Фото: Игор Бансколиев

МАКЕДОНСКИОТ СИМБОЛ И ЗНАМЕ „СОНЦЕТО ОД КУТЛЕШ“ ПОВТОРНО ГИ МОБИЛИЗИРА ГРАЃАНИТЕ

Организаторите на собирот, односно од „Сончева револуција“ посочија дека со собирот се дава решителен одговор на пораките за прохибиција, рестрикција, правни и политички притисоци и заканување, како и институционално санкционирање на поединци и групи за употребата на симболи, знамиња, грбови и знаци што претставуваат историски белези на борбата на македонскиот етникум и нација, за слободата, за уважувањето, демократијата, за своја држава, територија, јазик и култура, преку кои белези Македонците ќе бидат препознаени насекаде по својата уникатност и посебност, а наедно и како отсекогаш силни чинители на универзалните вредности на човекот како поединец и на пошироките преостанати колективитети

Пред македонското собрание, под слоганот „И јас сум Тони Менкиноски“, во организација на „Сончева револуција“, се одржа собир за поддршка на адвокатот Тони Менкиноски, кој е обвинет за нарушување на јавниот мир и ред, откако го развиори знамето со шеснаесетзрачното сонце во Охрид. Од широката анкета со насобраните граѓани пред парламентот, нивниот заеднички став беше дека судењето против Менкиноски е всушност „судски процес за прохибирање и казнување за употреба на шеснаесетзрачното сонце од страна на македонските граѓани“!

Граѓаните на Македонија што протестираа ја изразија својата „свесност за вистината за употребата на споменатиот симбол и знаме“, имено дека „не постои закон ниту ќе биде напишан таков што ќе забранува да биде развиорено шеснаесетзрачното сонце“ и дека сега „чинот на неговото развејување не е санкциониран во приватната употреба!“.

Претходно неколку академици и интелектуалци јавно и решително застана зад слободата за употреба на македонскиот симбол со шеснаесетзрачното сонце, односно сонцето од Кутлеш, посочувајќи дека тоа знаме е обединувачки симбол на македонскиот народ и треба да биде прогласено за македонско културно наследство!
Организаторите на собирот односно од „Сончева револуција“ посочија дека со собирот се дава решителен одговор на пораките на прохибиција, рестрикција, правно и политичко заканување, како и институционално санкционирање на поединци и групи за употребата на симболи, знамиња, грбови и знаци што претставуваат историски белези на борбата на македонскиот етникум и нација, за слободата, за уважувањето, демократијата, за своја држава, територија, јазик и култура, преку кои белези Македонците ќе бидат препознаени насекаде по својата уникатност и посебност, а наедно и како отсекогаш силни чинители на универзалните вредности на човекот како поединец и на пошироките преостанати колективитети.

Наедно беше нагласено дека собирот има цел да ги обедини сите, без разлика на политичката припадност, затоа што Македонците имаат право да го користат знамето со шеснаесетзрачното сонце и да се гордеат со него. Пред присутните свое обраќање имаше и Елена Петковска од „Сончева револуција“. Таа нагласи дека шеснаесетзрачното сонце, ѕвездата од Кутлеш, е нераскинлив дел од нашиот идентитетски код.
– Престанете да им премолчувате на тие околу вас кога пробуваат да ја понижат македонштината што ја носите во себе. Не ги заштитувате вашите деца одбегнувајќи ја темата. Напротив. Гласноста на нашите мисли и чувства е првиот чекор во освестувањето на обесхрабрените. А свесноста, таа ќе ни ја врати Македонија. Затоа сме денес тука. Не само да го браниме, не да го одбраниме Тони Менкиноски, туку да го одбраниме своето, светото, оти судејќи го него, ни судат на сите. Знаме што еднаш ќе се подигне никогаш нема да падне. Без сонцето нема живот, затоа што сонцето е ѕвезда што живот дава – рече Елена Петковска

Свое обраќање имаше и Тони Менкиноски, кој се заблагодари за поддршката што му е дадена во моментот. Во однос на судскиот процес, тој рече дека не постои закон или меѓународен акт што можат да ги спречат граѓаните да го веат шеснаесетзрачното сонце.
– Како прво и основно, не постои закон што може да нѐ спречи да го вееме македонското знаме. Поради таа причина против мене е поднесено обвинение за нарушување на јавниот ред и мир, бидејќи и тие самите не знаеле како да го нормираат обвинението. Со ова сакаат да покажат дека Македонците не смеат да го користат ова сонце. Сакаат да покажат, ете, ние го осудивме адвокатот, којзнае што ќе ви се случи вам. Нема ништо да им се случи, да го виорат македонското знаме, како овие деца од „Сончева револуција“ – рече Менкиноски.

