Фото: Фејсбук / Владимир Плавевски

Писателот, фотограф и доктор, Владимир Плавевски, почина денеска на 75-годишна возраст, објави неговото семејство.
Д-р Плавевски е добитник на повеќе награди за неговите раскази, а за делото „Јадица“ ја доби наградата Роман на годината на „Утрински весник“ за 2013. Во 2020 ја доби наградата „Стале Попов“ од Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) за книгата „Боксерот од Ново Маало“.

Со аматерска фотографија почнал да се занимава од рана возраст, а со интензивно изложување фотографии на бројни групни изложби во периодот 1973 до 1990. Во 1970-те бил член, а потоа и претседател на Фотоклубот „Вардар” од Скопје (1978-1990) како и претседател на Фото сојузот на Македонија (1982-1986). Бил предавач по предметот Фотографија на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во 1993/94.

Со неговите дела бил дел од голем број групни изложби во земјата и во странство и е добитник на поголем број награди и признанија. Плавевски по професија е доктор специјалист оториноларинголог, примариус. Автор е на повеќе драмски текстови, сценарија за телевизиски серии, ТВ филмови и радиодрами.
Од 2000 година е член и на ДПМ.