Претседателот Стево Пендаровски за „Катимерини“

Кога преговараш со ЕУ, политичката дискусија е во оваа рамка, постои пат, а во спротивно доаѓаат странски влијанија и тогаш сите почнуваат да се прашуваат, можеби постои друго алтернативно решение наместо ЕУ, истакна претседателот Стево Пендаровски, во интервју за неделното издание на грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина. Тој додаде дека „сѐ додека не напредуваме кон ЕУ, националистичките сили освојуваат терен“.

Претседателот се осврна на евроинтеграциите на Македонија, посочувајќи дека државава прво се соочила со грчката блокада, па потоа француската страна барала нова методологија, а сега актуелно е бугарското вето. Пендаровски посочи дека „можеби Бугарија не е сама во оваа блокада“, односно дека можеби посилните и поголемите држави можеби воопшто не сакаат западен Балкан да се интегрира во ЕУ. Претседателот смета оти „ЕУ се движи во спротивна насока“.

Тој, меѓудругото, зборуваше и за евентуалните странски влијанија во регионот, грчката поддршка на патот кон ЕУ, постигнувањето на Преспанскиот договор, како и за двата проекта во енергетиката, гасоводот Скопје – Солун и терминалот за природен гас во Александруполи.