Партиите во последната недела од кампањата максимално ги вклучија своите сили, користејќи ги последните адути за ветувања. Паралелно, засилено продолжи и кампањата на меѓупартиски обвинувања
Дваесетдневната предизборна кампања завршува денеска, в недела граѓаните ќе одлучуваат кој ќе раководи со нивната општина. Дали во овие речиси три недели кампања нивната одлука ќе зависи од понудите на партиите и може ли кампањата да промени нешто?
Партиите последната недела од кампањата максимално ги вклучија своите сили, користејќи ги последните адути за ветувања. Паралелно, засилено продолжи и кампањата на меѓупартиски обвинувања. Кои се последните градови и населени места што партиите ги посетуваат и кои се нивните најнови ветувања?
Гласањето за изборите почнува в сабота, а први ќе гласаат пријавените болни и немоќни, лицата со ковид-19 и во самоизолација, затворениците, лицата во притвор, во старските домови.
Првпат на овие избори идентификацијата на гласачите ќе се врши со уреди за биометриска идентификација, односно со отпечаток од прст, а на изборите, како и за претходните избори, ќе се применуваат мерки за заштита од ширење на ковид-19.
Вториот круг на изборите ќе се одржи на 31 октомври, а кампањата ќе трае до 29 октомври.
Овие локални избори се седми од независноста на државата досега, но трети на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и градот Скопје.
Последната недела СДСМ се претстави во скопските општини Бутел и Автокоманда, опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше во Кратово, Пробиштип и Крива Паланка, ДУИ се претстави во Кичево, движењето Беса во тетовско Желино, Левица во Велес.
СДСМ со прогноза за првиот круг
Од митингот во Автокоманда, премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, порача дека СДСМ и коалицијата во првиот круг ќе победат 22:6.
– Нашиот политички противник ќе победи во шест општини, ќе добие шест градоначалници, а коалицијата предводена од СДСМ ќе има најмалку 22 градоначалника во првиот круг, или 3,5 пати повеќе. Резултатот ќе биде 22:6 во првиот изборен круг. Слушајте ме внимателно, добро сум информиран – рече Заев.
Ова сега, како што рече, е време на современи, модерни, европски општини, на развиена европска држава.
На граѓанската трибина „Најдоброто за мојата општина“ во Бутел, пак, порача дека платите, пензиите и поддршката од државата и натаму ќе растат.
Тој посочи дека македонската економија е стабилна и дека државата е тука и за општините и за секој човек и истакна и дека инвестициите од централната власт стратегиски ќе се употребат за нови работни места и за повисоки плати за секого.
– Обезбедуваме рамномерен развој во сите региони, со планска распределба на централните инвестиции. Ќе го поддржиме развојот на малите бизниси, особено на дефицитарните бизниси во општините, за да се развиваат и да ги има во поголем број – тоа е нашата мисија – истакна тој и додаде дека инвестираат во сите региони, без никаква дискриминација.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека доаѓаат промени
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Кратово им рече на граѓаните дека ова се избори во кои се праќа порака до власта. Од власта, според него, немаат ниту план ниту програма.
– Направиле летоци со истите ветувања од пред четири години и мислат дека пак ќе го прелажат народот. Ова се локални избори со суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата. Ова се избори каде што со вашиот избор праќате порака до власта. Дали сакате да владеат со апсолутната власт уште или сакате промени? Одговорот се чувствува во незадоволството од народот. А тоа не е само незадоволство од неостварените ветувања на власта туку и од нивната ароганција, потценувањето што го имаат кон народот и пазарењето со нашите идентитетски обележја – рече Мицкоски. Тој укажа дека државата влегува во инфлаторна спирала, цените на сите производи одат нагоре, поскапено е сѐ во продавниците, брашното, лебот, маслото, бензините, а ни претстои и нова енергетска криза.
Како што е лошо во енергетиката, како што посочи тој, уште полошо е во земјоделството.
Шилегов ветува градежна офанзива
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, изминатите денови имаше средба во Стопанската комора на Северо-Западна Македонија со претседателот Неби Хоџа.
На средбата се зборувало за поддршката на локалната самоуправа за бизнис-секторот и подобрувањето на локалниот економски развој.
