Што се добива и колку може да се загуби ако недела стане неработен ден? Зошто токму недела, а не флексибилност за истото тоа, да има алтернатива за некој друг ден како неработен од седмицата? Дали оваа идеја е практично остварлива, ако се земат предвид некои индустриски процеси што не трпат прекин на производството, односно каде што има сменско работење? Дали можеби стопанските субјекти се оние што треба да го имаат одлучувачкиот збор по ова прашање? Покрај ова, дали и конфесионалната определба на граѓаните е детерминирачки фактор за да се одреди кој би бил неработниот ден во работната седмица?
Се подготвуваат законските измени за (не)работниот ден во седмицата
Многубројни дилеми се исправени пред Владата во врска со нејзиниот предлог за недела да биде прогласен за неработен ден. Претстојат преговорите на Владата од една страна, со учество на стопанството и со синдикатите од друга страна. Иако начелно постои рамка за прогласување на денот недела за неработен ден, сепак сѐ уште многу нејаснотии и недоречености остануваат како пречки во реализацијата на оваа идеја, која ја иницира Сојузот на синдикати на Македонија, а во својата програма како предлог ја впиша актуелната власт. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека сите анализи кажуваат дека на работникот му е потребен денот недела како ден за одмор, зашто тој ден работникот може да му го посвети на своето семејство, да се посвети на самиот себе, да одмори за да биде попродуктивен и да знае дека тој ден е ден за неделен одмор.
Иницијативата во форма на барање првпат Сојузот на синдикати на Македонија ја доставил во 2018 година.
Решението недела да биде неработен ден за сите е дискутабилно во многу земји
Измените во Законот со кои поголем дел од граѓаните нема да работат во недела сѐ уште се крчкаат, а финиширањето е при крај. Според неофицијални информации, процена е дека овој предлог ќе почне со примена најверојатно од есен. Работењето во слободниот ден од неделата, според Колективниот договор за приватниот сектор, би се плаќало дополнителни 50 отсто од основната дневница. Но, настрана сето тоа, засега најголем реален проблем се јавува кај оние гранки во стопанството и индустријата каде што се работи во повеќе смени во текот на еден ден и(ли) каде што не може да има прекин во производствениот систем.
Според претседателот на Сојузот, Дарко Димовски, сегашниот закон вели дека освен недела, и друг ден од неделата може да биде ден за неделен одмор, а токму оваа одредба, според Синдикатот, е предмет на обиди за игнорирање од страна на работодавците.
– Кој ќе работи во недела задолжително ќе мора да добие дневница за 50 отсто зголемена од час, но и слободен ден. Синдикатот инсистира ако се работи во недела, тогаш слободен ден да биде сабота, или понеделник. Во недела мора да му гарантираме на работникот дека ќе седи дома. А секој што ќе оди на работа, сабота како претходен ден или понеделник, како ден потоа, да му биде неработен ден. Значи, кој ќе работи во недела да одмара или во сабота или во понеделник – вели Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Од Синдикатот имаат разбирање дека недела нема да може да биде неработен ден за сите работници, како на пример за полицијата, армијата, пожарникарските служби, стратегиските капацитети. Велат дека што ќе влезе во евентуалниот пакет, ќе пресече Министерството за труд и социјална политика.
Проблем кај сменското работење
Од Организацијата на работодавци велат дека најголемиот проблем ќе настане кај оние дејности каде што има сменско работење и ќе биде тешко сите работници да бидат слободни во недела, или во алтернативните решенија на Синдикатот, сабота и понеделник.
Според Ангел Димитров, претседателот на Организацијата на работодавци, непотребно е да се врзува слободниот ден за денот недела, туку треба на работникот да му се дозволи да земе ден до крајот на следната недела. Затоа што и во Директивата на ЕУ е ставен контролен период од 14 дена во кој работникот мора да има, во просек, еден ден за неделен одмор.
