Фото: Маја Јаневска-Илиева

По повикот од Огнената група од ДУИ до партискиот лидер Али Ахмети – „да не го пали јорганот за една болва“, на социјалните мрежи и во медиумите денеска кружи видео, кое го објави „Алмакос“, на кое Ахмети со цигара в рака, пее албанска песна, што според дел од албанските медиуми е порака до „огнените“. Не песната, пишуваат албански медиуми, туку видното расположение на партискиот лидер е одговорот на повикот од неговите сопартијци.

Меџити: Поддршка за Али Ахмети, но нека не го гори јорганот за една болва

„Огнената група“, која изразува незадоволство, бидејќи Владата во која половина министри се Албанци, реализирала само два одсто од изборните ветувања кон Албанците, вчера во Студеничани ја одржа првата од низата средби што ги најавија со граѓани и членови на партијата. Од собирот повторија дека се непоколебливи во поддршката кон нивниот лидер Ахмети, но му порачаа „да не го пали јорганот за една болва“.

– Ние сме со Али Ахмети, но претседателе, не го гори јорганот за една болва. Ја изгубивме поддршката во Полог. Поддршката паѓа и во другите зони, погледнете ја најновата анкета на ИРИ. Ситуацијата е алармантна – порача партискиот потпретседател Иџет Меџити од Студеничани.

Барањата на „огнените“ во последните неколку месеци беа отфрлани на неколку партиски состаноци.