Статија во бугарскиот весник „Слобода“ посветен на Младата македонска книжевна дружина и „Лоза“ објавена на 18 февруари 1892

Државата и општеството се тие штомора да ја бранат својата историја.
Можеби постои разлика помеѓу историјата како наука и историјата како дел од идеолошкиот столб на самосвеста на народот и државата, но, секако, треба да се гради кохерентна и логична верзија на историјата, со објаснување на нејзините закони и дух, проткаена со љубов кон сопствениот пат, со сите негови подеми и падови. Каква историја ќе учат нашите деца, навистина е прашање на нашето опстојување, односно на нашата иднина. Никој нема право да забрани спорови за минатото, но никој нема право ни да ја наметнува историјата. Меѓу другото, историјата нѐ научи на една едноставна вистина: нема ништо пострашно од расколот и поделбата. Луѓето што не сакаат да ја зачуваат и пренесуваат својата историја, ќе учат туѓа верзија од својата историја

Повод: Автентичните историски извори на македонскиот национален и политички сепаратизам наспроти историските митови

Во еден текст објавен неодамна во нашиот весник, на страниците на додатокот „Избор“ од медиумите во светот, се најде текст што зборува за третманот на историските факти во денешното модерно општество, за обидите за ревизија и ретуширање на историјата, за задоволување на интересите на одредени поголеми и посилни нации, односно текст што предупредува за тоа дека треба да бидат спречени обидите за фалсификување на историјата. И ние како нација долго време го чувствуваме притисокот на соседните нации и држави, поддржани од нивните патрони и поголеми сили. Примерот со соседна Грција и Бугарија и нивните методи и алатки не е нешто непознато ниту за нацијата, ниту за нашата сѐ уште млада држава, ниту, пак, за раководствата и нашите досегашните влади и власт. Но токму како млад и сѐ уште фрагилен државен ентитет, ние дадовме и премногу. На отстапките и попуштањето треба да им се стави крај, бидејќи се соочуваме токму со историската изрека „дадовме еден прст, но ни ја земаат цела рака“…

Уште еден пример на националистичките претерувања на бугарската историографија

Денес, во 21 век, сѐ уште националистичките претерувања се составен дел од општественото ткиво на Балканот, а тоа е особено видливо во негирањето на македонските национални особености – јазик, култура, историја и др. Имено, современата бугарска историографска мисла ја негува „легендата“ дека Младата македонска книжевна дружина е бугарско просветно и благотворително друштво на емигранти од Македонија, кое суштествувало во Софија во почетокот на 90-тите години на 19 век. Според бугарската историографија, во споменатото друштво учествувале повеќе бугарски просветители и општественици од Македонија – Евтим Спространов, Петар Поп Арсов, Тома Карајовов, Коста Шахов, Даме Груев, Гоце Делчев, Иван Хаџи Николов, Војдан Чернодрински и др. Официјалното бугарско сфаќање за дејноста на Младата македонска книжевна дружина е дека се стреми кон проширување на основата на бугарскиот литературен јазик во насока на западните бугарски дијалекти (се мисли на македонскиот јазик и неговите дијалекти).

Оставајќи ги бугарските националистички митови настрана, да видиме што говорат историските факти. Современиците на лозарите најдобро ја осознале суштината на Младата македонска книжевна дружина, без разлика дали некому ќе му се допадне или не, историските извори и документи во целост ги побиваат искажувањата на бугарската историографија. Во почетокот на 90-тите години на 19 век, Младата македонска книжевна дружина и списанието „Лоза“ со своите погледи и ставови за Македонија и македонскиот народ го навлекле гневот на конзервативните и националистичките претставници на бугарското општество. Во овој дух се и пишувањата на бугарскиот весник „Слобода“ (весникот во овој период ја заштитува политиката на бугарскиот премиер Стефан Стамболов).

„Слобода“, 13 февруари 1892, број 741, страница 3

Споменатиот весник особено внимание им посветува на Младата македонска книжевна дружина и на „Лоза“.
На 13 февруари 1892 година, во еден напис можеме да прочитаме дека лозарите имаат цел да создадат нов литературен јазик. Проникнувајќи во сушината на Младата македонска книжевна дружина и „Лоза“, авторот на текстот вели дека стремежот кон „литературен сепаратизам“, кон себе го „привлекува и политичкиот“ („Слобода“, 13 февруари 1892, број 741, страница 3). Истиот автор во весникот „Слобода“, на 18 февруари 1892 година објавува нов текст што е посветен на Младата македонска книжевна дружина. Во него се вели дека и во минато Македонците пројавувале одделни политички и литературни стремежи, а Кузман Шапкарев уште во самиот почеток на националната идеја кај Македонците започнал да пишува книги на македонско наречје, но неговиот план да создаде особена македонска писменост пропаднал. Во споменатиот напис се вели дека пред околу шест или седум години, прочуениот Спиро Гулапчев започнал да го проповеда сепаратизмот меѓу Македонците и објавил една книшка на македонско наречје („Слобода“, 18 февруари 1892, број 744, страница 3).

