И јазикот заплеткан во небулози

Поранешниот дипломат Ристо Никовски во пообемен текст за „Нова Македонија“ се осврнува потемелно на договорот за надминување на разликата за името со Грција. Неговите ставови за овој договор досега ги изнесувал во повеќе текстови, во телевизиски дебати и во интервјуа, но во текстовите што ги објавуваме во четири продолженија прави детална анализа. Насловите се редакциски

Факт е дека со договорот се брише сѐ што е национално македонско во земјава на начин без преседан во меѓународната практика. Грција не можеше да го игнорира јазикот што е како таков етаблиран во светски рамки. А, што можеа друго да сторат? Да тврдат дека не зборуваме на македонски или дека таков јазик не постои? Би испаднале смешни. Со користената квалификација, впрочем, тие на некој начин само ни дозволуваат или налагаат да го користиме нашиот јазик, што е посебен преседан и навреда. Или, можеби, треба да им бидеме благодарни за тоа? Тие и понатаму ќе продолжат да ги игнорираат и нашиот јазик и нашиот идентитет. Впрочем, ако за нив јазикот македонски не е спорен, зошто договорот не е потпишан и на македонски и на грчки јазик, како што вообичаено се прави? Или, зошто Грција не презела обврска дека ќе дозволи училишта на мајчин јазик за Македонците во Грција? Такво нешто не им паѓало ни на крај памет. Со тоа би ги срушиле нивните историски синдроми дека ние како Македонци не постоиме, а таква намера – немаат. Грешките се, сепак, наши. Ние ги решаваме грчките проблеми со нашето име, а се плашиме да ги спомнеме нашите со нив.

Целосен апсурд е што Македонија во договорот прифати обврски и кон трети земји. Ќе треба да ги информираме сите меѓународни организации и тела, каде што сме членка, за влегувањето во сила на овој договор, со барање да ги усвојат и користат името и термините од членот 1 (3) од овој договор! Сите тие треба да потврдуваат, дури и да гарантираат дека нема повеќе Македонци и македонска национална држава! Каква глупост! Уште поголема е таа дека треба да бараме од сите членки на ООН така да ни се обраќаат и во билатералните односи. На тие што ни подале рака на пријателство и што нѐ признаа под уставното и историско име, кога ни беше најтешко, им удираме шлаканица.

Сѐ досега, сепак, е само почеток на нашите маки и понижувања. Веднаш се елиминирани нашите главни национални институции, со што му е зададен смртен удар на македонскиот народ, а ќе следува и сѐ друго што има национален предзнак, вклучувајќи ги и туризмот, химната, парите… Деталното касапење е планирано во процесот на преговори за влез во ЕУ. Тогаш ќе нѐ дотолчат. Тоа е стратегијата на САД. „Викиликс“ објави телеграма на нивниот амбасадор во Атина со која тој го информира Стејт департментот дека во договорот со Грција треба да се одреди – „име со географска одредница за севкупна употреба во меѓународни рамки, без да се чепка во идентитетот (а прашањето за идентитетот да не се спомнува до одредена фаза на евроинтегративниот процес)“. Тоа е објавено во „Дневник“ од 30 март 2011 година. Поради нашиот капитулантски и предавнички однос, меѓутоа, Грција сега постигна многу повеќе од планот на САД и остануваат само „ситници“ што ќе се средуваат во преговорите со ЕУ. Тогаш ќе почне нашиот ужас без крај. Во член 1 став 10 (б) во договорот е прифатено дека нашето „внатрешно“ прекрстување – „ќе почне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со ЕУ и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш“. На скенер ќе бидат ставени сите документи и материјали што се исклучиво за внатрешна употреба, вклучувајќи службени документи од сите сфери, школски дипломи, научни и културни дејности, спортски активности…

