Фото: Игор Бансколиев

По еден месец од почетокот на учебната година со физичко присуство на учениците, не стивнуваат реакциите во јавноста на повеќе нивоа во однос на практикувањето на наставата и пропустите во однос на примената на мерките за заштита од ковид-19. Во меѓувреме, расте бројот на инфицирани наставници и ученици, во некои училишта е евидентно намалувањето на дисциплината и контролата во однос на почитувањето на мерките, а од Министерството за здравство најавуваат проект за тестирање на 8.200 ученици

ЕДЕН МЕСЕЦ ПО ПОЧЕТОКОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА

По еден месец од почетокот на учебната година и одлуката за посетување настава со физичко присуство, какви се состојбите и епидемиолошката слика во училиштата и колку се почитуваат мерките за заштита?
Ова е клучното прашање што ги мачи родителите, учениците и наставниот кадар и на кое секој има различно видување. Но она што е евидентно при посетата на некои од училиштата е дека дисциплината и контролата се значително попуштени и не се почитуваат препораките за заштита од ковид-19. Во врска со ова, изминатиот период имаше и голем број реакции на социјалните мрежи.
Родителите велат дека изминатиот месец во многу училишта имало случаи на деца и наставници позитивни на ковид-19, како и дека многумина од нив одлучиле децата да не ги пуштаат во училиште. Посочуваат и дека во многу училишта се случува да не се почитуваат мерките за влез во училиштата, односно дека се пропуштаат ученици без да им се измери температурата. И носењето маски не се почитува и тие повеќе служат како декор отколку суштински и вистински да се применуваат, реагираат родителите.
Тие во моментот се растргнати помеѓу стравот за здравјето на своите деца и неможноста да им обезбедат соодветно квалитетно образование.
Од друга страна, од МОН тврдат дека сѐ е под контрола и дека нема ширење на вирусот во училиштата меѓу децата и наставниците. Иако не потврдуваат дали има непочитување на мерките, бараат нивно строго почитување.

СОНК бара пократки часови

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вели дека како синдикат имаат надлежности само на вработените во училиштата.
– Не е лесно да се спроведат протоколите, од аспект на тоа што во најголем број од училиштата наставниците се токму тие што треба да ги одржуваат редот, хигиената и протоколите во училниците – посочува тој.
Исцрпеноста на наставниците е голема, со оглед на тоа дека водат часови и зборуваат под маска, затоа апелирале за намалување на траењето на часовите.
– За жал, од сето ова нема никаков резултат – додава тој.

„Меѓаши“: Мерките не се соодветни

Од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ сметаат дека моменталните мерки не се во согласност со состојбата со која реално се соочуваат децата во училиштата.
– Дополнително, како што изјави претходно министерката, протоколите биле донесени во јули од страна на Комисијата за заразни болести, во период кога ниту илјадници ученици беа во училиште, како што се денес, ниту состојбата со бројот на заболени сега е иста како во јули – посочуваат од „Меѓаши“.
Оттаму препорачуваат часовите по физичко и спорт, кои во моментот се спроведуваат надвор, да се одвиваат без маски. Исклучително е важно да се обезбеди децата да дишат. Едно дополнително возможно решение, кое веќе го побара и наставничкиот пленум, е скратување на должината на часовите и начинот на спроведување на истите тие.
– Министерството за образование и наука предводено од министерката Мила Царовска, како и Комисијата за заразни болести се директно одговорни за целокупната ситуација во училиштата, а по нив се директорите, кои не успеваат да ги воспостават потребните хигиенски услови, во многу училишта недостигаат средства за дезинфекција и не постојат услови за почитување на пропишаната дистанца поради бројот на ученици во одделенијата. Веруваме дека интерна трансмисија веќе постои, од оние информации и пораки што со нас ги споделуваат родителите, а нетранспарентноста на МОН и неодредените изјави на министерката околу актуелната состојба и бројките во училиштата дополнително будат сомнежи за вистинската ситуација – посочуваат од „Меѓаши“.
Апелираат до сите родители, советите и училишните одбори да се обединат, да соработуваат и да воспостават отворена комуникација, споделувајќи ги навреме важните информации за состојбата во нивните училишта, како и да покажат висока свест, совест и емпатија со тоа што ќе ги задржат децата дома доколку некој од потесното семејство е позитивен или заболен. Само на тој начин, со заедничка соработка, ќе се избегне создавањето кластери во училиштата и пренесување на болеста меѓу децата.
– Сметаме дека можноста за учење од дома (хоумскулинг) е еднакво важен пристап што поскоро треба да се овозможи и кај нас бидејќи оваа практика со години функционира низ многу земји во светот. Оваа година, децата со посебни потреби сѐ уште не се вклучени во настава поради неисполнување на ветувањата на МОН дека ќе обезбеди образовни асистенти, кои се неопходна поддршка за овие деца да можат да следат настава – додаваат од „Меѓаши“.