И тогаш страшни напади, лаги и клевети, а и сега се повторува истото сценарио против Македонците и македонизмот

Особено жесток во нападите против Младата македонска книжевна дружина и „Лоза“ бил Д.Т. Левов. Според Левов, од статијата „Неколку белешки“… се гледа дека тие се присоединуваат „кон денешниот преовладувачки словенски елемент“, дека името на тој елемент е „Македонци“ (?!). Дружината во предметната статија говори дека Македонија е нивна татковина, дека тие се одделно словенско (?!) господарство, чие минато е прикриено со блесок, особено во време на Филип и Александар Велики, но при нивните наследници (?!) опаднало (!!)… Младата дружина под булото на книжевноста не ја проследува целта за реализација и пропаганда на некаков фантастичен фонетски правопис, туку тенденции и цели, колку што се куриозни жални, толку се ужасни, позорни и опасни. Целта којашто се гони од „дружината“ и којашто е согледана од редакцијата на „Искара“ може да се види од предговорот на „Лоза“. Ст. 1 го опфаќа искажувањето на Софокле, „ништожник“ е оној којшто има подобар пријател од татковината“. Потоа се цитира… прогласот на баронот Костадин Бели испратен од „Виена кон своите еднородни Македонци“… Веднаш потоа почитуваната редакција продолжува: „Благодарение на последните политички случувања на нашиот полуостров и географската положба на Македонија, денес таму се собрале севозможни надворешни елементи, кои се воодушевуваат од своите умисли за нашата иднина… слободно и со трескава енергија го засилуваат антагонизмот, којшто и така постои. Само еден силен отпор од наша страна може да нѐ сочува од нивните посегања… Ова треба да биде стремеж на секој чувствителен Македонец, без разлика каде и да се наоѓа тој…“

 

Во понатамошниот дел на написот можеме да прочитаме: „Како што гледате, македонската дружина вели дека нивната татковина е Македонија; е последната населена од особено словенско племе, наречено Македонци; и дека таму се собрале севозможни надворешни елементи, т.е. Бугари, Грци, Срби и др., кои се воодушевуваат од своите планови и интереси; дека целта им е да ни дадат еден силен отпор и да се сочуваат… Лека полека ќе го подготвуваат бугарското општествено мислење за одделување на Македонија од Бугарија и полека лека ќе ги воведуваат зборовите од охридското наречје, коешто ќе биде литературен јазик на идната голема Македонија… Итро и вешто замислено, и тоа знаете каде – во Софија, во срцето, во центарот на Бугарија и бугаризмот!!! Цело организирано друштво со своите средства работи кон поткопување на целоста на бугарскиот народ.“ („Слобода“, 13 април 1892 година, број 786, страница 3).

Неколку кратки извадоци од гореспоменатиот текст „Луѓето што не сакаат да ја зачуваат и пренесуваат својата историја, ќе учат туѓа верзија од својата историја“

Државата и општеството се тие што мора да ја бранат својата историја.
– Можеби постои разлика помеѓу историјата како наука и историјата како дел од идеолошкиот столб на самосвеста на народот и државата, но, секако, треба да се гради кохерентна и логична верзија на историјата, со објаснување на нејзините закони и дух, проткаена со љубов кон сопствениот пат, со сите негови подеми и падови. Бидејќи луѓето што не сакаат да ја зачуваат и пренесуваат својата историја, ќе учат туѓа верзија на својата историја.
А оној што ќе ги задоволи интересите на надворешните големи сили, а кои не се совпаѓаат со нашите национални интереси или целосно ѝ противречат, таа историја „ќе минува“ и во таа насока ќе се прави ревизија на историските факти…
– Каква историја ќе учат нашите деца, навистина е прашање на нашето опстојување, односно на нашата иднина. Никој нема право да забрани спорови за минатото, но никој нема право ни да ја наметнува историјата. Меѓу другото, историјата нѐ научи на една едноставна вистина: нема ништо пострашно од расколот и поделбата! И тие произлегуваат од збунетост во умовите и омразата, кои се некомпатибилни со љубовта кон родната историја и земја.