Независниот синдикат на судска администрација и Синдикатот на Затворска полиција и администрација, како дел од Независниот синдикат на државна администрација, денеска, остварија средба со министерот за правда Игор Филков, како и со директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов.
Како што посочи претседателот на Независниот синдикат на државната администрација, Горан Петрески, на средбата било укажано на недостатоците во судството и Затворската полиција, недостигот на униформи, како и отсуството на обука на судска полиција.
Петрески истакна дека во изминатиот период вработените во Затворската полиција се соочуваат со закани од страна на притворени и осудени лица, како и од нивни приврзаници.
– Укажавме дека не се исплатени бонус плати за 2023 година во затворскиот систем, укажавме дека вработените во Затворската полиција немаат соодветна опрема, немаат возила, радио врски и така натаму. Изминатиов период има многу несигурност кај припадниците на затворска полиција, бидејќи истите подлежат на закани од притворени и од осудени лица, како и од нивни роднини и пријатели. Производ на таквите закани се низата опожарувања на приватни возила и затоа од таа причина ние побаравме правна заштита за ваквата категорија на вработени – рече Ристески.
На средбата, Ристески рече дека било побарано исплата на додатокот на плата за судската служба, како и бенефициран стаж за одредени работни позиции кои се од специфичен вид.
Нетранспарентно е, вели Ристески, Судскиот совет да одлучува за додатоците на плата за судската администрација, бидејќи, вели со одлуки на Советот тие не добиваат додаток на плата по разни основи.
– Не добиваат додаток на плата по разни основи. Ќе донесат одлука про форма и истата министерот за финансии ја одбива. Согласно тој правилник не е обврзувачки тоа да биде исплатено. Од тие причини побаравме министерот за правда да донесе посебен правилник за вработените во судскиот систем, којшто ќе биде со задолжителна клаузула и така ќе почне да се враќа довербата на вработените во институцијата – рече Ристески.