратегијата за водород што треба Европа да ја направи климатски неутрална до 2050 година, а Македонија како земја кандидат за почеток на пристапните преговори со ЕУ ќе мора уште отсега да ги адаптира еколошките стратегии со оние на Унијата

Македонија сè уште не почнала да ги користи бенефициите од гасификацијата во насока на обезбедување почиста животна средина, а европските стратегии веќе предвидуваат целосно свртување кон производство на енергија што воопшто нема да зависи од фосилните горива и до 2050 година целосно ќе се добива од обновливи извори на енергија.
Европската комисија неодамна ја претстави стратегијата за водород што треба Европа да ја направи климатски неутрална до 2050 година, а Македонија како земја кандидат за почеток на пристапните преговори со ЕУ ќе мора уште отсега да ги адаптира еколошките стратегии со оние на Унијата, доколку не сака да остане едно од најзагадените подрачја во Европа.
Целта на оваа европска стратегија е да се декарбонизира производството на водород, што ќе биде можно поради брзиот пад на цените на енергијата од обновливи извори и забрзувањето на технолошкиот развој, така што токму водородот ќе почне да се користи како замена за фосилните горива.

Македонија во моментот во најголем дел при производството на енергија е зависна од фосилните горива, додека водородот како гориво воопшто и не се употребува, ниту пак е во план негова употреба, туку акцент се става на гасот, кој иако спаѓа во фосилни горива, сепак, многу помалку загадува од јагленот и од нафтата.
Државата во добар дел се фокусира и на производството на струја од фотоволтаични и ветроцентрали, така што ако се реализираат овие амбициозни планови, се очекува значително намалување на емисиите на стакленички гасови до 2050 година.
– Природниот гас со планираните интерконекции со Грција и другите земји, како и со веќе започнатиот амбициозен план за гасификација, се очекува да има важна улога како транзициско гориво до 2050 година, заменувајќи го јагленот. Новата прекугранична инфраструктура ќе ги диверзифицира маршрутите за снабдување и ќе ја зголеми конкурентноста на пазарот, овозможувајќи потенцијален премин од јаглен на гас на производствените капацитети и индустријата – се наведува во Стратегијата за развој на енергетиката во земјава до 2040 година.

Домашната стратегија ја нагласува потребата за промовирање на користењето обновливи извори на енергија на начин што обезбедува одржлив енергетски развој, поточно фотонапонските и ветерните електроцентрали ќе бидат најбрзорастечки технологии за производство на електрична енергија во земјава, додека изградбата на нови мали хидроцентрали ќе зависи од процената за нивното влијание врз животната средина наспроти придобивките од произведената електрична енергија.
Дополнително, во стратегијата се разгледува и можноста за комбинација на централното греење со електрична енергија и сончеви системи за топла вода. Истовремено се предвидува и значително зголемување на употребата на електричните возила во делот на транспортот.

– Важни елементи во поддршката за поголемо користење обновливи извори на енергија во транспортот е финансиски да се поттикнува купувањето или функционирањето на таквите технологии, како и да се промовира изградба на потребната инфраструктура на национално и на локално ниво – се наведува во документот.
Според експертите во областа на енергетиката со кои се консултиравме, Македонија не може да ги следи европските планови за употребата на водородот при производството на енергија, бидејќи станува збор за исклучително скап процес.

– Во плановите за искористување на обновливите извори на енергија до 2030 година, во Македонија воопшто не е размислувано за искористување на водородот како опција. Tоа е поради фактот што во природна форма не може да се најде во природата, а високи се и трошоците (финансиски и еколошки) за неговото производство. За негово производство се користат фосилните горива преку соодветен процес на екстракција од метанот и јагленот. Соодветно на тоа, производството е доста скапо – велат експертите.