Фотоилустрација: „Нова Македонија“

МАКЕДОНИЈА ПОВТОРНО ЗАФАТЕНА ОД СИНДРОМОТ НА ТУЃА НЕГА

Практиката на меѓународно посредништво за решавање на сите клучни внатрешнополитички прашања и предизвици во Македонија веќе воопшто не претставува некаква „вонредна интервенција“, туку е толку вообичаена што и самите чинители на македонската политичка сцена, нескриено и многу често ги (се) повикуваат (на) заштитата и влијанието на меѓународната заедница. Во едни вакви околности се поставува и прашањето за кого всушност гласаат македонските граѓани на избори, кога потоа за сите клучни одлуки ни треба странска припомош

Сигналите дека симптомите на одредена политичка криза во Македонија станале сериозни обично се проценуваат според интензитетот на посетите на високи претставници од меѓународната заедница, пред сѐ од ЕУ и од САД. Така беше во минатото, така е и денес. Македонија иако е независна, самостојна и суверена држава со свои институции и избрани функционери, никако не успева да се оттргне од синдромот на туѓа нега, или зависност од странско посредништво за решение на домашните прашања и проблеми. Доволно е само да се потсетиме на рамковниот договор, Пржино 1, 2, 3, формирањето на СЈО, Преспанскиот договор, Законот за двојазичност итн. Сѐ се тоа крупни проекти зад кои директно влијание и свој печат оставиле токму странските посредници.

Најново, во екот на случајот „Рекет“ и случувањата околу СЈО, се најавени посети една по друга на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и на в.д. помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер. Токму нивното доаѓање во јавноста се „чита“ како мисија за решавање на насобраните политички предизвици во земјава. Доаѓањето на Рикер од Грција во Македонија, меѓу другото се поврзува и со „проверка и насоки“ за спроведување на Преспанскиот договор, но и со влегувањето во собраниска процедура на законот за јавно обвинителство. Заложбата за истиот тој закон се претпоставува дека е и мотивот за посетата на еврокомесарот Хан, по процената дека споменатите афери за уцени и висока корупција во последно време, сериозно ги загрозуваат заложбите и инвестициите на ЕУ за владеење на правото и создавање функционална правна држава од Македонија.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Претстојните посети на високите официјални претставници од ЕУ и од САД, Јоханес Хан и Филип Рикер, не се случајни и се резултат на кризата во која е доведена државата. Доаѓаат бидејќи чувствуваат и одредена сопствена одговорност што согледуваат дека Македонија ја доведоа во небиднина. Основната цел на посетите е да се надмине политичката криза во која навлеговме. Тие ќе се обидат да помине и законот за СЈО, т.е. за јавното обвинителство, а веројатно ќе сакаат да ја спасат и сопствената пуленка, Катица Јанева – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.

Практиката на меѓународно посредништво во решавање на внатрешнополитички прашања и предизвици во Македонија веќе воопшто не претставува некаква „вонредна интервенција“, туку е толку вообичаена што и самите чинители на македонската политичка сцена, нескриено и многу често ги (се) повикуваат (на) заштитата и влијанието на меѓународната заедница. Последен пример за таквата практика на барање за политичко туторство, може да се види и во актуелното заземање ставови околу предлог-законот за јавно обвинителство, за кој од Алијанса за Албанците велат дека ќе го поддржат само ако обвинителот биде предложен од ЕУ.

Многубројни се примерите во кои македонските политичари, повеќето избрани на регуларни избори, во секоја понапрегната политичка ситуација се обраќаат за помош до меѓународната заедница. Иако (теоретски) избрани од македонските граѓани поради политичките програми што ги понудиле и ветувањата дека се умешни и подготвени да се носат со предизвиците во функционирањето на државата, се чини дека политичката елита во Македонија се навикна и удобно се чувствува со „туѓата нега“ од меѓународната заедница.

Со посредништво, па и притисок на меѓународната заедница беа потпишани неколку домашни и меѓународни договори (Охридскиот, Преспанскиот, договорот за добрососедство со Бугарија), кои се имплементирани во македонскиот устав, а и на суштински начин ја редефинираа Македонија како држава. По таквите големи интервенции на меѓународната заедница во решавањето на македонските политички кризи, политичката елита на земјава како да се навикна да ѝ се обраќа за помош и за тековни прашања во функционирањето на државата. Во едни вакви околности се поставува и прашањето за кого всушност гласаат македонските граѓани на избори кога потоа за сите клучни одлуки ни треба странска припомош.