МОН тврди дека сѐ е под контрола

Според податоците што МОН ги добива на дневна основа од училиштата, бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 отсто од вкупно 240 илјади ученици.
– Важно е да се напомене дека бројката е динамична и постојано се менува во согласност со бројот на негативни, односно оздравени од вирусот, или новодијагностицирани. Но клучно е да се каже дека навремената реакција не дозволува широка трансмисија на вирусот во училиштата – посочуваат од МОН.
Оттаму велат дека состојбата во училиштата е стабилна и на дневна основа се следи од надлежните здравствени институции, кои се во постојана координација.
– Тоа го потврди и последниот извештај на Институтот за јавно здравје, според кој, нема потреба од промена на моделот на настава, затоа што за 40 отсто е намалена инциденцата на ширење на вирусот кај населението на ниво на држава со почетокот на училишната година, споредено со ширењето на вирусот со последните две недели во август – велат од ресорното министерство.
Со цел да се зачуваат училиштата безбедни, од МОН апелираат доследно да се почитуваат протоколите за заштита, кои покрај вакцинацијата се и најдобриот начин за заштита: задолжително да се носат маски на затворено, дезинфекција на рацете, мерење на телесната температура при влез во училиштето и често проветрување и одржување на хигиената во училишните простории.

Поплаки кај омбудсманот

Народниот правобранител во септември испрати укажување до Министерството за образование и наука дека часовите со физичко присуство треба да бидат пократки, а одморите помеѓу часовите да бидат зачестени и подолги.
Народниот правобранител отворил предмет по сопствена иницијатива, откако со почетокот на оваа учебна година зачестиле јавувањата и поплаките од ученици и родители, кои се во врска со начинот на реализација на воспитно-образовниот процес во основните и во средните училишта, укажувајќи на неможност да се почитуваат, односно спроведуваат во целост протоколите, но и на конкретни проблеми.
Оттаму додаваат дека има голем број ученици по паралелка, често повеќе од 30 ученици, во училница што најчесто е со простор од околу 30 квадратни метри, со што е невозможно одржување физичка дистанца.


Ќе се тестираат 8.200 ученици

Венко Филипче, министерот за здравство, вели дека во согласност од родителите, учениците во основните училишта од прво до петто одделение, како и од шесто до деветто одделение и учениците од средните школи ќе бидат тестирани за присуство на ковид-19.
– Во методологијата се опфатени околу 8.200 деца, пропорционално дистрибуирани по општини според бројот на ученици. Планирано е скринингот да трае пет дена и дневно да се тестираат по околу 800 деца, во самите училишта каде што мобилни екипи ќе одат на терен и ќе го вршат тестирањето за време на часовите. Учениците ќе се избираат по случаен избор од регистарот на Е-дневник, а родителите ќе треба да потпишат согласност за учество во тестирање на децата. Доколку некој од родителите одбие, ќе има заменски примерок од каде што ќе се избира следното дете за тестирање – изјави Филипче.
Децата од посебните училишта и училиштата каде што просечниот број на ученици во одделение е помал од 10 деца ќе бидат исклучени од овој процес, од причина што станува збор за помали рурални места каде што учат многу мал процент од сите ученици и во места каде што инциденцата на вирусот е многу ниска.

[email protected]