Проштална средба на Османи со Жбогар
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, одржа проштална средба со шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија амбасадорот Самуел Жбогар.
На средбата министерот Османи упати искрена благодарност и врачена плакета-благодарница за неуморниот ангажман и личниот влог на амбасадорот Жбогар во придвижувањето на ЕУ-досието на Македонија напред, што беше крунисано оваа година со донесување на одлуката за почеток на преговорите и очекуваното одржување на Првата меѓувладина конференција до крајот на годината, со која ќе се одбележи конкретниот почеток на преговарачкиот процес.
– Имавме историски успеси изминативе три години за нашите европски интеграции. Во нашата колективна меморија ќе останете запаметени како искрен пријател и посветен поддржувач на земјава при нејзиниот напредок на ЕУ интегративниот пат – посочи Османи, додавајќи дека Македонија посветено продолжува напред и со нетрпение очекува да почне да работи на конкретните ЕУ преговарачки досиеја.
„Со цел унапредување на владеењето на правото, правната држава и животните услови и стандарди на граѓаните, сите административни капацитети се ставени во функција на спроведување на реформите со ЕУ предзнак и се надеваме дека во Европската Унија ќе продолжиме да имаме искрен и посветен партнер за исполнување на критериумите за членство“, истакна Османи.
Двајцата соговорници се согласија дека политиката на ЕУ за проширувањето и можноста низ процес на усогласување да се прифатат ЕУ-стандардите е од исклучителна важност за земјите од регионот на Западен Балкан, придонесува за одржување на нивната стабилност и економски развој. Македонија во изминатиот период се покажа како доследен партнер и во иднина може да даде свој достоен позитивен придонес во политиките и функционирањето на ЕУ.