Фото: Влада

Колку што македонската страна настојува да ги задоволува барањата на Атина и Софија траспонирани во Преспанската спогодба со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија и да ги задоволи соседските бескрајни хегемонистички апетити кон Македонија, толку тие соседи, а особено во последно време Бугарија, војуваат против Македонија, очекувајќи наша политичка и национална капитулација.

Додека од охридскиот Преспа-форум се упатуваат пораки за разумност и меѓусебно разбирање, истовремено и непрестанато од Софија и од бугарските политичари се упатуваат отровни стрели на сметка на македонскиот народ и неговата држава!

1. Еве, вчера последен, но не и прв, во таа низа на негатори на македонската историја, култура, јазик и писмо, се јави познатиот македонофоб, европратеникот Андреј Ковачев. На своевиден начин ја исмејува молбата на македонската влада до германскиот парламент за изгласувањето на посебната резолуција за поддршка на македонската култура, идентитет и јазик.

„Проблемот, поточно чудниот феномен е што тие се молат кај друга држава со одлука во парламентот да признае дека постојат македонскиот јазик, култура и идентитет. Не сум слушнал за друг сличен феномен на нашата планета, една држава да биде толку несигурна во својот идентитет, јазик и култура што мора да моли друга земја со политичка одлука на законодавно тело да ѝ ги признае јазикот, културата и идентитетот“, изјави Ковачев.

Поддржувајќи го „европскиот пат на Македонија“, Ковачев којзнае по кој пат ја подметнува тезата за постоење на македонскиот народ и јазик од 1944 година, јасно асоцирајќи дека поранешната историја била чисто бугарска, а Македонците до тој датум биле Бугари. Таа теза сега ја актуализира со тоа што бара заедништво онакво какво што прават Романија со Молдавија и Грција со Кипар и како такви да бидеме заедно во ЕУ(?!). Тука сигурно ништо не би било спорно ако не се знае дека Ковачев, всушност, алудира на еден ист народ во две различни држави, какви што се народите на наведените држави.

Затоа ако Ковачев, како што вели самиот, не слушнал досега „за друг сличен феномен на нашата планета, една држава да биде толку несигурна во својот идентитет, јазик и култура што мора да моли друга земја со политичка одлука на законодавно тело да ѝ ги признае јазикот, културата и идентитетот“, тогаш веројатно слушнал за „феноменот на негацијата на посилниот да му го одзема правото на послабиот и помалоброен народ да се самоидентификува и развива и да не го признава“?! За тој феномен сигурно чул, видел и почувствувал, но не му одговара да каже дека и Софија спрема Македонија дрско се осмелува да ги прегази јус когенс – врховните перемпторни норми на меѓународно право, кои по дефиниција се „највисоки обичајни норми, правила и принципи, посилни од диспозитивното т.е. пишаното право“. Тоа е бугарскиот феномен!

А знаат ли во Софија дека токму овие норми и принципи не се подложни на дерогирање? Од никого и од ничија страна!
Но, не само што меѓународната заедница го знае тоа, не само што им е јасно на меѓународните институции и ЕУ, туку премолчно и Брисел ѝ го дозволува на Софија!?
Затоа, господа, не е „феномен“ барањето за потврда на идентитетот, туку „феномен“ е всушност чинот на негирањето и „феномен“ е – дозволата да биде одземено правото на самоопределување и интегритетот, правото на правна и суверена еднаквост и правото на државен и територијален суверенитет и интегритет, правото на независност, правото на немешање во строга внатрешна надлежност, правото на недерогирање на елементите од правниот субјективитет, правото на заштита на основните човекови поединечни и колективни права и слични егзистенцијални права… Тоа е феномен над феномените!

На Софија и Брисел (а богами и нам) треба да им е јасно дека „држава и да сака не може да се откаже (ниту усно ниту со пишан документ односно закон, устав или меѓународен договор) од овие гореспоменати највисоки демократски норми, бидејќи како држава мора да ги поседува основните елементи на државност, односно права поврзани со правната должност на државниот ентитет. Во спротивно нема да постоиме како држава! А во крајна линија, изгледа дека иако некој одамна го посакува тоа, ниту може ниту пак ќе дозволиме да се случи тоа.

2. Македонските илузии дека со промена на Уставот и впишувањето на Бугарите во него ќе бидат надминати сите политички судири и недоразбирања уште еднаш ги разби потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова. Во строг живковистичко-сталинистички стил, заканувачки ги предупреди македонските власти дека покрај Уставот на РСМ, треба да има измени и според потпишаните заеднички протоколи, кои зборуваат за промени во учебниците, оценување историски датуми и личности и отворање досиеја. Кажувајќи дека ништо од ова не е направено, таа бара итни чекори и решенија од страна на бугарската влада. Притоа ја опоменува истата таа дека не смее ниту да помисли да отстапи ни милиметар од она што е бугарска позиција утврдена во декларациите на Собранието.

Очигледно е дека бугарските ставови не се совпаѓаат со тврдењата на македонските, кои сите овие прашања настојуваат да ги амортизираат или да ги стават под тепих. Тие се сосема различни од изјавите на премиерот Ковачевски и на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои, очигледно, се обидуваат секој на свој начин да ја кренат маглата што сѐ уште е густо спуштена врз македонската јавност. Р.Н.М.


Европската комисија страда од хроничен недостиг од одговорност!

Хрватскиот претседател Милановиќ на Преспа-форумот:

Европскиот парламент (ЕП) и Европската комисија (ЕК) не се демократски институции, рече хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на третиот Преспа-форум, кој се одржа во Струга. Тој даде отворена и храбра забелешка адресирана до институциите на ЕУ дека „пред да ги подучуваат аспирантите за членство во ЕУ за човековите права и демократијата, треба да размислат за нивото на демократија во ЕУ“.
– Пред да почнеме да им држиме предавања на другите за човековите права, вредности итн., треба да застанеме и да размислиме за себе, за нивото на демократија во ЕУ – рече Милановиќ на панелот „Мир и демократија против војната и автократијата“ во Струга.
– Самите институции на ЕУ, во најмала рака, се едвај демократски. Европскиот парламент (ЕП) не е демократска институција, не функционира како националните парламенти. Европската комисија не е демократска институција – таа страда од хроничен недостиг од одговорност – кажа Милановиќ, а во домашната и меѓународната јавност силно одекна неговата забелешка.

Претседателот на Хрватска упати јасна порака со ставот дека „не постои валидна причина зошто земјите од Западен Балкан нема да бидат примени во ЕУ“, посочувајќи дека процесот на пристапување е „понижувачки долг“ и „непредвидлив“.
Во истиот контекст претседателот на Хрватска, Милановиќ, парафразираше една позната историска изрека на Катон Постариот за Картагина и јасно поентираше: „На крајот на краиштата, мислам дека тие треба да бидат прифатени (во ЕУ) затоа што не се полоши од нас“!