Во однос на прашањето за употреба на знамето со шеснаесетзрачното сонце, сличен став има и д-р Јован Јоновски, според кого неговата употреба не е санкционирана во приватна употреба.
– Под приватна употреба на споменатото знаме се подразбира негова употреба во домот, свадбени веселби, манифестации, спортски настани, протести и др. – вели д-р Јоновски.

Според него, знамето со шеснаесетзрачното сонце беше државно знаме на Македонија од 1992 до 1995 година и во суштина е историско знаме, исто како што е историско знамето со петокрака, и беше користено во периодот помеѓу 1943 и 1992 година. Д-р Јован Јоновски исто така нагласува дека голем дел Македонци шеснаесетзрачното сонце го доживуваат како симбол на македонскиот народ, а слична е состојбата и кај македонската дијаспора.
– Во согласност со Закон за употреба на знамето, грбот и химната, знамето со шеснаесетзрачното сонце не може да се користи онаму каде што со споменатиот закон е регулирана употребата на македонското државно знаме – вели д-р Јоновски.


Одложено рочиштето против Менкиноски поради непојавување во Судот на пријавителите

Рочиштето што требаше да започне вчера во Основниот суд во Охрид против адвокатот Тони Менкиноски се одложи поради непојавување на пријавителот, во случајов претставници на МВР. Адвокатот Менкиноски се товари дека го нарушил јавниот ред и мир кога на Водици во Охрид, кај Долна порта, го истакнал знамето што до 1994 година беше официјално на Република Македонија.
– Во согласност со законот за кривична постапка мора да присуствува, да има лице од МВР што ќе го образложи обвинението против мене. Во спротивно, ако не се појави на наредното судење, ќе излезе народната „кадија те тужи, кадија те суди“. МВР не сака да научи дека во прекршочна постапка, во согласност со законот мора да присуствува на судењата што ги поднесува против граѓаните. Сега го добив барањето и може да се види, има и слики за тоа, дека ние не го нарушивме јавниот ред и мир. Да видиме како ќе го докажат тоа – рече Менкиноски по излегувањето од Судот во Охрид.

Тој и по одложеното рочиште изјави дека не се чувствува виновно, додавајќи дека „нема закон според кој можат нас Македонците да нѐ репресираат да не го истакнеме македонското знаме од Кутлеш“.

Инаку од утрината голем број охриѓани, под слоганот „Јас сум Тони Менкиноски“, со знамиња беа пред Основниот суд во Охрид во знак на поддршка на адвокатот Менкиноски, а таму го дочекаа и исходот од судењето.

Д.Ст.


РЕАКЦИИ НА ИНТЕКЕЈТУАЛЦИТЕ ЗА УПОТРЕБАТА НА СОНЦЕТО ОД КУТЛЕШ

Академик Катица Ќулавкова
– Нашето предание и материјалното културно наследство недвосмислено сведочат за тоа. Затоа и беше прогласено со Уставот на РМ за симбол на македонското државно знаме. Сонцето е симбол на љубов, не на омраза. Над 140 држави во светот го признаа тој симбол како легитимно македонски. Должност е на македонските државни институции да го почитуваат првото македонско државно знаме. Апсурдни се обидите за забрана на сонцето од Кутлеш и за осуда на почитта на народниот симбол. Се самопониживме пред светот кога го повлековме државното знаме од официјална употреба. Денес, ако живееме во слободен свет, треба да ни биде чест да го употребуваме симболот на шеснаесеткракото сонце како македонско етничко знаме. За осуда се, всушност, договорите што Р Македонија ги потпиша спротивно на важечкиот Устав на РМ. За осуда е практиката прво да се потпишуваат противуставни спогодби, после да се менува Уставот. Тоа е незамисливо во нормалниот и цивилизиран свет. Адвокатот Тони Менкиноски направи морален подвиг преземајќи ја врз себе одговорноста за која се товари, заштитувајќи ги така симболично сите Македонци кои се изложени на политички говор на омраза – вели академик Ќулавкова.


Александар Јорданоски, линвист и експерт за заштита на културното наследство
– Застапеноста на сонцето од Кутлеш кај Македонците, покрај правната основа за прогласување културно наследство, отвора можност да се смета и како национално богатство во согласност со Законот за заштита на културното наследство, ратификуваните меѓународни договори и прописите на Европската Унија, бидејќи има значителна честа појава кај широк спектар материјални подлоги, а предвидени со законските ставки (членот 32-а). Широката и квалитативно разработена правна рамка во Законот за заштита на културното наследство кореспондира со широката распространетост во материјална и духовна смисла на сонцето од Кутлеш како обединувачки симбол на Македонците. Според тоа, сосема е легитимна иницијативата (содржински и законски) на адвокатот Тони Менкиноски за прогласување на сонцето од Кутлеш за културно наследство и национално богатство заради обединувачката симболика на македонскиот народ – вели м-р Александар Јорданоски.