Фото: Принт-скрин

Кризната ситуација во Казахстан по избивањето на насилните протести поради зголемувањето на цените на енергенсите се чувствува и во Русија, која одржува блиски односи со соседната држава и зависи од космодромот „Бајконур“ за нејзините вселенски мисии. Централноазиската држава исто така има и значително руско малцинство кое брои 20 отсто од популацијата. А Кремљ истовремено е преокупиран и со ситуацијата поврзана со Украина, со што случувањата во Казахстан претставуваат недобредојдено одвраќање на вниманието, пишуваат светските медиуми.

Вчера во Казахстан беа распоредени трупите од Организацијата на договорот за колективна безбедност (ОДКБ) со цел да придонесат за смирување на ситуацијата. Станува збор за прва ваквата акција на колективниот мировен пакт уште од формирањето во 1999 година. Полноправни членки на ОДКБ се Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија, Киргистан и Таџикистан.

Повикот за ОДБК е протолкуван како знак на недоверба на казахстанскиот претседател Касим-Џомарт Токаев во сопствените безбедносни сили, како што наведува „Гардијан“. Генералниот секретар на ОДБК истакна дека мировните сили бројат околу 2.500 припадници и оти е можно зголемување на бројноста, ако биде потребно.

– Ако Токаев успее да ги сузбие протестите со помош на Москва, Русите би можеле да очекуваат услуги за возврат – пишува британскиот весник.

Познавачите на состојбите сметаат дека Москва ќе ги искористи силните врски со казахстанската елита, заедно со официјалните врски преку регионалните и безбедносни организации, за да се заложи за смирување на протестите, како што пренесе „Си-ен-ен“.

Токаев, кој ја презема функцијата во 2019 година, се соочува со избор помеѓу отворање на политички дијалог или сузбивање на протестите, бидејќи се чини дека ветувањето за намалување на цените беше упатено предоцна. Тој ја остави отворена можноста за дијалог, најавувајќи и „нови предлози за политичка трансформација на Казахстан“, но засега ги окарактеризира немирите како „дело на терористи“, тврдејќи дека „многумина од демонстрантите добиле воена обука во странство“.

Останува да се види дали незадоволството на народот ќе донесе промени и какви ќе бидат последиците по Казахстан, но и во регионот.