Безбедносно-разузнавачки служби активни во заднината на бугарско-македонскиот спор

Дека бугарската разузнавачка служба Државна агенција за национална сигурност (ДАНС) е активно вклучена во спорот меѓу Македонија и Бугарија потврди самата институција во својот официјален годишен извештај. Покрај наведувањето на своите активности во функција на политиките на бугарската влада, Државната агенција за национална сигурност во својот извештај тврди дека и други „странски специјални служби ги активирале своите дејства за маргинализирање на бугарските надворешнополитички позиции“.

Инвазивни и активни методи на бугарската разузнавачка служба

Во извештајот на ДАНС, освен набројување и образложување на нејзините активности, се посочуваат информации и дека „други странски разузнавачки служби работат на активности за потпомагање на асимилациската политика кон бугарските заедници во странство, во согласност со туѓи национални доктрини“. Јавноста засега нема информација кои се всушност тие безбедносно-разузнавачки служби што ДАНС ги посочува дека ги спроведувале ваквите активности и кои се тие служби што се активни во бугарско-македонскиот спор.
Во контекст на таквите случувања, за обележување се релевантни информации добиени од соговорници од редовите на високите безбедносни структури, кои за „Нова Македонија“ брифираат дека во моментов во земјава, без дилеми, „македонските безбедносни служби дејствуваат во согласност со безбедносните протоколи на НАТО!“ Имено, тие нагласуваат дека домашната безбедносна заедница со своите активности „има цел да ги заштити безбедноста и уставниот поредок на државата“ и работи исклучиво во согласност со Уставот и законите. Во истиот контекст, домашните безбедносни експерти со кои се консултиравме од своето долгогодишно искуство, без дилема, тврдат дека „секој активен меѓународен процес, каков што е спорот меѓу Македонија и Бугарија, нормално е да привлече внимание на разузнавачките служби од светот и од регионот, а особено на бугарската служба, бидејќи бугарската влада активно го наметнува спорот“. Така, од ДАНС најразличен арсенал разузнавачки инвазивни форми и методи, во функција на агресивните хегемонистички позиции на бугарската влада, се на „менито на бугарската служба“ во последно време, а цел се македонски институции, функционери (сегашни и поранешни), медиуми и поединци и групи со кои соработуваат.

И други странски безбедносни служби вклучени во заднината на бугарско
-македонскиот спор?

Безбедносните експерти и аналитичари имаат интересен став и тврдат дека „со сигурност во овие моменти голем број светски служби оперативно се активни на терен и во двете земји, Македонија и Бугарија“, токму кога се одигрува политички процес со кој е закочено македонското членство во ЕУ.
Имено, поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека секоја приказна на овие случувања има две страни на монетата, една во Македонија и една во Бугарија.
– Во конкретниот случај, во Бугарија најверојатно не станува збор за класично разузнавање и шпионирање против бугарските позиции во спорот со Македонија, туку најверојатно станува збор за лобирачки активности на пријателски служби на нашата земја, кои пренесуваат повеќе информации од она што навистина се случува внатре во Бугарија, а се однесува на проблемот на меѓународната сцена што тие го имаат со нашата земја – вели Трајанов.
Тој објаснува дека овие активности, кои се евидентно активни во Бугарија, и доколку се однесуваат на Македонија, се резултат на лобирањето на нашите служби кај службите на поголемите држави што се пријателски кон нас и кои се сојузнички земји во однос на поддршката што ни ја даваат за зачленувањето во ЕУ.
Трајанов вели дека Македонија во областа на безбедноста тесно соработува со САД, Германија и со Британија, па е можно дел од нашето лобирање да се прелеало во практика и на терен на разузнавачки активности.
Поранешниот прв човек на МВР објаснува дека вакви и слични активности, спротивни од интересите на Македонија, од разузнавачките служби, сигурно се одигруваат и во нашата земја, а сето тоа е разбирливо ако се знае тежината на спорот во геополитички контекст.
– Во Македонија, колку што е динамично проактивното разузнавање на странските служби, толку е активно и нашето домашно контраразузнавање, кое има цел да ги открие тие недозволени активности, а секако со тоа да придонесе за деблокирање на интеграциите на Македонија во ЕУ – вели Трајанов.

Со полна пареа спречувањето на шпионските активности во Македонија

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека, колку што е запознаен, нашите служби „со полна пареа“ го штитат интересот на државата и тоа ефективно го вршат со „операции за маргинализирање на штетните ефекти од дејствувањето на странските разузнавачи во земјата по секоја основа“.
– Македонија има своја историја на дејствување на странските служби на домашен план. Таквите активности со голема веројатност во тек се и сега, во текот на спорот со Бугарија. За потсетување, во последниот период и во јавноста излезе потврда за тоа, а таквите активности беа присутни и за време на постигнувањето на договорот од Преспа, спроведувањето на уставните промени и референдумот, како и во минатото, како на пример за време на обидот за атентат на поранешниот претседател Киро Глигоров – вели Трајанов.
Универзитетскиот професор и поранешен заменик-министер на МВР, Оливер Андонов вели дека не треба да нѐ зачудуваат овие информации од соседството, бидејќи тие се реалност во дејствувањето на разузнавањето и контраразузнавањето во светот и во Македонија.
– Во работата на секоја безбедносна служба голем дел од времето и намената се одвојуваат на контраразузнавањето, односно на превенцијата и на спречувањето на дејствувањето на странските служби против интересите на Македонија – вели Андонов.
Тој објаснува дека законска обврска на нашите разузнавачи е да подготват „штит“, односно да изградат оперативен систем на мерки и вредности и да поврзат мрежа на соработници и техника со кои ќе се превенира дејствувањето на странските служби во нашата земја и ќе се засили спроведувањето на нашите интереси во странство.
– Битно е да издвојам дека во разузнавањето не постои такво нешто како пријателска служба, туку единствено постојат служби што во одреден период имаат исти интереси како нас. Во случајот со Бугарија, кај нив, но и кај нас, можно е да станува збор за зголемени активности на разузнавачите во делот на хибридното дејствување – вели професорот.

Тој објаснува дека ваквите процеси секогаш се активни на Балканот, а особено во нашата земја, бидејќи низ времето државата минувала низ турбулентни процеси што го привлекле дејствувањето на странските разузнавачи.
– Македонија ги превенира овие дејствувања на современ и модерен начин, и нашите служби сега не апсат странски оперативци како во минатото, освен во случаи на крајна нужда, иако досега се нема случено тоа – вели професорот.
Според него, нашите разузнавачи сега собираат податоци, ги класифицираат и ги доставуваат до властите, за навремено да се реагира на обидите за дискредитација на јавните личности, подривањето на уставниот поредок и слично, а кога ќе се утврди таква активност, тогаш или се реагира јавно и политички или се протеруваат од државата странските оперативци.

[email protected]