Во касарната „Илинден“ денеска беше презентирана опремата пристигната во рамки на соработката со Европската Унија преку Европскиот мировен фонд. Во исто време беше соопштено дека досегашната поддршка за земјава изнесува 40 милиони евра во три пакети, со дополнителни 2 милиони евра за Балканските медицински сили, а во тек се разговори и за четврт пакет.
Амбасадорот на Европската Унија, Рокас, оцени дека станува збор за видлив резултат од партнерството меѓу Европската Унија и Северна Македонија, особено по потпишувањето на Партнерството за безбедност и одбрана во 2024 година.
– Европската Унија го има Европскиот мировен фонд, којшто ја одразува растечката соработка во безбедноста и одбраната помеѓу Европската Унија и Северна Македонија. Морам да кажам дека денес е многу убав ден. Ги гледаме резултатите и гледаме како ова партнерство не само што со себе носи нова опрема, туку вклучува и обука. Гледаме извонредни симулирани вежби од страна на силите. Како што знаете, ние обезбедивме 38 милиони евра и ова е еден почеток на прекрасно партнерство – рече Рокас упатувајќи благодарност до министерот за одбрана, началникот на Генералштабот, Владата, тимот на Европската Унија, воените аташеа и тимот од Брисел, оценувајќи дека партнерството се придвижува „на многу брз и конкретен начин“.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски посочи дека денеска е прикажан првиот пакет на опрема што пристигнал во земјава и дека соработката со Европската Унија носи дополнителна опрема и зајакнување на капацитетите на Армијата.
– Се работи за три пакети во тотал од 40 милиони евра, но очекуваме дека четврт пакет би потпишале. Тоа го преговараме во овој момент и се разбира ќе оставам на ЕУ претставниците да дадат свој одговор на тоа – рече Мисајловски.
На прашање за досегашната поддршка од фондот, Мисајловски рече дека станува збор за целосен грант од Европската Унија, поврзан со заедничката европска безбедносна политика, учеството во мисиите и постојаната комуникација.
Во однос на возилата „Страјкер“ и JLTV, министерот информира дека се очекува од понеделник да пристигнат на Солунското пристаниште и дека ќе бидат потребни околу 20 до 30 дена за нивно целосно ставање во оперативност, по што, како што рече, медиумите ќе бидат повикани на нивна презентација.
Премиерот Христијан Мицкоски се заблагодари на Европската Унија и на амбасадорот за донацијата и за, како што рече, препознавањето на квалитетот и посветеноста на Македонската армија како составен дел од НАТО Алијансата. Тој упати благодарност и до Министерството за одбрана, началникот на Генералштабот, старешините и војниците за денешната вежба и нивната работа.
Мицкоски порача дека Владата останува посветена на исполнување на обврските кон НАТО и посочи дека средствата што се издвојуваат за одбраната во македонскиот случај достигнуваат и до четири проценти од Бруто-домашниот производ, што, како што наведе, е цел што Владата ќе настојува да ја одржи и во наредните години.
– Пред неколку дена во посета кај нас беше главниот командант на вооружените сили на НАТО за Европа, господинот Гринкевич, кој јасно кажа дека сите инфраструктурни проекти кои во моментов ги движиме, вклучително и средствата кои ги издвојуваме, претставуваат пример за многу земји членки на НАТО. Тие во нашиот случај достигнуваат и до четири проценти, што навистина за нас претставува една цел којашто ќе се обидеме во годините коишто следат да ја одржиме — четири отсто од Бруто домашниот производ, имајќи предвид дека номиналниот бруто домашен производ во последно време расте со стапка од осум проценти и повеќе, ќе претставува предизвик, но секако ние како Влада имаме приоритет да инвестираме во нашата македонска Армија и да ја направиме армијата поконкурентна, иако таа, можам да кажам дека е навистина исклучително конкурентна – истакна премиерот Мицкоски.

































