Љубомир Јовески/Фото: МИА

Група пратеници од Алтернатива, Движењето БЕСА и од Демократско движење доставија интерпелација за работата на јавниот обвинител Љубомир Јовески поради, како што велат, судскиот предмет за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица.

Тие бараат јавниот обвинител да се појави во Собранието и пред народот за да ја објасни својата улога во овој случај. Велат дека главна причина за интерпелацијата е кулминацијата на неговата неконзистентна, нетранспарентна, контроверзна работа и губењето на јавната доверба кон институцијата Јавно обвинителство што се случи со судскиот предмет за пожарот на модуларната болница во Тетово.

– Оваа интерпелацијата има за цел во јавна собраниска расправа да ги активира сериозните сомнежи дека, како што велат, Јавното обвинителство криело факти и информации во текот на целата постапка за да заштити на тој начин некои политичари и членови на бизнис елитите, кои биле вклучени во изградбата на модуларните болници кои беа предмет на оваа трагедија – вели пратеничката Мерита Коџаџику.

Интерпелацијата е доставена во законодавниот дом и се чека претседателот на Собранието Талат Џафери да ја процесуира во во рок од 15 дена и да ја стави на дневен ред.