Недовршените објекти од проектот Скопје 2014 го грдат лицето на главниот град и би сакал поскоро да бидат завршени, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање каков е планот на Владата за недовршените објекти од овој проект, со оглед дека со ребалансот не се предвидени пари за завршување на тие згради годинава.
– Навистина тоа е прашање кое што мене лично многу ме засега како човек роден во Скопје, израснат тука и навистина е тоа премногу грдо онака како што изгледа сега незавршена и недовршена и бараме начин за голем број од тие објекти како да ги завршиме. Јас за вкусовите не сакам да дискутирам, можеби некој има одреден правец во уметноста којшто му се допаѓа, некој има друг правец во уметноста којшто му се допаѓа, можеби мене тоа што не ми се допаѓа некому му се допаѓа, но јас сум љубител на модерниот стил и би сакал тие згради и објекти коишто вие ги споменавте да бидат час поскоро завршени само за да не го грдат лицето на главниот град бидејќи се заборавени – рече Мицкоски при посетата на Царинската управа.
Тој истакна дека пари не се предвидени бидејќи се прават анализи каков е нивниот правен статус, бидејќи, како што рече, дел од тие објекти се и приватни инвестиции.
– Сега не можеме ние како држава и тие приватни објекти да ги санираме, но секако со инвеститорите би сакале да разговараме, да работиме да тоа се заврши. Да видиме што можеме да помогнеме навистина. Прочитав еден податок дека бројот на туристи кај нас е зголемен за 11 проценти споредено со минатата година, додека читам во околината оние традиционално интензивни туристички држави имаат намален број на туристи оваа година, во некои од државите и до 20-25 проценти – рече премиерот, кој најави специјална политика со туризмот.