Фото: Игор Бансколиев

Во автобусите на јавниот превоз, како и во такси-возилата дневно циркулираат огромен број луѓе. Поаѓајќи од тоа дека за влез во кафуле или во друг затворен простор се бара сертификат, нашиот весник истражуваше какви се условите во јавниот превоз по таа основа, каде што објективните показатели многу повеќе индицираат состојби од кои може дополнително да се генерира влошување на епидемиолошката состојба

(НЕ)ПОЧИТУВАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ ПРЕПОРАКИ ВО ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ

Ако протоколот за постапување во основните училишта вели дека на сите вработени и на учениците на влезот во училиштата најнапред им се мери телесна температура со бесконтактен топломер, тогаш некои граѓани логично поставуваат прашање дали вакво нешто треба да биде содржано и во протоколите наменети за вработените во извршувањето јавен превоз, меѓуградски, градски, како и за такси-возачите. Контрола има на влезовите во моловите и трговските центри, а кафулиња се затвораат за непочитување на протоколите. Од таму прашуваат колку и што се контролира во дејностите што извршуваат јавен превоз на патници, бидејќи и таму дневно циркулираат огромен број луѓе. Во автобусите на јавниот превоз, како и во такси-возилата може да влезат и здравствено-суспектни патници, а доколку возилото не се дезинфицира навреме, заразата може лесно да се шири. Сликите што изминативе денови се споделуваат на социјалните мрежи со автобуси од јавниот градски превоз во Скопје, преполни со патници, на кои се гледа дека голем дел не носат маски, треба да биде мотив да се мобилизираат надлежните. Од превознички компании во јавниот превоз тврдат дека возилата се дезинфицираат, а мерењето температура на возачите не е дел од протоколите за превоз на патници. Од ЈСП, пак, појаснуваат дека оваа практика летово била укината со олеснувањето на мерките. Од Групацијата на автотакси-превозници тврдат дека такси-компаниите имаат контролори што одат низ градот и им мерат температура на таксистите.

– Таа практика е укината летово, по владината одлука за олабавување на мерките за заштита од ковид-19. Но и натаму во сила е интерната одлука за носење заштитна маска при движење во кругот на претпријатието, при извршување на работните задачи и слично. Инаку, последен регистриран случај на возач во ЈСП Скопје позитивен на ковид-19 е во мај годинава. Секое возило се дезинфицира пред вклучување во сообраќај. Дезинфекцијата се врши со распрскување соодветни средства на база на алкохол и „Дезинтал 10 отсто“, а се врши и рачна дезинфекција на одделни делови од возилото, како ракодржачи и слично – велат од ЈСП.
Од Град Скопје, пак, појаснуваат дека и тие и ЈСП се придржуваат и постапуваат во согласност со одлуките на Владата и препораките на Комисијата за заразни болести, во однос на процентот на патници што се дозволува во јавниот превоз.
– Ние како институција само се придржуваме до овие одлуки и не ги носиме истите тие. Како Град Скопје, ние ја мониторираме состојбата во однос на искористеноста на јавниот превоз на дневна основа, преку контрола на искористените билети. Преку овие статистики можеме да утврдиме дали се создаваат поголеми метежи на одредени линии и во одредени термини. Таму каде што детектираме дека се создава поголем метеж, интервенираме со зголемување на бројот на автобуси. Во моментов сите линии сообраќаат со нормален возен ред, освен неколку приградски, кои сѐ уште сообраќаат по саботен возен ред. Во согласност со почетокот на учебната година и зголеменото движење на граѓаните, очекуваме во брз период целосно враќање на нормалниот возен ред во градскиот јавен превоз.

Самите автобуси се дезинфицираат редовно со цел заштита на патниците. Град Скопје апелира до сите лица што користат јавен превоз да носат заштитни маски и да се придржуваат до препораките и мерките изречени од соодветните здравствени институции – посочуваат од Градот.
Оттаму додаваат дека од аспект на контрола кај автобусите во јавниот градски превоз и такси-превозот имаат зајакнати инспекции и ги контролираат аспектите што можат, поточно се во нивна законска надлежност.
Граѓани коментираат дека таксистите возат секакви патници, можеби и болни и суспектни на ковид и доколку не дезинфицираат редовно, заразата само полесно се шири.
– Такси-компаниите имаат сопствени контролори што одат низ градот и им мерат температура на таксистите. Дезинфекција на возилата се прави, но не може по секој патник да се дезинфицира, тоа не го прави ниту ЈСП по секоја извозена тура. Инаку, Градот е организатор на автотакси превозот, но не нѐ контролира, колку ќе дезинфицираме и внимаваме толку и самите ќе се заштитиме. Сами на себе бевме препуштени и кога беше во прашање вакцинирањето, бидејќи вршиме јавен превоз молевме во Министерството за здравство да се вакцинираме организирано и на крајот бидејќи немаа слух за нас се организиравме самите и се вакциниравме во соседна Србија – вели Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на автотакси-превозници.

Во едно од такси-здруженијата велат дека возилата им се приватна сопственост на секој од членовите, секој сам си одговара за почитување на протоколите, кои важат за сите такси-компании, па и за нив, носење заштитна маска, дезинфекција на возилата и не повеќе од тројца до четворица патници во возилото. Од таму признаваат дека од градската инспекција имале многу казнети таксисти за неносење маски, но исто така таксистите имале и проблем со патници, особено млади лица, кои не сакале да стават заштитна маска на лицето кога им влегуваат во возилата, па одбивале да ги возат.
Од меѓуградската автобуска станица „Руле турс“ појаснија дека според протоколите за вршење на меѓуградски превоз, во автобусите е дозволено да се превезува полн капацитет на патници, секако почитувајќи ги мерките за заштита (носење заштитна маска и дезинфекција при влез во возилото), но може да се каже дека нивото на патници што се превезуваат за време на пандемијата, за разлика од нивото на патници пред пандемијата, е намалено за околу 45 отсто.

– Во согласност со протоколот за превоз на меѓуградски превоз, по завршувањето на турата автобусите се чистат и дезинфицираат со соодветно средство што дејствува на вируси, а за извршената дезинфекција се води редовна дневна евиденција. Протоколите содржат повеќе точки, како задолжително носење заштитна опрема на патниците и возачот, поставување средство за дезинфекција на влезните врати, поставување на јасно видливи места едукативно-информативни материјали за почитување на заштитните превентивни мерки, забрането јадење и пиење во автобусите, дезинфицирање на автобусите по секоја тура, одделување на возачот од патниците со физичка преграда во висина над главата, регулирано движење на патниците (влез и излез на различна врата), поставување канти за отпадоци со капак и слично. Според протоколите за меѓуградски превоз, мерењето температура не е потребно. Во нашата компанија нема казнети возачи за непочитување на протоколите и можеме да кажеме дека и патниците и возачите максимално ги почитуваат мерките за заштита, со што патувањето е безбедно – тврдат од компанија за превоз „Руле турс“.