– Решението недела да биде неработен ден за сите е дискутабилно во многу земји. Според него, работодавците имаат забелешки на драфт-верзијата за законската регулатива за недела да биде неработен ден во Македонија. Црна Гора го воведе, па сега сака да го промени повторно. Се плашиме дека одредени дејности нема да бидат земени предвид. Мора да функционираат одредени дејности, а за истото тоа мора да се најде решение. Со синдикатите не се согласуваме поради тоа што сметаат дека ако недела не е работен ден, слободниот ден треба да биде понеделник или сабота, што значи дека има дејности во кои не може да се воведат вакви строги одредби – додава тој.
Според досегашните пресметки, за една третина од работниците неделата ќе остане работна, 34 дејности ќе можат да работат. Освен за армијата, војската и фабриките што не може да го прекинат производството, неделата останува работен ден за аптеките, бензинските, транспорт, медиуми, пожарникарски и погребни услуги, прехрана, хотели.
Најдобар пример за споредба како ќе се одвиваат работите кај нас, според стандардот и географската близина, е Црна Гора, која неодамна воведе неработна недела. Таму сите политичките партии застанаа зад предлогот и сѐ уште го бранат.
Меѓу исклучоците од забраната таму, на пример, се и пазарите.
Сега на бензинските пумпи во недела се продава брашно, зејтин, шеќер, млеко.
Тамошната организација на работодавци лобира Законот да се укине и веќе го обжали пред Уставниот суд. Но, и по 13 месеци, Уставниот суд нема донесено одлука.
Шахпаска: Работниците имаат право на достоинствени примања и одмор
Според Јагода Шахпаска, министерката за труд и социјална политика, еднаквост за сите и поголема заштита на работничките права е она што е приоритет на оваа влада.
– Следствено, квалитетно законско решение за недела како ден на неделен одмор е од клучно значење. Социјалните партнери се согласни дека исклучоци мора да има, но само во одредени дејности, и тоа само кај оние работодавци каде што работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко-технолошкиот процес и потребата од континуитет. На работниците што ќе работат во недела, освен соодветниот додаток на плата за работа во ден на неделен одмор во согласност со законот и колективниот договор, им следува и ден за неделен одмор што ќе го користат во друг ден од неделата – вели таа.
Целта на предлог-законот е овозможување на социјално праведна држава, во која квалитетот, квантитетот и дигнитетот во приватниот живот на секоја индивидуа што учествува на пазарот на трудот се гарантирани.
Религискиот аспект на неработниот ден во седмицата
во мултиконфесионалното општество
Аналитичарот Сашо Клековски во колумна за „Нова Македонија“ уште пред една година предупредуваше на различните аспекти што може да ги донесат проблемите на носењето на овие законски измени. Меѓу покарактеристичните го посочува примерот од религиски аспект на луѓето што живеат во земјава, особено муслиманите, кои петокот го користат неформално како неработен ден заради молитвата џума.
– Интересно е да се следи како левицата во мултикултурна држава заговара неделата да биде неработен ден, што е засновано на христијанската култура и не ги вклучува правилата на исламот. Македонија има значаен број муслимани за кои, според правилата на религијата, петок (џума) е неработен ден, а сабота е прв работен ден – посочува тој.
Клековски посочува и примери од Западна Европа како може да бидат регулирани одредени сегменти.
– А за трговијата ќе споменам еден пример од Холандија, каде што пред десетина години се дозволи работа во трговијата во недела. Одлуката е донесена низ полдер-моделот, или кај нас социјален дијалог, на синдикатите, работодавците и црквата. Интересите биле следниве: за синдикатите – работата во недела да не ја загрози 40-часовната работна недела, за работодавците да се работи во недела, а за црквата да се обезбеди можност за посета на неделната миса. Одлуката била дека за самовработените ќе нема никакви ограничувања, а за маркетите и за трговски центри ќе се дозволи работа во недела од 12 до 20 часот (по мисата во 10 ч.), со можност да се скрати работно време во други денови. На пример, „C&A“ воведува работа во недела од 12 до 20 часот, но го скратува работното време и во понеделник отвора во 14 часот. Затоа е потребно малку помалку популизам и малку повеќе социјален дијалог за да се заштитат интересите на сите засегнати страни – нагласува аналитичарот.