– Како и секогаш досега, се покажува дека нашите политичките елити се некадарни за да ги надминат сопствените предизвици и во секоја пригода ја повикуваат меѓународната заедница, со што всушност и самите се третираме како протекторат – вели дипломатот Ристо Никовски.


Кејт Мери Брнс: Премиерот да бара одговорност од сите владини претставници​

Во своето прво гостување на македонски медиум, по стапувањето на должност на новата амбасадорка на САД во Македонија, Мери Кејт Брнс нагласи дека „премиерот Заев треба да бара одговорност од сите владини претставници, без разлика на нивото на функцијата“, доколку постои сомневање за нивна вмешаност во корупција и злоупотреба на службената должност.

– Ова се сериозни обвинувања. За сите обвинувања за корупција или злоупотреба на службена положба, ние поддржуваме темелна, и транспарентна истрага. Апсолутно е критично, во кој било случај на такви обвинувања, тие индивидуи да бидат земени на одговорност и Владата да преземе акција. Ние ги препознаваме и ги одобруваме тековните чекори што ги презема Владата да се запре корупцијата и да се бори против злоупотребата, но има уште работа што треба да биде завршена. Ќе продолжиме да го охрабруваме премиерот Заев да бара одговорност од сите владини претставници и да се осигури дека без разлика на нивото на функцијата, луѓето треба да имаат верба во владините институции, кредибилноста и тоа што треба да го сторат за нив – порача американската амбасадорка Кејт Мери Брнс во телевизиско интервју.
Како ја толкуваат политичките аналитичари ваквата порака на новата американска амбасадорка.

– Кога се повикува на одговорност за постапките, се мисли на секаква одговорност: и морална, и законска, и материјална! Барањето на американската амбасадорка Брнс до премиерот Заев да ги повика на одговорност сите за кои постои сомневање за вмешаност во корупција и злоупотреба на службената должност е мошне сериозно и значи дека секоја евентуална дамка што ќе ги загрози заложбите за функционирање на правната држава треба веднаш да се исчисти. Во спротивно, оваа афера може да се растегне многу долго и да направи никогаш да не воведеме правна држава – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.


Катица Јанева се појави и се огради од „Рекет“

Специјалната јавна обвинителка во оставка, Катица Јанева, по еднонеделно отсуство, вчера го прекина боледувањето и ѝ се обрати на јавноста, на прес-конференција во просториите на СЈО. Во своето напишано обраќање, таа уверуваше дека е чиста и оти не ја злоупотребила својата положба во случајот „Рекет“.
– Во врска со наводите, индициите или неофицијалните информации, кои се упатуваат на мојата наводна вмешаност во случајот „Рекет“, ја користам оваа пригода да го изјавам следното: најодговорно тврдам дека ниту свесно ниту несвесно ниту со сторување ниту со несторување не сум ја злоупотребила должноста што ја извршувам во моментов – рече Јанева.

Слушнала дека Бојан Јовановски, познат како Боки 13, но и други го користат познанството со неа, без нејзина дозвола, но дури сега ги повика надлежните докрај да истражат.

– Очекувам низ транспарентна правосудна постапка да се стави крај на сите неофицијални информации со кои некој се обидува да им наштети на мојата чест и углед. За жал, подолг временски период до мене допираат гласови дека не само Бојан Јовановски туку и многу други лица без да знам го злоупотребувале моето име за различни цели – изјави Јанева

На прес-конференцијата, Јанева само го прочита подготвеното обраќање до медиумите, но не одговараше на новинарски прашања. И покрај депонираната оставка, таа ќе продолжи да оди на работа во СЈО до 15 септември, кога ѝ истекува мандатот.
Претходно, во јавноста беше објавено дека е завршено истражувањето на мобилниот телефон, кој ѝ беше одземен на 15 јули, а во меѓувреме беше пронајден и нејзиниот втор мобилен телефон, за кој беше кажано дека го изгубила.

По прес-конференцијата на Јанева, не изостанаа реакциите во јавноста, а од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ оценија дека обвинителката со изјавата практично признала дека го претворила СЈО во рекетарски бизнис. Според нив, Јанева е еден од краците на октоподот и без нејзина поддршка и поддршката од функционери од власта, Боки 13 не можел да рекетира милиони евра од бизнисмени.