Аналитичарите сметаат дека, според научните параметри, на Македонија ѝ се потребни модел со една изборна единица и отворени изборни листи, кои нема да бидат премногу комплицирани за гласачите, што би се решило со преференцијални гласови. Размислувањата, пак, на дел од политичките субјекти се различни, па дури и спротивни од очекувањата и потребите на граѓаните

Иницијативата на петнаесетина пратеници од малите партии за измени во Изборниот законик, во насока на замена на сегашните шест изборни единици во една, со пропорционален изборен модел, како и воведување отворени изборни листи, наскоро треба да се конкретизира во предлог-закон што ќе биде доставен до Собранието. Предлагачите сметаат дека таквиот заклучок од собраниската дебата за измени во изборното законодавство многу наскоро ќе се реализира.
– Текстот на предлог-законот веќе се подготвува и верувам дека ќе биде подготвен до 14-15 ноември, па ќе го доставиме во собраниска процедура. Доколку законот се разгледа и изгласа по итна постапка, (за што верувам дека има доволно време и расположение меѓу пратениците), тој ќе може да биде применет веќе на најавените предвремени парламентарни избори – вели Рубин Земон, еден од пратениците што се потпиша на иницијативата за измена на Изборниот законик.

Премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на дебатата со политичките партии иницирана од 12-те пратеници, изјави дека дури и да нема согласност од сите големи партии, може да се изгласаат законските измени, со кои се воведува концептот на една изборна единица. Притоа премиерот истакна дека со овие измени највисоко рангираните партии ќе изгубат најмногу, но ќе добие демократијата. Тој испрати порака до ВМРО-ДПМНЕ и до ДУИ, чии претставници не присуствуваа на тркалезната маса, внимателно да размислат. Имено, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, во разговорите за измени на Изборниот законик, се залага за враќање на мнозинскиот модел, додека, пак, коалицискиот партнер во власта ДУИ, не се согласува со предлогот за една изборна единица, па дури предлага и измени во насока на воведување осум изборни единици. Од друга страна, иако пратениците од малите парламентарни партии се закануваат дека нема да гласаат за изменетиот изборен законик доколку не бидат земени предвид нивните предлози во договорите на големите партии, сепак пратеникот Артан Груби од ДУИ изјави дека политичките партии усогласиле измени на Изборниот законик во кој не се предвидува промена на изборниот модел. Според него, апсурдно е да се дискутира за промена на изборен модел пет месеци пред предвремени избори.

– Ние остануваме на формалниот состав, коj дискутира промени на Изборниот законик и тоа е во рамките на Министерството за правда. Неделава имавме сите средба: и политички партии, невладини и меѓународни организации и веќе усогласивме текст на предлог-закон, кој во себе ги инкорпорира сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР од последните три изборни циклуси, претседателски, локални избори и референдум, и во тој предлог не се дискутира околу изборен модел – изјави Груби.

Иако до најавените избори на 12 април 2020 г. има речиси уште половина година, веќе од 3 јануари наредната година ќе треба да се воспостави т.н. пржинска влада, а според спикерот на Собранието, Талат Џафери, парламентот ќе биде распуштен на 11 февруари. Таквиот изборен календар значително го намалува временскиот простор за донесување на законските измени и за спроведување нов изборен модел со една изборна единица и отворени изборни листи.

– Сметам дека е тешко возможно претстојниве избори да се спроведат во една изборна единица и отворени листи, пред сѐ затоа што нема политички консензус за законските измени да се донесат во преостанатиот временски рок. Притоа, ценам дека во овој момент поважно за демократизација на изборниот процес е воведување отворени листи. Една изборна единица е математичка операција, односно влијае на броењето на гласовите за освојување мандати. Во краен случај, за демократизација на изборниот процес не е толку важен изборниот модел, колку однесувањето на партиите. Пластично кажано: не е до автомобилот, до возачот е – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Арсовски смета дека, според научните параметри, на Македонија ѝ се потребни модел со една изборна единица и отворени изборни листи, кои нема да бидат премногу комплицирани за гласачите, што би се решило со преференцијални гласови.
– Науката вели дека таквиот модел е најсоодветен за македонските демократски изборни услови. Сѐ друго е политика – заклучува Арсовски.