Сѐ уште никој не ги посочил причините поради кои е извршен непријателски чин врз нас, велат од македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ од Благоевград.
– Се чувствуваме навредени и збунети од демолирањето бидејќи во овој момент никој сè уште не ги навел причините поради кои е извршен чин на непријателство врз нас – истакнуваат претставниците на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ од Благоевград, кој беше отворен на приватна иницијатива, кон крајот на октомври минатата година.
Ставот е потпишан од еден од иницијаторите за обелоденување на клубот – Атанас Мазнев, а е поврзан со нападот во саботата вечерта, при што беше скршен излогот на клубот.
Во врска со инцидентот беа приведени четири лица – двајца мажи и две жени, информираат за БТА од полицијата во Благоевград.
Од македонскиот културен клуб наведуваат дека имаат цврста увереност дека ниту законски, ниту морално не го заслужиле тоа што се случи.
Според нив, институциите на бугарската држава и влада сѐ уште не изразиле став со кој ќе го оценат нападот – дали го осудуваат или прифаќаат, а на напаѓачите им е испратен сигнал за толеранција.