Предлагачите на измените на Законот за културното наследство го повлекоа предлогот за кој денес требаше да се гласа во Собранието заради изградбата на коридорите 8 и 10д. Археолозите непосредно пред почетокот на седницата преку протест предупредија дека пратениците ќе направат кривично дело доколку гласаат за измените оти со нив се озаконува уништување на културното наследство и се кршат низа домашни закони, меѓународни договори и ратификации.
Археолошките локалитети не се пречки на патот – археолозите протестираа против законските измени
Предлагачите ги повлекоа измените откога Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, најави дека тие нема да гласаат за дневниот ред, ќе ја напуштат седницата и побара повлекување на сите предложени измени, кои ги добиле во петокот и имале кус рок да ги разгледаат, побара јавна расправа за сите измени, во која ќе се вклучат и експертите и јавноста.
-Сè додека пратениците се потпишуваат на овие законски решенија, а не Владата, која бега и на чуден начин се трга од одговорноста, ќе провејува фактот дека сомнежите со желба за корумпирање, криминал и матни зделки ќе бидат дел од овој проект. Апелирам пратениците да не наседнуваат, замислете, на толку битни закони, кои менуваат суштина на основни закони, кои важат за граѓаните, не е потпишана Владата. Ако веќе проектот е најголем што треба да се изведува во нашата држава, тука требаше да седат министри од Владата, да преземат одговорност, а не да се кријат зад мнозинството во ова Собрание. И, да, сакаме оваа држава да се развива побргу, сакаме да успее овој проект, ама сакаме да успее на јавен, транспарентен начин, а не законите да се пуштаат во петок, а во понеделник да се закажува седница. И не вие да ги потпишувате, да си дојде министер за култура, за земјоделство, за транспорт, за финансии и да застанат зад експропријациите, зад шумите, зад културното наследство и да го брани она што го прави. Вака излегува дека имаме пратеници експерти во ова Собрание, кои може да застанат зад толку големи закони – рече координаторот Мицевски.
И Маја Морачанин од ДОМ најави дека ќе гласа против измените оти треба да се носат на поинклузивен и потранспарентен начин со вклучување на експертската и академската фела.
По нивните забелешки, претседателот на Собранието, Талат Џафери, соопшти дека предлагачите ги повлекуваат предложените измени на Законот за заштита на културното наследство.
Археолозите на протест пред Собранието ги предупредија пратениците дека со кревање рака за законските измени ќе озаконат неповратно уништување на културното наследство. Повикаа да не дозволат надзорен инженер, кој нема никакви познавања, грам образование, искуство и уште помалку надлежности од областа на заштитата на културно наследство, да решава што е културно наследство. Укажаа дека на трасата на коридорите 8 и 10д веќе постојат регистрирани археолошки локалитети и предупредија дека свесно уништување на културното наследство е кривично дело без преседан, а во овој случај се прави под закрила на државата.
Археолозите ги повикаа претседателот на државата, МАНУ, универзитетите, сите засегнати институции, здруженија и граѓаните да се приклучат на апелот за повлекување на спорните законски измени пред да биде доцна.