СКСЗМ во Град Скопје како институција секогаш ќе има свој партнер, подготвена да излезе во пресрет на нивните барања, бидејќи само со заедничка соработка и меѓусебна поддршка ќе може полесно да се решат претстојните економски предизвици и да се зајакнат целокупната економија и креирањето оптимална бизнис-клима во Скопје.
Покрај градежна офанзива во инфраструктурата, Град Скопје донесе и неколку мерки за олеснување на последиците од пандемијата за фирмите, со откажувањето од дел од средствата од најголемите свои приходи: комуналиите, комуналните такси и закупот на јавен простор.
Арсовска: Веќе нема да има заборавени места
Независната кандидатка, пак, Данела Арсовска, која во трката за градоначалник за Скопје е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, од Старо и Ново Лисиче потенцира дека нема да има веќе заборавени места како што се овие две, а Скопје ќе се развива во град на сите граѓани и град на среќни луѓе.
– Горно и Долно Лисиче веќе нема да бидат заборавени населени места како што се во овие четири години. Тие заслужуваат да ги имаат истите услови на живот, квалитетен и достоен, како и секој граѓанин од Скопје. Ќе вложуваме во инфраструктура, во зелени површини, но и во младите што живеат овде. Скопје конечно ќе биде град на среќни граѓани – истакна Арсовска.
Таа, при посетата на Аеродром, разговараше со голем број граѓани за да ги слушне нивните приоритети и какво Скопје сакаат тие за себе и за нивните најблиски.
Како конкретни проекти за оваа општина, Арсовска најави изградба на нова гимназија во општината Аеродром, изградба на нов спортски објект во средното училиште „Димитар Влахов“, мултимедијален центар за младите, со простор за кино, театар и секаков вид сценски изведби.
ДУИ ќе врти нова страница за Кичево
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, истакна дека зад нас е времето на Охридскиот договор.
– Ние сега вртиме нова страница за зелено Кичево, за чист и развиен град, град на интелектуалци. Нашиот кандидат Фатмир Дехари низ овие осум години потврди дека бил градоначалник за сите во оваа општина и во тој правец нека потврди и проектот за изградба на капела кај православните гробишта во Кичево. До транзицијата немавме ниту еден универзитет, а сега имаме неколку. Најновиот, „Мајка Тереза“, ќе се всели во новата зграда што ќе се изгради во скопската касарна – порача Ахмети од Кичево.
Левица со заложби за хиерархиска структура
Димитар Апасиев, претседателот на Левица, во своето обраќање пред велешани потенцира дека овие локални избори се клучни за растот на партијата.
– Ние сме екипа што се создава одоздола нагоре и затоа сфативме со текот на нашиот политички активизам уште од студентски денови дека не можеме да одиме со хоризонтални движења. Тоа што ѝ треба на државата е хиерархиска структура и, во случајов, партија што ќе се бори на рамноправна основа со другите партии, и така настана Левица и сите ние сме дел од мозаикот што се вика Левица – рече Апасиев.
Тој им порача на кандидатите од Левица да не потпаднат под притисоците.
Алијанса на Албанците со реакција за негативната кампања
Алијанса за Албанците обвини за негативна кампања од партиите на власт против опозицијата.
– Само два дена пред завршувањето на кампањата, партиите од власта во недостиг од успеси, во недостиг од конкретни проекти и во страв од пораз на избори, ја започнаа црната и негативна кампања против опозицијата. Во Тетово, Гостивар, Чаир, Сарај и други општини се делат памфлети со клевети, говор на омраза и меѓуетничка омраза. Случајот е пријавен во полиција и во мисијата на ОБСЕ-ОДИХР и јавно бараме откривање на авторите на оваа пропаганда – рече портпаролот на партијата, Флакрон Беџети.
ЛДП и ДОМ со проекти од зелената агенда
Претставниците на движењето „Одлучно за промени“ од ЛДП и ДОМ на митинг во Куманово понудија реални ефикасни проекти, мерки што може да се реализираат со општинскиот буџет.
– Не ветуваме огромни проекти, ветуваме реални, можеби и поевтини проекти, практични, применливи, со кои решаваме локални проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните – истакна Горан Милевски, лидерот на ЛДП.
Зелената агенда останува приоритет во движењето, како што напомена лидерката на ДОМ, Маја Морачанин. Таа додаде дека ѝ е драго што сѐ повеќе партии и групации промовираат зелена агенда, бидејќи колку повеќе се поддржуваат зелените принципи толку стануваат поостварливи.