Фото: Игор Бансколиев

Дали нацрт-верзијата на Законот за административни службеници, каде што се предвидува тие секој петок наместо со полно работно време, да работат со скратено, ги става во подредена улога другите граѓани и приватните компании? Граѓаните отсекогаш се стремеле административните работи да си ги завршат брзо и ефикасно, но дали со кратење на времето за таа намена тие, а и приватните фирми, ќе можат да стигнат да си ги завршат обврските тој ден? Колку брзо и дали воопшто ќе можат сите засегнати страни да се приспособат на новото работно време на административците и да ги одложуваат неопходните работи, дали ќе трпи и бизнисот, но и потребите на граѓаните?

Одгласи на предлогот за скратено работно време на администрацијата

Вработените во администрацијата отсекогаш како да биле миленици на државата. Сигурна плата, загарантирано работно место до пензија, одмор, боледување, некаде бенефициран работен стаж… На јавноста ѝ беа познати и такви случаи кога дел од административците беа привилегирани да земаат плата, а да не одат на работа и воопшто да не работат. Така, државата стана мајка за административците, а за другите „работни луѓе и граѓани надвор од администрацијата“, стана маќеа. Во сличен контекст е и новиот предлог за скратено работно време.

Од ирационални замерки до конкретни и реални забелешки кон предлагачите

Бурни реакции во јавноста предизвика информацијата дека со новиот закон за административни службеници, кој сѐ уште е во нацрт-верзија, се предвидува административците секој петок наместо со полно работно време, да работат со скратено.
Во време кога Европската комисија во своите извештаи за напредокот на Македонија редовно нотира дека земјава има сериозен проблем со вишокот администрација, како и со нејзината неефикасност, во државата циркулираат предлози што одат контра европските и се подготвува закон што де факто ќе го наградува неефикасното работење (иако, рака на срце, еден дел од административните работници во голема мера „со пот, солзи и крв“ чесно си ја заработуваат својата плата).
Можеби интересно за споменување за читателите е начинот како политичките противници на предлагачите на законот веќе го квалификуваа овој потег дека има „политичка агенда за стимулирање на администрацијата во пресрет на чинот на гласањето на локалните избори, за административците со мотив повеќе и во поголем број“. Во целиот тој галиматијас на напади, дури има и такви од верска природа, кои скратеното работно време го поврзуваат со „отворање простор за петочната пладневна молитва на муслиманите, кои поради работното време не можат да го извршат тој верски обред“. Но да ги оставиме настрана ваквите малициозни префрлања и да видиме што реално како импакт би имал еден ваков исчекор за граѓанските и бизнис-потреби во окружување на една фрагилна економија.

Анкета во приватниот сектор

Дали нацрт-законот ги става во подредена улога граѓаните и приватните компании, кои наместо да ги завршат административните работи брзо и ефикасно, ќе мораат да се приспособуваат на новото работно време на административците и да ги одложуваат неопходните работи, со што ќе трпи и бизнисот, но и потребите на граѓаните? Анкетата со повеќе десетици граѓани вработени во приватниот сектор, откри еден став како заеднички именител на сите анкетирани.
– Не можев да поверувам кога слушнав дека државата планира да им го намалува работното време на административците. Па истите тие административци година и половина седеа дома за време на пандемијата и примаа целосна плата, а сега уште во петок ќе работеле по четири часа. Па добро, ние што работиме во приватниот сектор што сме, граѓани од втор ред? – револтирано запраша Пецо Стефковски, занаетчија.
Според него, ЕУ треба итно да стопира носење на ваков закон во Македонија и да нареди преполовување на администрацијата, а не нивно наградување.
– Појдете во која било државна институција и ќе се уверите дека од 10 шалтери само еден или два работат. Граѓаните чекаат со часови во редови за да завршат некоја работа и на крајот не ја завршуваат. ЕУ треба сериозно да ја предупреди земјава околу администрација, оти вака ништо не правиме – додава Стефковски.
Голем број реакции имаше и на социјалните мрежи, кои зовреа по објавувањето на информацијата за можните привилегии за администрацијата.
– Нашиве како да не разбрале. ЕУ рече да се скрати администрацијата, а не работното време – пишува во еден твит. – Административците ќе добијат четиричасовно работно време во петок. Уште недостасува да добијат бенефициран стаж. Готово е со оваа држава, гасете светло – иронично се забележува во друг твит.

Предлогот е во спротивност со Законот за работни односи

Најавата за скратено работно време на администрацијата е малку неразбирлива и за познавачите на состојбите, кои сметаат дека тоа што сега се предлага е нерационално.
– Крајно нерационално е на административните службеници да им се даде скратена работна недела, од она што го предвидува Законот за работни односи, според кој, работната недела трае 40 работни часови, рамномерно распоредени на пет работни дена. Од друга страна, нелогичното произлегува и од фактот што економскиот сектор од кој практично се обезбедува платата на тие службеници, со овие измени ќе работи подолго од администрацијата. Сметам дека причината е лукративна во пресрет на локалните избори и е своевидно додворување на околу 140.000 административци – смета универзитетскиот професор Борче Давитковски.
За него, повеќето држави во рамките на реформите на администрацијата предвидуваат поголема достапноста на институциите за граѓаните, наместо тие да наидуваат на затворени врати.
Оцена на повеќето правни експерти е дека предлогот за четиричасовно работно време во петок има врска со претстојните избори, укажувајќи дека тоа е во спротивност со Законот за работни односи. Нивна оцена е и дека е нелогично административните службеници практично да бидат наградени со „продолжен викенд“ бидејќи платите ги обезбедуваат од работата на реалниот сектор, кој по вакви евентуални измени ќе работи подолго од администрацијата.
Експертите сметаат и дека кога се прават реформите во рамките на администрацијата, треба да се обезбеди што поголема достапност на институциите за да можат граѓаните навреме да ги завршат своите обврски, а не да наидат на затворена врата.
Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири се правда дека нацрт-законот е ставен на ЕНЕР, каде што сите засегнати ќе можат да ги изнесат забелешките.
– Законот не е во владина постапка, туку е во ЕНЕР-системот каде што се објавуваат предлог-закони и се во фаза на добивање коментари од сите заинтересирани страни. Треба да се отпочне едно ново поглавје во нашето работно законодавство. Должината на работното време е различно регулирано во различни држави, но и во рамките на самите држави, различни категории вработени имаат различно работно време – ја правда оваа контроверзна одлука министерот Шаќири.