Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дали во сегашната констелација на односите има некаква шанса милијардите што се повторно во игра да бидат реални или веќе виденото сценарио ќе има реприза? И дали ваквите најави, кои можеби повеќе имаат форма на герила-маркетинг, фокусирани на добивање на довербата на граѓаните пред секои избори, се навистина детално обмислен динамичен план со конкретни проекти преку кои би се обезбедиле најавените милијарди, кои би се трансформирале во инвестиции?

Милијардите „политички атрактивни“ од Тупурковски до денес

Триесет години македонските граѓани живеат со ветувања на одредени политичари дека ќе ја направат земјата Швајцарија на Балканот, ветувајќи им милијарди евра инвестиции. Тие реално никогаш не се случија, но имале ли реална основа да се случат или биле пусти ветувања? Дали во сегашната констелација на односите има некаква шанса милијардите што се повторно во игра да бидат реални или сценариото ќе се повтори? И дали ваквите најави повеќе имаат форма на герила-маркетинг за добивање на довербата на граѓаните пред секои избори отколку на детално обмислен динамичен план со конкретни проекти преку кои би се обезбедиле најавените милијарди, трансформирајќи ги во инвестиции?

Со досега ветените милијарди, Македонија досега требаше да стане Швајцарија

Единствено опипливи милијарди што изминатите три децении се конкретизираа во земјава се милијардите обврски што ни се акумулираа по разни основи, кои ги заобиколија капиталните инвестиции и кои се загубија низ државните лавиринти, но кои, секако, ќе треба да ги враќаат неколку поколенија македонски граѓани.
Првата милијарда кон крајот на минатиот век ја најави Васил Тупурковски, кој со својата Демократска алтернатива внесе нова енергија на македонската политичка сцена токму со ветувањата за инвестициски бум во државата, но ветувањето за милијардата исчезна брзо исто како и авантурата со признавањето на Тајван.
По неуспехот на Македонија да се зачлени во НАТО во 2008 година на самитот во Букурешт, тогашниот премиер Никола Груевски една година подоцна, на почетокот на светската економска криза, најави не една, не две, туку инвестиции во висина од осум милијарди евра, нешто што одекна како бомба во регионот. Тогашната опозиција, а сегашна власт, го обвинуваше Груевски дека со ваквите најави прави само политички маркетинг.
Сега повторно имаме најтазе иницијативи со ставање на маса навистина големи цифри за инвестиции во висина од „милијарди евра“ од страна на актуелниот премиер Зоран Заев, кој најавува осум милијарди евра инвестиции во стратегиски инфраструктурни проекти, од кои некои се познати проекти чија реализација се најавува 30 години. Созреан ли е амбиентот за вакви амбициозни реализации или сѐ уште се зрели само амбициите?

Имаме ли апсорпциски капацитет за оперативно процесирање на толку
милијарди?

Некои од аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека вербалните најави за милијарди инвестиции се само гласни желби и политички нереални мечти.
– Ваквите најави се сведуваат на една симпатична и за јавноста привлечна приказна, со единствена цел да се мотивира популацијата и да им се дава надеж на луѓето дека навистина ќе дојдат толку пари. Мислам дека и самите политичари длабоко во себе се свесни дека исклучително тешко ќе биде да ги остварат најавите. Ако имаме предвид дека за 30 години самостојност во државава не влегле вкупно осум милијарди евра во директни инвестиции, тогаш апсурдно е да се верува дека во следните шест години ќе има инвестиции вредни осум милијарди. Тешко ми е да изустам, но тоа да не е само давање лажна надеж на луѓето дека нешто ќе се направи – вели аналитичарот Синиша Пекевски.
Според него, ваквите најави само звучат убаво да се слушнат, но ако се направи издржана анализа дали е тоа реално, ќе се утврди дека е целосно неостварливо.
– Со кој било експерт од економската област да се направи разговор, ќе стане јасно дека тоа да се случи се сведува на теоретска можност. Од низата досегашни анализи, заклучок е дека ние прво немаме апсорпциски капацитет за оперативно процесирање на толкави инвестиции, потоа немаме ниту ресурси во технички и во човечки потенцијал сето тоа да го реализираме, а да не зборуваме како финансиски да го поддржиме тоа. Тоа значи да увеземе и работна сила, што е неверојатно – истакнува Пекевски.
За Бранимир Јовановиќ, економски истражувач и професор по економија на Институтот за општествени и хуманистички науки, вакви проекти постојано се најавувале и никогаш не се оствариле.
– Можеби и нема потреба од грижи. Проективе се најавуваат со децении и никако да се реализираат. А и сегашнава влада во изминатите четири години не се покажа баш како оперативна во реализирањето проекти и во исполнувањето ветувања. Но, битна е суштината. А таа е дека во овие три децении „самостојност“ постојано ни се повторуваат истите начини на владеење. И истите политичари, кај кои општествената одговорност, одговорноста кон своите граѓани, нација, држава, татковина, како сакате, се сведува на одговорност кон најтесна група луѓе или кон своето партиско јато. Зрелоста на политичарот и лидерот се гледа и во визиите за својот народ и држава, но истовремено и во неговите конкретни мисии и проекти за реализација на визиите за општото добро и благосостојба – истакнува Јовановиќ.