Токму овие три позитивни случаи на коронавирус во три различни градинки, за само три дена од нивното отворање, ги испаничија родителите. Иако засега состојбата е под контрола, сепак стравот е голем, особено што пред отворањето на градинките се зборуваше за максимално почитување на протоколите и се гарантираше безбедноста. Што се случува и од каде доаѓа ризикот во градинките е клучното прашање на кое родителите бараат одговори

Градинките ги открија слабостите, родителите загрижени

Неколку дена по отворањето на градинките на 9 септември годинава, откако овие установи без затворени во март годинава, поради опасност од ширење на коронавирусот во земјава, беа пријавени три случаи на заразени со коронавирус. Негувателка од градинката во Битола во домашна изолација испрати пет деца, три негувателки и две воспитувачки. Под епидемиолошки надзор е и градинката „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје, откако една вработена непосредно пред отворањето на установата пријавила дека е позитивна на вирусот, а еден клон од градинката во Свети Николе воопшто не ги отвори вратите за прием на деца откако вработена пријавила дека е заразена со коронавирусот.
Токму овие три позитивни случаи на коронавирус во три различни градинки, за само три дена од нивното отворање, ги испаничија родителите. Иако засега состојбата е под контрола, сепак стравот е голем, особено што пред отворањето на градинките се зборуваше за максимално почитување на протоколите и се гарантираше безбедноста.
Што се случува и од каде доаѓа ризикот во градинките е клучното прашање на кое родителите бараат одговори.

Иако се стравуваше дека е тешко најмалите да се контролираат за дистанца, сепак, според епидемиолозите, ризикот доаѓа од вработените. Дали тие треба да ја зголемат свеста дека работат со деца и дека мора да бидат многу повнимателни во односот и контактите?
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека децата во градинките, за разлика од децата од училишна возраст, имаат помали ризици да се заразат, затоа што секогаш се во придружба на родителите. За разлика од поголемите, кои без надзор од родител се дружат надвор.
– Затоа, во градинките реална опасност постои заразата да ја шират вработените. Впрочем, последните настани се поткрепа на ова тврдење. Оттаму многу е важно вработените во градинките многу строго да внимаваат на своето поведение надвор од работното време. Да не се доведуваат себеси во ризични ситуации, значи, да избегнуваат движење во средини во кои има многу луѓе, да ни си прават седенки и забави со пријатели итн. И секако, дефинитивно да прекинат со „легендарните“ кафе-паузи на работа! Едноставно, сите тие треба да бидат свесни за огромната одговорност што ја имаат, со оглед на тоа што работат со деца – посочува Даниловски.
Поради ваквото одвивање на настаните, здравствените власти не ја исклучуваат можноста за одложување на најавениот почеток на учебната година со физичко присуство.

Венко Филипче, министерот за здравство, веќе изјави дека будно се следи состојбата и можно е на први октомври да останат затворени вратите на училиштата.
– Сите опции се можни. Ние ја следиме епидемиолошката ситуација секој ден и правиме пресек еднаш неделно – посочи министерот Филипче.
Инаку, градинките работат според посебни протоколи, воспитните групи за деца до двегодишна возраст мора да имаат максимум по шест деца и двајца вработени во смена, а групите за деца од три до 10-годишна возраст да имаат максимум по 15 деца и двајца вработени во смена.
Секој вработен мора да носи задолжително лична заштитна опрема (маска) кога е на работно место. Предвидено е често миење на рацете и особено внимание да се посвети на потребата од засилени хигиенски мерки во случај на миење, хранење и држење во рацете на децата.

[email protected]