Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денес оствари средба со eврокомесарот за миграција, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос, кој престојува во земјата по повод учеството на министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, во Скопје, на 18 и 19 ноември 2019 година.

На средбата беа разменети мислења за актуелни случувања во земјата и регионот по исходот на октомврискиот европски совет, како и за тековните прашања во самата ЕУ. Соговорниците се осврнаа и на заедничките современи предизвици, кои наметнуваат потреба од заедничка соработка и дејствување, со особен акцент на миграцијата, а во тој контекст стана збор и за потпишувањето на статусниот договор за соработка на Македонија со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража.

Министерот Димитров повтори дека и покрај искреното жалење што не се постигнал консензус за донесување одлука за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија во октомври, земјата не отстапува од европскиот курс, од реформите и градењето на добрососедските односи и регионалната соработка.

Еврокомесарот Аврамопулос изрази задоволство од постигнувањата на земјата во однос на европската интеграција.

– Северна Македонија покажа големи заложби и напори во справување со безбедносните ризици и предизвици што произлегоа од миграциската криза, а за кои ЕУ е особено благодарна и ќе продолжи да соработува со земјата и понатаму- рече Аврамопулос.