Повлекувањето на блокадите, уцените и ултиматумите од Брисел не се никаква добивка. Тие беа илегални и срамни. Македонија не смееше да биде попречувана од Грција, која не почитуваше и хашка пресуда, исто како и Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз… Односот на ЕУ, САД… кон Македонија, сите овие триесетина години, е класично користење сила што е неприфатливо и за осуда. А ние наместо да се бориме, капитулиравме. Измамите, пак, дека сега ни се отвораат вратите на НАТО и на ЕУ се чиста пропаганда без никаква основа. Може да се случи и веднаш да ни доделат датум за отворање преговори за ЕУ, кој ништо суштинско нема да смени. Периодот во кој Македонија може да стане членка, што е наш клучен интерес, е околу 15 години, под услов уште утре да ги почнеме пристапните преговори, не само да добиеме датум. Преговорите за членство ќе бидат нова касапница за македонизмот. Ќе нѐ делкаат како скапано дрво. Ќе бришат сѐ што некако останало македонско. Ќе имаат и право – сме се согласиле во новата држава сите придавки да се извлекуваат од новото име на државата, а не од старото. Ако последното поглавје го отвориме во 2026/7/8 година, а порано е скоро невозможно тоа да се случи, тоа значи дека нашите голготи на овој план, како последица на овој капитулантски договор, ќе можат да траат до 2031/2/3 година. Најмалку 15 години ќе бидеме изложени на национално малтретирање. Членството во ЕУ е важно ама преговорите ќе бидат поразителни за нас.

Во НАТО можеме релативно бргу да влеземе, бидејќи е тоа пред сѐ и нагласено нивни интерес, помалку од нашиот, заради блокирање можни регионални аспирации на Русија. Македонија воопшто не ја искористи оваа карта. Членството ни носи главно зголемени трошоци за одбрана бидејќи Македонија нема безбедносни закани однадвор. Тие доаѓаат однатре, преку Албанците, кои директно и неоспорно се во функција на американските интереси во регионот. Сетете се на војната од 2001-та и на ОРД, со кој почна бришењето на националниот карактер на државата и разнебитувањето на македонскиот народ. Не заборавајте го и Косово. Нашето членство во НАТО само ќе ја олесни реализацијата на проектот на САД за федерализација на Македонија и за трета албанска држава. Доказите за тоа се секојдневни и евидентни.

Кој вели дека некој ни се меша во внатрешните работи? Нема такво нешто. Проблемот е што ние самите не се мешаме во нив. Целосно им ги препуштивме на другите. Откако Грција и нејзините партнери ни наметнаа промена на името на државата, промена на Уставот и бришење на сѐ национално во земјата…, нашиве капитуланти сега се фалат дека ние, неофицијално и меѓу себе, ќе можеме да ги употребуваме придавките македонско/а/и. Каква бесрамност! Зарем Грција може да нѐ спречи да ги изговараме овие придавки, приватно и меѓу себе? Тие веќе еднаш извршија геноцид врз Македонците во Грција, а сега вршат целосен геноцид и врз нас, во нашава капитулирана земја. Арно ама… скришум, со шепотење, ние ќе можеме да ги користиме придавките! Каков наш триумф!
Жалосен и смешен е фактот што нашата власт постојано повторува дека сме изградиле пријателство и тоа стратегиско со Грција. Тие, или не се од тука, или не разбираат дека веќе триесетина години тие се со нас во војна и сакаат да нѐ уништат. Таа ќе трае уште долго бидејќи нашите маки по откажувањето од сопствениот народ и од сѐ што е национално македонско не завршуваат туку се интензивираат.

Објективно, Грција и не сонуваше за наша целосна капитулација. Незадоволството на тамошната опозиција може да биде и оркестрирана глума. Прво, ним тоа им одговара на внатрешен план, пред следните избори заради екстремното расположение на масите, кои 150 години се индоктринирани, труени и лажени дека нашиот народ не постои. Второ, нивното незадоволство, за кое нема реална и разбирлива основа, освен психолошка, бидејќи Грција доби сѐ, можеби е замислено да создаде лажна слика дека тие губат, а Македонија доби премногу, за да се создаде клима кај нас за прифаќање на тоталната капитулација? Зад таквиот став на тамошната опозиција лесно можат да стојат и странски ветувања за отпишување на (добар) дел од долгот? Тоа е веќе најавено.

(продолжува)