Заев: Божиќ повикува да продолжиме да ги негуваме заедничките вредности
Премиерот во оставка Зоран Заев упати честитка до архиепископот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан и до претставниците на Синодот на МПЦ – ОА, целото свештенство и монаштво и до сите граѓани во нашата држава и странство, по повод христијанскиот празник Рождество Христово Божиќ.
„Ваше Блаженство,
Дозволете, Вам лично, на членовите на Синодот, на Вашето ценето свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во Република Северна Македонија и во странство, да ви го честитам големиот христијански празник Божиќ.
Денешниот ден, кога го славиме Христовото раѓање и победата на доброто над злото е симбол на заедништвото и значењето на одржувањето на семејната хармонија и безусловна љубов.
Овие празнични денови нека ви бидат исполнети со добро здравје и духовен мир, водени од надежта дека Бог е со нас и славејќи ја радосната вест за неговото раѓање.
Светлината на раѓањето на Господ Исус Христос, ја пренесува до нашите срца пораката за почитување на ближниот, за солидарност, правење добри дела и пружање помош на секое човечко битие.
Токму во заедништвото и дарувањето безусловна љубов е нашата заедничка сила, нашата надеж дека создаваме благосостојба, сигурност и единство за секого подеднакво.
Со пораката „Христос се роди!“, да продолжиме да ги негуваме заедничките вредности, да си посакаме мир, спокој и радост во срцата, да празнуваме заедно со најблиските.
Честит Божиќ!“, стои во пораката на Заев.
Али Ахмети им го честита Божиќ на христијанските верници
По повод христијанскиот празник Божиќ, претседателот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети упати честитка до сите верници.
Имам чест на сите православни верници да им го честитам големиот празник Божиќ со најискрени желби за здравје, благосостојба и успех.
Божиќ е празник на надежта и вербата за нов почеток на животот и во овој дух, славејќи заедно за да ја обновиме вербата и посветеноста на општото добро на животот за сите наши граѓани, правејќи го секој од нас уште подобар и покорисен за нашето општество.
Посакувам овој празник да го поминете среќно со вашето семејството и посакувам да поминете среќни моменти со вашите најблиски.
Заедничките празници и цели за подобар, подуховен, побожен живот, нè зближуваат еден со друг и не прават попосветени на заедничките вредности, се вели во телеграмата со честитка на претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети.
Мицкоски: На граѓаните им посакувам здравје и среќа, сето останато заедно ќе го направиме
Ќе ми дозволите да им го честитам на сите православни хистијани, Христовото раѓање – Божиќ, исто така ја користам оваа прилика да го честитам и вчерашниот голем христијански празник Бадник, да им посакам здравје и среќа, љубов, хармонија во нивните семејства, останатото заедно ќе го направиме со народот на Македонија.
Исто така ќе ми дозволите и на останатите граѓани кои не се од христијанска православна вероисповест да им посакам здравје, бериќет, среќа и хармонија во нивните домови, бидејќи ќе ни треба затоа што сите заедно сме појаки и затоа што само сите заедно можеме да ги победиме предизвиците во 2022 година.